Пејачката Тијана Дапчевиќ плачела додека ги слушала новите песни на нејзината сестра Тамара Тодевска, кои се дел од албумот „Кукла жива“.
Тамара раскажа за емотивната реакција на сестра ѝ при гостувањето во утринската програма на Телма и откри дека двете конечно успеале да ја снимат заедничката песна „Далеку“, која наскоро треба да биде промовирана.
„Тијана плачеше, плачеше на секоја песна. Ми даде максимална поддршка. Многу ѝ беше жал што ‘Далеку’ не успеавме да ја снимиме навреме и да излезе на албумот. Меѓутоа, ете, собравме сили и ја снимивме деновиве за да ја завршиме. Едноставно, навистина немавме кога“, рече Тамара.
Таа потврди дека за песната ќе биде снимен и видеоспот. Со оваа соработка, двете сестри повторно ќе ги спојат гласовите во песна која има посебно место во приказната за новиот албум на Тамара.
Во разговорот, Тамара откри и една нежна семејна приказна поврзана со нејзината ќерка Хана, која со голема љубов ги слуша песните на мајка ѝ. Нејзина омилена е „Брана“, а особено се труди да отпее еден од најтешките делови.
„Хана најмногу ја сака ‘Брана’. Кога ќе влезе во кола, прво бара да ја пуштиме. Има едно делче кое е многу тешко за пеење и таа секојдневно го вежба и пробува да го испее“, раскажа Тамара.
Пејачката со насмевка објасни дека станува збор за долга вокална фраза за која се потребни многу воздух, сила и издржливост.
„Многу ми е слатка како го вежба тоа, колку се труди. И кога ќе успее да го испее, ќе ми рече: ‘Среќна сум, мама, го фатив!’“, рече Тамара низ смеа.
Оваа семејна приказна се надоврза на разговорот за три генерации жени, за силата што Тамара ја наследила од својата мајка и за вредностите што сака да ѝ ги пренесе на Хана.
Албумот „Кукла жива“ Тамара го промовираше на 3 септември во Скопје. На него се наоѓаат десет песни, кои ги напишаа Тамара и Коста Петров, а аранжманите и музичката продукција се на Џијан Емин. Во снимањето учествуваа повеќе од 60 музичари, а за песните се снимени и видеоспотови во режија на Мартин Трајановски.
Особено емотивна е песната „Брана“, посветена на мајката на Тамара и Тијана, Брана Тодевска. Во спотот се појавуваат и Брана и Хана, со што песната ги поврзува трите генерации жени од семејството.
Тамара на 7 декември ќе одржи голем солистички концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, под мотото „25 години љубов“. На концертот ќе го претстави новиот албум, но ќе ги испее и најголемите хитови од својата 25-годишна кариера. Ќе ја придружува оркестар предводен од Џијан Емин.
Слични објави
(Фото) Ќерката на Дарко и Маја Панчеви како ангел на „Викторијас сикрет“ — Марија Панчева во гламурозно издание за Ноќта на вештерките
Се вчитува....
