Неодамна дознавме за ново, свежо име на македонската музичка естрада, па му поставивме 6 прашања на Давид Димовски, кој пред околу еден месец го лансираше синглот „Dropout“ под псевдонимот The III of Us.
• Кој е Давид Димовски? Раскажи ни за твојата (поп-арт) мисија.
Музичар, и општо креативна личност. Секогаш штом не сум умеел да се изразам преку еден од трите јазици кои ги познавам, сум морал да испеам, отсвирам или нацртам како се чувствувам. Уште оттогаш знаев дека најсреќен би бил доколку креирам музика. Пред две години се почувствував како да сум го извлекол сето она што сакав од Project Orpheus, мојата претходна четиригодишна музичка кампања, а воедно почнав и да размислувам за еден нов, музички, визуелно прилично маркантен свет, чие неодоливо ехо беше невозможно да се игнорира. Мојот одговор на истото е оваа нова музичка приказна, наречена The Three Of Us.
• Кој е концептот и кој сè е дел од The III of Us?
– Идејата позади новото име и светло во кое се прикажувам, покрај самиот звук и стил е тесно поврзана со поривот да создадеме еден вид на комуна, клан во кој сите што сакаат – можат да бидат во тек со музиката, но и да се чувствуваат како дел од едно движење кое цели да ги потсети сите дека односот помеѓу артистот и публиката може да биде навистина интерактивен и на социјалните платформи и медиуми, како и на самите концерти. Што се однесува до самото име, одамна се спознав со фактот дека бројот 3 крие навистина силна симболика. Во себе имам секогаш двајца екстремисти и еден медијатор, па затоа балансот од сите го нареков The Three Of Us. Веројатно е фер доколку се рече дека можеби сум нашол некакво име и за сопствената шизофренија.
• Го слушавме твојот прв сингл „Dropout“ и мораме да забележиме дека отскокнува од она што сме навикнати да го проследуваме на нашата поп сцена. Текстот е на англиски, а во видеоспотот доминира белата боја. Која е приказната/инспирацијата?
– Во текот на следните година дена ќе можеме да погледнеме 5 сингл изданија, проследени со деби албум. Би сакал да оставам музиката сама за себе да си биде свое објаснување, па топло би Ве поканил да останете во тек со нaс, и на свој начин да ја збогатите со ваша, сопствена интерпретација. Тоа е една од најубавите одлики на музиката, фактот што додека ја творам и ја созревам делумно ми припаѓа мене, а потоа штом ја пушtам да си го најде своето место под небото на јавноста, таа веќе му припаѓа секому.
• Каква музика слушаш и кои музичари „ќе го спасат“ светот?
– Како музичар слушам навистина разновидна музика. Го проучувам и мејнстримот, додека и воопшто не се плашам да нурнам во алтернативата од секаков вид. И двете крајности ме привлекуваат на различен начин.
Што се однесува до оние што „ќе го спасат светот“ – сметам дека тоа ќе бидат оние луѓе кои не заборавиле какви деца биле пред да се здобијат со наметнати ставови. Оние што не се плашат да бидат различни ќе го трансформираат светот во поголемо и побогато место.
• Кои македонски музичари / албуми (периодот не е битен) би ги истакнал како „светско, а наше“ богатство?
– С.А.Ф., Леб и Сол, Тоше Проески, ТБ Трачери, String Forces.
• Сподели 5 твои омилени песни/албуми за периодов или 5 песни/албуми кои се евергрин според тебе.
– Sevdaliza – ISON
https://www.youtube.com/watch?v=znV9KDsNtXY
– Aurora – All My Demons Greeting Me As A Friend (Album)
https://www.youtube.com/watch?v=d_HlPboLRL8&list=PLLnGTFoysLzUipRupYCmtrkFP6cFVNQME
– Hammock – Departure Songs
https://www.youtube.com/watch?v=QwSazmPRfaI
– Massive Attack – Mezzanine (Album)
https://www.youtube.com/watch?v=xiK2JlBpzvI&list=PL-sQwttqzmN1YVqnGb9ChiRTffGyyJcA1
– Nine Inch Nails – With Teeth (Album)