15.8 C
Скопје
16:01 - 15 октомври, 2026

„Небото го испрати, а тој ја испеа на небесен начин“ – приказната зад „Цреша“, песната што Тоше Проески ја нарече автобиографска

Утре се навршуваат 19 години од смртта на Тоше Проески, музичарот чиј глас и песни и денес живеат во спомените на публиката. По тој повод, се потсетуваме на една од неговите песни, „Цреша“, зад која се крие интересна приказна.

Песната „Цреша“, во изведба на Тоше Проески има посебно место меѓу композициите по кои се памети македонскиот пејач. Но зад неа се крие приказна што ѝ дава дополнително значење – од инспирацијата за нејзиното настанување до признанието на Тоше дека ја доживувал како автобиографска.

Авторот на песната, Мирослав Рус, во едно од своите сведоштва за соработката со Тоше зборувал со големо воодушевување за неговиот глас, но и за неговата личност и духовност.

„Тоше го испрати небото и тој ја испеа таа песна на небесен начин. Тоше Проески, во пејачка смисла, за мене е неверојатен, во човечка смисла тоа е посебна приказна, а истото важи и за духовната смисла. Тоа се случува еднаш во илјада години“, рекол Рус.

Песна што Тоше ја доживувал како автобиографска

Тоше првпат ја слушнал „Цреша“ на радиото, во автомобилот на Мирослав Рус, додека двајцата се возеле заедно. Мелодијата и текстот веднаш го воодушевиле, а подоцна песната ја испеал и на својот последен концерт во Скопје, одржан на 5 октомври 2007 година.

Тогаш, според сведоштвото на Рус, Тоше ѝ се обратил на публиката со зборовите: „Сакам само да ви кажам дека ова е мојата автобиографска песна“.

Оваа изјава останала особено значајна за авторот, кој признал дека не се обидел да ја анализира причината поради која Тоше се препознал во песната.

„Тој самиот знае зошто е така. Не се ни осмелив да го анализирам тоа. Значи, имало нешто во таа песна во кое тој се пронашол“, рекол Рус во друга пригода.

Така, без да открива на кои конкретни настани или чувства од животот на Тоше се однесуваат стиховите, авторот оставил простор за лично доживување на песната.

Како публиката му се оддолжила на Тоше

Изведбата на Тоше оставила силен впечаток и кај членовите на групата „Газде“, кои исто така ја снимиле песната. Тие ја пофалиле неговата интерпретација и истакнале дека сè што ќе испеел добивало посебна димензија благодарение на неговиот глас.

По смртта на Тоше, групата му оддала почит на свој начин. На концерт во Домот на спортовите ја извеле неговата песна „Пратим те“, која потоа станала дел од концертното ЦД. Членовите на групата објасниле дека тоа бил нивниот начин да му се заблагодарат на пејачот и да му оддадат признание за неговата музика.

Особено трогателен момент за Мирослав Рус бил кога дознал дека деца во Крушево засадиле црешово дрво во дворот на основното училиште „Никола Карев“, каде што учел Тоше. Дрвото било засадено на 8 ноември 2007 година, во чест на пејачот, а идејата била инспирирана од песната „Цреша“.

Рус раскажал дека заплакал кога ја слушнал веста. За него, тој гест бил доказ дека песната продолжила да живее и надвор од музиката, станувајќи симбол на сеќавањето на Тоше.

Слични објави

Почина таткото на Тони Цетински, познатиот хрватски пејач Мирко Цетински

Еспресо

„Мама и тато те сакаат најмногу“: Едита Арадиновиќ ги собра најблиските на голема прослава за нејзината ќерка Зои

Еспресо

„Ти си мојата најголема желба која ми се оствари“: Бојана Скендеровски со емотивна порака за роденденот на ќеркичката Искра

apostolova

Вечера за само 30 минути — запечени такоси со пилешко месо и кашкавал што ќе ги обожавате

К.С.

(Фото) Катарина Ивановска стана капетанка — македонската манекенка уживаше во едрење со саканиот и пријателите

К.С.

„Постоеше лек за мојот син, но не можевме да го добиеме во Македонија“: Ребека Јанковска за најтешката борба со болеста на Маркијан

apostolova
Се вчитува....