Ако сакате домашни солени печива, но немате многу време за подготовка, овие лиснати залчиња со сирење и сланина се одличен избор. Крцкавото тесто во комбинација со кремаст фил, растопен кашкавал и чадена сланина создава вкусна закуска што можете да ја послужите за појадок или како предјадење.
За подготовката се користи готово лиснато тесто, па нема потреба од месење и чекање тестото да нарасне. Посебен вкус на филот му дава дижонскиот сенф, кој одлично се вклопува со сирењето и сланината.
Печивата се највкусни веднаш по печењето, додека тестото е крцкаво, а кашкавалот сè уште растопен. Можете да ги подготвите и однапред, да ги чувате во фрижидер и да ги загреете пред послужување, пишува „Пун куфер“.
Од наведените количини се добиваат шест печива, а за печењето се потребни околу 15 до 20 минути.
Состојки
- 1 лист готово лиснато тесто
- 45 г крем-сирење
- 1 лажичка дижонски сенф
- 6 тенки парчиња чадена сланина
- 100 г рендан кашкавал (гауда, чедар или гријер)
- 1 јајце
- Свежо мелен црн пипер по вкус
Подготовка
Загрејте ја рерната на 200 степени.
Одвиткајте го лиснатото тесто и поставете го врз хартијата за печење во која било спакувано. Исечете го на шест еднакви квадрати.
Во помал сад измешајте ги крем-сирењето и дижонскиот сенф. Додајте малку свежо мелен црн пипер и добро промешајте додека не добиете изедначена смеса.
На средината на секој квадрат распоредете дел од подготвениот фил, дијагонално, меѓу два спротивни агли на тестото.
Врз филот ставете по едно тенко парче чадена сланина, а потоа рамномерно распоредете го ренданиот кашкавал.
Во посебен сад изматете го јајцето. Со малку од него премачкајте ги двата слободни, спротивни агли на секој квадрат.
Преклопете ги премачканите агли преку филот, така што ќе се спојат на средината. Нежно притиснете ги за тестото да се залепи и да не се отвори за време на печењето.
Со преостанатото изматено јајце премачкајте ја горната страна на секое печиво. Така ќе добијат убава златнокафеава боја.
Префрлете ги печивата во плех заедно со хартијата за печење и ставете ги во претходно загреаната рерна.
Печете ги околу 15 до 20 минути, додека лиснатото тесто не нарасне, не стане златнокафеаво и крцкаво, а кашкавалот целосно не се растопи.
Извадете ги печивата од рерната, префрлете ги на решетка и оставете ги да се изладат околу 5 до 10 минути пред послужување.
Послужете ги додека се сè уште топли, кога крцкавото лиснато тесто и сочниот фил од сирење и сланина најдобро доаѓаат до израз.
