Младиот пејач Јанг Дади кој за кратко време успеа да привлече големо внимание на домашната музичка сцена, отворено проговори за своите колеги, нивниот однос кон работата и за тоа што е навистина потребно за еден артист да биде успешен. Во интервју за „Бекстејџ“, тој не го криеше незадоволството од недостигот на амбиција и храброст кај дел од музичарите.
„Ме нервира мрзеливоста која ја гледам кај многу од моите колеги. Секој си има свој пат и секој треба да си работи како што мисли. Сепак, јас не сум некој ментор. Многу од артистите не се доволно смели и се многу мрзеливи, нормално, со чесни исклучоци, не сум јас единствен. Главниот клуч за да биде нешто забавно и успешно е многу работа и константно да си ги побиваш своите граници. Тоа е многу битно. Не треба да се рамниме едни со други. Ме нервира…“, изјави Јанг Дади за „Бекстејџ“.
Зад уметничкото име Јанг Дади стои Давид Даниловски, кој неодамна го прослави својот 25. роденден. Неговата музичка приказна започнала уште во тинејџерските години, кога првите песни ги снимал на таблет и ги објавувал на платформата „Саундклауд“. Поголемо внимание привлече во 2019 година со песната „Пинаколада“, а денес важи за едно од најпопуларните млади имиња на домашната хип-хоп и трап сцена.
Особено успешна за него е 2026 година, во која песната „Лидија“ стана голем хит, а неговата музика доби уште поголема популарност меѓу младата публика. Неодамна ја објави и „EX YU“, во соработка со Андреј Ник, во која гостува гитаристот на „Дивље јагоде“, Сеад Зеле Липовача, додека во спотот се појавува манекенката Катарина Ивановска.
Пред Јанг Дади е и еден од најголемите предизвици во неговата досегашна кариера. На 30 декември ќе одржи голем концерт во Т арената во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, во организација на „Авалон”.
Слични објави
Се вчитува....
