Јужнокорејскиот филм „Паразит“ ја освои најпрестижната награда на американското здружение на филмски актери (SAG) во Холивуд.
Овој филм, минатогодишен добитник на Златна палма во Кан, синоќа ја освои наградата за „најдобар актерски ансамбл“, најпрестижното признание на ова здружение.
Режисерот Бонг Џу-Хо, рекол дека по ова, неговиот филм има се поголеми шанси за успех на доделувањето на оскарите, кое се одржува на 9 февруари.
„Паразит“ е номиниран за шест Оскари, вклучувајќи го и оној за најдобар филм. Филмот е фаворит за Оскар за најдобар странски филм, а во обложувалниците му се даваат високи шанси и за победа во категоријата за најдобар филм.
Филмот „Паразит“ пред десетина дена ја доби и наградата за најдобар филм на странски јазик на доделувањето на Златните глобуси.
Семејната драма со примеси на трилер и социјални теми, зборува за влегувањето на сиромашните семејства во секојдневието на богатите.
Од излегувањето, филмот бележи голем успех ширум светот, од Јужна Кореја преку Европа до САД.
– Иако насловот е Паразит, мислам дека приказната е за соживотот и за тоа како сите можеме да живееме еднакво – рекол синоќа Сонг Канг Хо, еден од актерите.
Бидејќи актерите сочинуваат најголем процент од членовите на Академијата за филмска уметност и науки кои одлучуваат за Оскари, нивниот избор внимателно се следи како најава за тоа кој би можел да победи на доделувањето на Оскари, кое ќе се одржи на 9 февруари.
Во останатите категории, актерот Хоакин Феникс ја доби наградата за најдобар актер за филмот „Џокер“, Рене Зелвегер за најдобра актерка за интерпретација на Џуди Гарланд во филмот „Џуди“.
Бред Пит доби награда за најдобра помошна машка улога во филмот на Квентин Тарантино – „Си беше еднаш во Холивуд“, додека Лора Дерн ја освои наградата за најдобра помошна женска улога за улогата адвокат во филмот „Marriage Story“.
Наградени беа уште и Роберт Де Ниро, Џенифер Анистон, како и Питер Динклиџ, кој доби наградата за најдобар актер во серии, за толкување на ликот на Тирион Ланистер во култната серија „Игра на тронови“.