Легендарната велшка пејачка била итно оперирана во Алгарве, во Португалија, откако кон крајот на минатиот месец била пренесена во болница во Фаро поради перфорација на цревата.
На Бони Тајлер вчера ѝ се влошила здравствената состојба, по што била ставена во индуцирана кома. Таа е префрлена на одделот за интензивна нега и приклучена на респиратор. Пејачката била подложена на операција на цревата, по што настанале компликации.
Локалните медиуми вчера објавија дека нејзината состојба се влошила во последните неколку часа, иако претходниот ден била стабилна. Угледниот португалски дневен весник Correio da Manha пишува дека Бони Тајлер е „без свест“ и дише со помош на респиратор.
„Бони Тајлер е во индуцирана кома откако неколку дена помина во болница во Фаро, по операцијата на цревата“, се наведува.
Лекарите кои се грижат за неа признале дека не можат да предвидат како ќе се развива ситуацијата во наредните часови. Според информациите, Бони итно била пренесена во болница на 30 април.
„Со жалење соопштуваме дека Бони беше примена во болница во Фаро, Португалија, каде што има дом, поради итна операција на цревата. Операцијата помина добро и таа моментално закрепнува.
Знаеме дека нејзиното семејство, пријателите и обожавателите ќе бидат загрижени поради оваа вест и ќе ѝ посакаат брзо и целосно закрепнување“, изјавил нејзиниот портпарол.
Бони е најпозната по песната Total Eclipse Of The Heart од 1983 година, како и по хитовите It’s A Heartache и Holding Out For A Hero.
Бони Тајлер го претставуваше Обединетото Кралство на Евровизија 2013, каде што го освои 19. место со песната Believe In Me.
Легендата на осумдесеттите претходно оваа година призна дека редовно прима ботокс-инјекции, но нагласи:
„За моите години сум во одлична форма, фала му на Бога. И никогаш нема да се пензионирам. Го гледам Том Џонс. Тој е неверојатен. Гласот му е силен како и секогаш — а е десет години постар од мене.“
Во разговор за „Mirror“ минатата година, таа изјави:
„Почнав да пеам кога имав 17 години и никогаш не мислев дека и понатаму ќе го правам тоа на овие години. Малку забавив, но сега знам дека никогаш нема да се пензионирам.“
