12.8 C
Скопје
13:25 - 16 мај, 2024

Џамиите ги отворија вратите: Малкумина верници, со маски и на дистанца, дојдоа да се помолат (ФОТО)

Повеќето џамии на Бит Пазар, Дуќанџик, Старата Скопска чаршија и на скопско Кале денеска, како и низата други џамии во 13. муфтиства ширум земјава после 55 дена затвореност, ги отворија вратите за верниците. ИВЗ, отворањето на џамиите го најави минатата недела на вонреден состанок, кој се одржа по масовната литија во Струга, за празникот „Св. Ѓорѓија“.

Од ИВЗ известија дека одлуката ја донеле врз основа на фактот што во земјава се намалил бројот на заразени и најавија дека при посетата на џамиите ќе се почитуваат мерките за физичка дистанца, молитвите ќе се вршат на одредени места, ќе се носат маски, а верниците ќе можат да се молат и во дворот на џамиите.

Денеска во џамиите во Скопје немаше многу верници на пладневната молитва. Најбројни беа во Мустафа-пашината џамија, едвај десетина, и тоа од постарата  генерација. Дел од верниците, во разговор за репортерската екипа на „Слободен печат“ рекоа дека дошле за да се помолат и да си олеснат на душата, оти според нив, како верници, не било исто да се молиш дома и во џамија.

Фото: Слободен печат / Арбнора Мемети

– Во овој двор и во внатрешноста на џамијата нема многу верници кои се молат. Гледате дека повеќето од нив ги почитуваат препораките на надлежните да не се собираат во група, без разлика што од денеска се отворени вратите на џамиите. Може некои верници ќе дојдат на вечерната молитва. Знаете Рамазански пости се. Луѓето се може дома. Но, ете убаво е кога знаеш дека џамијата е отворена и можеш да дојдеш да се помолиш – вели скопјанецот Мустафа Шабани.

Од скопското Муфтиство за „Слободен печат“ велат дека без разлика што од денеска се отворени вратите на верските објекти за верниците од муслиманска вероисповед, правилата за дневните намази во џамија за време на период додека е пандемијата на Ковид-19 остануваат на сила и се задолжителни за секој верник кој влегува во дворот на џамијата.

Фото: Слободен печат / Арбнора Мемети

– Верниците со симптими на грип, намазите ги обавуваат дома, а не во џамија. Секој со себе носи лична сеџада, тепих и личен Куран. Задолжително е секој верник да носи маска и да ги дезинфицира рацете при влез во џамија. Внатре пак во џамијата, се клања на места однапред одредени, а не каде сака. Секој верник е должен во дворот на џамијата да се грижи за физичката оддалеченост од другите верници. По завршување на намазот се препорачува да се избегнуваат физичките контакти. Не смее да се создава гужва при влегување и излегување во џамија, а уште помалку е потребно верниците да се задржуваат во група непотребно внатре илинадвор од џамијата – велат од скопското Муфтиство.

Фото: Слободен печат / Арбнора Мемети

Џамиите во земјава беа затворени токму со одлука на Исламската верска заедница (ИВЗ) на 17 март годинава, во екот на пандемијата на коронавирус. Тогаш поглаварот на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи рече дека нема да се организира ниту петочната молитва „Џума” и апелираше до верниците тоа да го направат дома.

– Во случај на починати како последица од коронавирусот, погребната церемонија се врши од надлежните органи, додека пак намазот на починатиот и другите церемонии според Исламскиот шеријат, ќе се вршат по погребот. Оваа правило важи и за починатите кои евентуално ќе бидат донесени од странство – изјави Реџепи.

Фото: Слободен печат / Арбнора Мемети

Поглаварот тогаш им порача на исламските верници да ги избегнуваат сите масовни собири, да бидат мирни и во склад со своето верување, да ги следат препораките на одговорните луѓе, да не стануваат жртви на непотребна паника.

The post Џамиите ги отворија вратите: Малкумина верници, со маски и на дистанца, дојдоа да се помолат (ФОТО) appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....