Маркијан, најстариот син на македонската пејачка Ребека Јанковска Ристески, го прослави својот 20. роденден, а неговата баба Роза, мајката на Ребека, му посвети емотивна честитка на социјалните мрежи.
Со фотографија на која Маркијан нежно ја бакнува својата мајка на челото, Роза му упати зборови исполнети со љубов и гордост.
„Среќна 20-ка љубовче мое. Борец мој. Херој мој. Дете љубов мое. Биди ми секогаш насмеан, жив, здрав и најсреќен. Ти благодарам за твојата љубов и бакнежиии. Те сакааам“, напиша таа.

Роденденот на Маркијан беше повод за семејна радост, а Ребека сподели и моменти од концертот на Кирил Џајковски во Карпош, откривајќи дека музиката била дел од прославата.
„Кирил Џајковски во Карпош. Роденденски“, напиша пејачката покрај објавата.

Маркијан живее со туберозна склероза, ретко генетско заболување, а Ребека низ годините отворено зборува за предизвиците со кои се соочува нивното семејство.
Токму личното искуство ја поттикна пејачката активно да се залага за правата и подобар квалитет на живот на лицата со атипичен развој. Таа е основачка на здружението „Дајте ни крилја“, кое работи на подигнување на јавната свест и обезбедување поголема поддршка за овие лица и нивните семејства.
Минатата година, по повод 19. роденден на Маркијан, Ребека сподели видео со семејни фотографии и порака што сведочи за нивната силна поврзаност.
„Момчето ЉУБОВ. Искачивме многу планини, а нè чекаат уште. Со Божја Волја сè ќе биде“, напиша тогаш пејачката.
Ребека и нејзиниот сопруг Милан, покрај Маркијан, се родители и на близнаците Макариј и Доротеј.
Извор: Фемина / Социјални мрежи
