22.8 C
Скопје
17:57 - 27 април, 2024

Златко Митрески и Македонка Митреска Илиевска: Луѓето имаат проблем да видат нешто поразлично

Театарот „Пи“ е одговор на потребата за создавање едуцирана, нова, и паметна критична маса која уште од помала возраст ќе биде театарски едуцирана и дури ако не продолжи да се бави со театар или која било друга уметност во иднина, ќе има потреба да биде „добра“ критична маса на општеството во кое живееме.


Театар „Пи“, создаден пред 13 години, е единствен театар на Балканот кој континуирано работи со лица со попречености и лица со типичен развој, основан и предводен од актерите Златко Митрески и Македонка Митреска Илиевска. Златко и Македонка постепено успеале да создадат екипа од перформери со кои низ различни методи создаваат авторски театар. „Со тоа им даваме можност да се реализираат, преку нивниот светоглед низ уметноста да ги изразат своите проблеми и да го пронајдат своето место во општеството“, вели Златко и продолжува:

„Луѓето кај нас треба да разберат колку моќна алатка е театарот затоа што гледаат на него само како еден вид на забава. Ние, низ годините, веќе создадовме голема маса на млада крв во која се вклучени и лица со попречност, која современиот театарски израз може да го препознае, дури и да го критикува со веќе стекнато знаење и може да ги препознае општествените, политички и културни реалности и предизвици на современиот свет. Верувам дека театарот пред сè се спротивставува на различните обиди на луѓето да им се одземе правото на глас. Некако, и покрај многу пречки врзани со недостаток на соодветен простор, финансиски средства и други човечки фактори, успеваме тврдоглаво да останеме на нозе. Следен чекор ни е барање средства за сопствен простор со постојана локација“, објаснува Златко на почетокот на разговорот.

Кој сè може да се вклучи во театарската школа, има ли критериуми кои треба да се исполнат, освен желба за глума?

Златко: Во моментов за потребите на новите актерски и музички работилници „Театар Пи“ ги отвара вратите за нови членови на возраст од 13 до 21 година со типичен и атипичен развој. Работилниците се бесплатни за сите заинтересирани учесници. Важна е желбата, секако и талентот, но најважна е одговорноста и постојаноста без која не може да се влезе во театарски процес затоа што театарот е колективна работа и зависиме едни од други. Театарот е огледало на општеството и одговорноста многу ни значи.

Какви методи и техники применувате во школата?

Македонка: Работиме авторски театар кој подразбира процес на работа низ кој сите заедно избираме актуелна тема која не засега која ја обработуваме и низ која создаваме уникатни сцени од кои правиме целосна театарска претстава. Претстави за возрасни, а играни од деца. Низ процесот споделуваме лични проблеми и табу теми бидејќи театарот ни овозмозува да бидеме свои, слободни, да се самоосознаваме, преоткриваме, подобро да ги разбираме проблемите, да биеме по емпатични итн. Театарот нè прави подобри луѓе. Алатките кои ги користиме се комбинација од различни методи во зависност од моменталната потреба и индивидуалноста на секој актер, од документарен театар, форум театар, имиџ театар (image theatre) сè до физички театар и др.

Како децата со атипичен развој ја прифаќаат глумата, влегувањето во други улоги, учењето реплики, сценскиот настап?

Македонка: Многу лесно се вклопуваат во играта. Живеат за да бидат на сцената. Бидејќи е воншколска активност, Театар Пи им нуди можност да се себеискажат надвор од нешто задолжително. А сè што не е задолжително значи дека „ Јас сакам- јас можам“. Имаше случај со едно дете со аутизам кое имаше само една улога во претставата „Ништо не е страшно“. На една од пробите во отсуство на неколку актери сфативме дека го знае напамет текстот на сите ликови од целата престава. Особено сакам да ја истакнам работата со лицата со интелектуална попреченост од ЦПЛИП „Порака-Скопје“ со кои соработуваме. Труд се вложува многу, но вреди за тие наши актери, бидејќи безрезервно се фрлаат во театарската работа. Претежно публиката на тие претстави е од многу тесен круг на луѓе. Луѓето имаат проблем да дојдат. Да видат нешто поразлично. Во контекст на ова еден наш актер, лице со интелектуална попреченост, веќе покоен, ни кажа- „Мене ништо не ми пречи“- Јас сакам да прашам- а, вам!?

Веќе освоивте награди надвор од границите на земјата, колку вашата работа е вреднувана и поддржана дома?

Златко: Гостувавме на Софискиот Фестивал на авторски театар – ФАТ кој е еден од најавтентичните фестивали за авторски театар на Балканот. Со претставата „Ништо не е страшно“, освоивме две награди во конкуренција со професионални театри и тоа награда за најдобра режија и награда за синергија за актерска игра за истата претстава, во која учествуваат лица со интелектуална попреченост од ЦПЛИП – „Порака- Скопје“ и актери од нашиот театар. Секако имаше позитивни реакции и во Македонија, но кај нас има секогаш едно „НО“. Културата сите знаеме дека е последна дупка на кавалот во Македонија, со конкурси со минимални средства за независни проекти. Ако го исклучиме МКЦ кој не може со своите капацитети да ги задоволи потребите на сите, Македонија е сè уште единствената земја во Европа без посебни простори и центри за производство и презентација на современи независни изведувачки уметности. Тоа треба да смени.

Најавивте изложба и концерт во составот на иницијативата „Ние луѓето“, за што поточно станува збор?

Златко: „Ние, луѓето“ е мултимедијален концепт со кој низ главно театарски, но и фотографски, сценографски, музички и психолошки работилници кои ги водат едукатори- професионалци во својата област, учесниците со типичен и атипичен развој ќе поминат низ целосен процес на создавање на комплетно театарско дело. Крајот на октомври 2023 ќе се реализира концерт и изложба на фотографии, а во мај 2024 ќе имаме премиера на истоимената театарска престава. Темата е инспирација од писателот Јордан Радичков, а проектот е финансиран со средства од Бугарска развојна помош.

На што ќе се фокусирате во наредниов период?

– Освен проектот „Ние,луѓето“ паралелно работиме и на театарска престава со наслов „Далеку од нас“ која е инспирирана од книгата на Ендрју Соломон „Далеку од дрвото“ кој ги раскажува приказните за лица со типичен и атипичен развој и нивните родители кои не само што учат да се справуваат со своите исклучителни деца, туку и наоѓаат длабока смисла во тоа. Сакаме да поставиме едно основно прашање до околната средина: до кој степен луѓето треба да ги
прифатат своите деца такви какви што сè и до кој степен треба да им помогнат да станат најдоброто јас.

 

Слични објави

(Фото) Саша Ковачевиќ на романтично патување со девојката: Силно ја гушка, а таа никогаш посреќна

Еспресо

Совети од Клиника „Жан Митрев: Тироидектомија – отстранување на тироидната жлезда

еспресо

Еве што велат сараевчани за Харис Џиновиќ по разводот од Мелина: „Лош човек, го кренал носот…“

еспресо

Неделен хороскоп (од 29 април до 5 мај): Посебни мигови за Јарците, љубов за Биковите, одлично за Близнаците…

еспресо

(Фото) Силни зборови на Драгана Мирковиќ по разводот: „Многу сум посилна отколку што мислев, се сакам новата себе!“

еспресо

Бакингемската палата ја објави здравствената состојба на кралот Чарлс: Еве ги деталите

еспресо
Се вчитува....