3.8 C
Скопје
00:19 - 21 декември, 2024

ЗЕЈНУЛА АСАНИ, ФИЛИГРАНИСТ И КУЈУНЏИЈА: Татко ми направи накит за Салма Хајек, а во земјава никој не те цени!

Дуќанот на семејството Асани ќе ви остане во сеќавањето поради автентичноста. Мајсторот Џељо за да покаже дека е од село во дуќан ставил оџак…

Долга е традицијата на филигранството во Македонија, а семејството  Асани се едни од оние кои стојат зад овој занает.

Мајсторот Џељадин Асани, познат како мајстор Џељо, го развива овој занает пет децении и дури успеал да создаде уметност и за една од најубавите жени во светот-Салма Хајек.

Поразговаравме со неговиот син, Зејнула Асани, познат како Ѕуни, кој го добил прекарот од дедо му, Ѕејнул Асани.

Од кога датира традицијата на филигранство во вашето семејство?

– Од пред 52 години кога почнал татко ми. Го зел занаетот од Старата чаршија и дури и денеска го работиме фамилијарно – татко ми, јас, брат ми и сестра ми. Дедо ми бил дуќанџија, ама не бил филигранист.

фото: приватна архива

Дали изработките во дуќанот се ваши?

– Да, филигранот што го гледате тука, има филигран што го работи сестра ми, а работиме и по нарачки. Се занимаваме и со кујунџиство, и со изработка на ремени. Ремените се стари и над сто години, правиме и сервис. Има луѓе што се мераклии и ги чуваат, некои и за носии, па доаѓаат кај нас за сервисирање. Ние сме единствени што сме и златари и филигранисти и кујунџии.

Има ли доста луѓе кои се заинтересирани за филигранот?

– Во последно време народот почна да се интересира. А, пред неколку години кој ќе дојдеше тука, прашуваше: Зошто држите вакви железарии? (се смее н.з.). А сега, има народ што ќе дојде и ќе нè пофали: Алал нека ви е! чувајте ја традицијата! Значи, тие и сега се ретки, ама ние ги чуваме и ги сакаме.

Виктор Поповски за Еспресо.мк
Ја одржувате традицијата во живот, всушност, со ова што го правите.

– Да, веќе 50 години. Татко ми не сака ни да го реновираме дуќанот. Јас сакам, како млад да ставам нешто поново…За разлика од кај комшиите, кои имаат реновирани дуќани, кај нас нема толку „влези-излези“ зашто дуќанот е постарски, а очигледно, народот сака нешто поново…

Кој најчесто купува филигран? Туристи или наши луѓе?

– Богами, само туристите што се разбираат во уметност и им дозволува буџетот. Кај нас, се знае, со вакви плати какви што имаме, буџетот не дозволува. Не дека е скап филигранот, на пример, филигрански пеперутки можеш да најдеш за 1.500 до 2.300 денари, ама за стандарот, за плативе, и тоа им е многу, не стига. Странците се многу понапредни, кога ќе си купат нешто, знаат и бакшиш да ти дадат, што кај нашите луѓе не е случај. И тоа, не дека не сме великодушни, туку не дозволува економијата.

Виктор Поповски за Еспресо.мк

Вашите изработки се вистински уметнички дела. Само уникатни изработки се, во еден примерок? 

– Има филигран што се пушта сериски, а има и дела што ги пуштаме уникатни. Едно дело од нив се прави, а второ – не. Сепак, во вредноста мала е разликата, за жал. Да сме некоја економски стабилна држава, нормално ќе расте и цената на филигранот, особено на уникатните изрботки. Ама нам тек почнаа да ни доаѓаат туристи и сега, „на прва“ да качуваш цени,  и тоа не личи. Подобро да бидеме со нозете на земја, да има работа, па ќе си дојде и вреднувањето.

Виктор Поповски за Еспресо.мк

Кога беше вашиот прв контакт со кујунџиство?

– Тоа беше кај татко ми, во чаршија, откако почнав да се интресирам од мали нозе, од шесто-седмо одделение. А сега кај мене доаѓаат моите ќерки и сè ги интересира. Памтам, кога имав 12 години, татко ми ми даде бренер за лемење и ми рече: „Леми го ова синко“. Како да го лемам тато? – го прашав. – Што е ова? Многу е тешко ова! „Ако пробај“, ме натера. А и од гледање учиш. Од дете сум во дуќан, сум лемел, сум фаќал работа, ама и сум гледал татко ми како работи. Така почнав, прво со лемење, со поправки, после со изработка на прстен, па на ѓердан… Ѓерданот е малку попиплив, поделикатен за изработка. Кога првпат направив прстен сам на себе си се чудев, а на училиште никој не ми веруваше дека јас сум го правел прстенот. Го носев со мерак!

Го чувате уште?

– Да, дома, првиот прстен да го чувам.

Виктор Поповски за Еспресо.мк

Што следуваше по прстените?

– После прстените почна малку потешкото. Филигран. И почнуваш, нели, да се учиш да топиш, да правиш жици, да влечеш жица, да ја сукаш… Па после да направиш осмици, зог, чворови, фигури што се употребуваат за да добиеш производ. Не му беше лесно на татко ми. Вложи многу труд. Кога почнав, многу ми беше тешко, а секогаш кога сакав да кренам раце, трпеливо ми велеше: „Ќе биде, полека, не се предавај“.

Сега, самиот сум родител. Порано не знаев каква одговорност е тоа, знаев да кажам – „не сакам да работам, тешко ми е“. Со тек на време разбираш кога родител, кој е и мајстор, ќе ти рече: „А бе, синко, ова ли ти е тешко?! Човекот авион направил. Значи човек може да го направи и ова“. Така почнав и јас… мали фигури, дупли фигури, и се вклопивме заедно со сестра ми и брат ми, со кои денес работиме семејно.

Виктор Поповски за Еспресо.мк

Сакате да ја продолжите традицијата? Да го оставите занаетот на вашите деца?

– Богами, за жал, јас немам такво мислење. Можеби тие ќе сакаат. Не сум против ќерката да ми рече дека сака да учи, и ќе седнам да ја научам, ама моментално нема побарувачка. Како што ви спомнав прееска, сите коишто доаѓаат ни велат: „Зошто го држите вака дуќанот? Многу е старински“. А, ние сме зависни од занаетот. Од овој занает јадеме, се облекуваме, ги школуваме децата. Моментално има голема криза, па не ги гледам моите ќерки во дуќанов, зашто тоа за нив би било губење време. Сепак, зборуваме за моменталната состојба. Можеби ковидот го направи своето и кризата во светот. За сега, не гледам просперитет. Интересна работа е, бара многу труд, а никој не те цени. Којзнае како ќе биде во иднина.

Виктор Поповски за Еспресо.мк

Слични објави

„Јас не можам да пеам!“: Јелена Розга ги одложи концертите во Белград поради трагедијата во Загреб

Еспресо

(Фото) Деколтето во преден план: Данијела Димитровска „пука“ од сексапил во целосно бела комбинација

Еспресо

(Фото) Чантата на Јелена Томашевиќ вреди колку зимување на Копаоник: Сите зборуваат за ова модно парче

Еспресо

(Фото) Поранешниот сопруг на Драгана Мирковиќ ужива за сите пари: Чаша бело вино и нереална глетка на убава дестинација

Еспресо

По раскинувањето со Зоран Марјановиќ, Инди откри валкани детали за поранешниот: „Манипулатор кој ми го испра мозокот“

Еспресо

Оваа земја ќе биде засекогаш исфрлена од Евровизија? Има една причина

Еспресо
Се вчитува....