Хрватската пејачка Северина отворено проговори за долгогодишната правна битка за старателството над синот, борбата со анксиозноста и личните предизвици низ кои поминувала во текот на кариерата. Во разговор за емисијата „Попкаст“ (POPkast), таа зборуваше и за новиот музички проект, односот кон вештачката интелигенција и начинот на кој музиката ѝ помага да се справува со сопствените чувства.
Северина го претстави својот нов музички проект, замислен како трилогија што опфаќа три емоционални состојби, изразени преку песните „Анксиозна“, „Бесчутна“ и „Савршена“.
За неа, музиката не е само професија и начин на изразување, туку и еден вид терапија. Таа призна дека со новите песни се обидува да се избори и со креативната мрзеливост, која, како што вели, може да го зафати секој изведувач.
„Овие три песни се мој избор и моја борба против мрзеливоста што сигурно ме зафатила, како што веројатно им се случува на многу изведувачи“, изјави пејачката.
Иако на сцената е позната по енергијата и самоувереноста, Северина откри дека во приватниот живот е интровертна личност. Призна и дека нејзината кариера не започнала како резултат на нејзина детска амбиција, туку дека голема улога во тоа одиграла нејзината сестра.
„Всушност, јас бев амбиција на една друга личност што ме водеше… Тоа е мојата сестра“, рече таа.
Голем дел од разговорот бил посветен на нејзината 12-годишна правна битка за старателството над синот. Северина тој период го опиша како искуство што ја внело во свет целосно различен од животот што дотогаш го познавала.
„Едноставно, влегов во сосема друг свет што не беше мојот живот“, изјави таа.
И покрај тешкотиите со кои се соочувала, пејачката вели дека успевала да пронајде и моменти на хумор, а со текот на времето развила сопствени начини да се справи со ситуацијата.
Толку многу се посветила на судските предмети што, како што раскажа, понекогаш знаела повеќе и од судските приправници. Нејзиниот адвокат Чедо Продановиќ дури на шега ја нарекол најдобра меѓу нив.
Северина ова искуство го опиша како трауматично, но и како период во кој стекнала многу знаење за правниот систем.
„Од тие 12 години судења ги паметам само зборовите на моите адвокати. И тоа дека го положив правосудниот испит“, изјави таа, алудирајќи на тоа колку многу научила додека се борела низ судските постапки.
Пејачката додаде дека била дел од систем за кој смета дека е обременет со корупција низ целиот регион.
Раскажа и за необичната тактика што ја користела во судницата. Кога забележувала сведоци за кои верувала дека лажат, тивко им довикувала зборови, така што судијката да не ја слушне, со намера да ги деконцентрира.
„Тие ќе се заплеткаа во сопствените лаги и ќе заборавеа до каде стигнале“, објасни Северина.
