19:31 - 3 ноември, 2026

Солзи и аплаузи на промоцијата на „Дом“: Давид Темелков ги расплака Владо Јовановски и Марија Кондовска

Пејачот Давид Темелков вчера го промовираше видеоспотот за својата песна „Дом“, со која настапи на 41. издание на фестивалот „Макфест“ во Штип. Пред многубројните присутни, песната доби уште една, посебна димензија преку филмската приказна во која главните улоги ги толкуваат двајца познати македонски актери, Владо Јовановски и Марија Кондовска.

Промоцијата помина во топла и емотивна атмосфера, а по прикажувањето на спотот следуваше голем аплауз. Актерите  упатија силни зборови кон младиот пејач, не криејќи колку ги допреле неговата музика, човечност и искреност.

Темелков, кој со години живееше и работеше надвор од Македонија, со „Дом“ отвора тема блиска до многумина: заминувањето, носталгијата, корените и чувството дека, каде и да нè однесе животот, постои место на кое припаѓаме.

„Сакав во спотот да има македонски актери, да биде автохтоно, да биде домашно и да биде најдоброто од Македонија. На овие двајца великани ниту Холивуд не им е рамен“, рече Давид пред присутните да го погледнат спотот.

Особено трогателно беше обраќањето на актерката Марија Кондовска, која со нескриен восхит зборуваше за Давид, за неговото семејство и за атмосферата на снимањето.

„Јас сум опчинета од ова дете, вистински, не е фарса. Восхитена сум од него. Само да ви се јави, да ви прозбори, вашето срце ќе се стопи. Таква племенитост излегува од него, таква милост, таква добрина, таква искреност. И целото негово семејство, со кое се запознавме на снимањето, се исклучителни луѓе, чесни, со еден голем морален и етички компас“, рече Кондовска.

Таа раскажа дека снимањето било исполнето со многу љубов и позитивна енергија што чувството го понела и дома.

„Цел ден работевме и кога дојдов дома, кога ме прашаа како беше, реков: ‘Толку беше убаво, таква една љубов’. Околу него како ѕвезди да има. А кога ова дете ќе запее, тоа е веќе на некое сосема друго ниво. Навистина, Господ каде што дал, се заборавил во неговиот случај“, рече актерката.

Кондовска не ги криеше солзите додека зборуваше за неговиот глас.

„Посебно дете, посебен вокал. Волшепство се случува кога тој пее. Јас се распаѓам, јас плачам и сега се штипам да не се расплачам. Неверојатно ме трогнува“, искрено призна таа.

Актерката се присети и на неодамнешниот концерт на групата „Меморија“, на кој имала можност да го слушне Давид пред голема публика.

„Верувајте, тоа е магија. На едно страшно високо светско ниво гледате еден музички гигант. Многу бев среќна, бев горда на него, како да е мој Давид. Многу сум среќна што бев дел од овој процес“, рече Кондовска.

Не помалку емотивен беше и Владо Јовановски, кој раскажа како започнала неговата соработка со Темелков. Актерот откри дека сè почнало со еден телефонски повик од странство, од млад човек кого дотогаш лично не го познавал.

„Му благодарам на Бога што едно утро ми се јави еден чист, прекрасен глас, една чиста, прекрасна љубовна енергија од еден млад човек. Ми се јави од туѓина да ме праша што мислам за соработка. Прво ме освои со муабетот, со сите теми што ги отворивме, со сите вибрации. Кога ја слушнав песната, знаев дека ова ќе биде голем хит“, рече Јовановски.

Тој нагласи дека Давид е комплетен автор на делото, од текстот и музиката до аранжманот и режијата на спотот, а себе и Марија скромно ги опиша како дел од големата приказна.

„Ние со Марија сме како придружни вокали во целата приказна, по едно камче во големиот мозаик што го чини ова прекрасно дело“, рече актерот.

Јовановски откри и интересни моменти од снимањето, за кои верува дека не биле случајни. Еден од нив бил последниот кадар, кој морале да го снимат во вистинскиот миг, пред да зајде сонцето.

„Кога ќе ми текне дека последниот кадар, каде што требаше да има сонце, ако не го снимевме во тој миг, сонцето ќе зајдеше и тоа немаше да се повтори. Тоа се одредени знаци кои покажуваат дека има божествено присуство“, раскажа Јовановски.

Со особена нежност зборуваше и за иднината на младиот пејач.

„Сигурен сум дека до нас седи една млада, сјајна ѕвезда на музичкото небо, која допрва и тоа како има што да каже. Му благодарам на Бога што го запознав“, рече актерот.

Токму зборовите на Јовановски за домот, заминувањето и враќањето ја открија и подлабоката порака на песната.

„Многу малку внимание обрнуваме на духовниот успех и духовниот раст. Би сакал оваа песна да ги потсети младите кои сакаат да заминат. Нека одат, нека видат како е, нека се вратат и нека донесат нешто добро во оваа наша прекрасна земја. Но, и една поука за постарите, да нè научат како да го сакаме домот. Кога ќе заминеме, да знаеме каде и кому треба да се вратиме“, рече Јовановски.

Актерот сподели и лична приказна за тоа како со години се обидувал да ги убеди младите да останат во Македонија, бидејќи секое заминување го чувствувал како загуба за земјата.

„Македонското општество го доживувам како еден ѓердан и со секој заминат млад човек во странство недостасува по едно парче од тој ѓердан“, рече тој.

Јовановски го заврши своето обраќање со една симболична приказна за каменот кој низ вековите патува од едно место на друго, за на крајот повторно да се врати таму каде што припаѓа.

„Теоријата е дека на крајот на времето секој камен ќе се врати на своето место, во домот. И би посакал да е така“, рече актерот.

Големиот аплауз на промоцијата покажа дека „Дом“ допре до публиката. Темелков ја испеа песната во живо, а потоа заедно со присутните на промоцијата неговиот хит „Мојата Македонија“. (М.Џ.)

Слични објави

(Видео) Има само 15 и пол години, а веќе е на големата сцена: Тамара Грујеска успешно дебитираше на „Макфест“

Еспресо

Милица Тодоровиќ ја откри причината зошто таткото на детето се криел: „Мајка ми ми рече дека така е најдобро“

Еспресо

Дани Димитровска го посети синот Лазар во Холандија: Сакав да биде независен, да научи да живее далеку од мене

Еспресо

Бугарскиот крал на фолкот како Спајдермен — Азис ги изненади следбениците за Ноќта на вештерките

E.A.

(Видео) Ова е свршеницата на Војаж со која доби дете: Се занимава со јавна работа, но ја чува приватноста

Еспресо

„Тијана плачеше на секоја моја песна“: Тамара откри како сестра ѝ реагирала на новиот албум, а раскажа и што најмногу сака да пее малата Хана

Еспресо
Се вчитува....