7.8 C
Скопје
00:50 - 29 март, 2024

(ФОТО+РЕЦЕПТИ) ОД ДОМОТ НА БРАНКО ВО ВЕВЧАНИ: На јагнешко под сач, золеник и вевчанска посна пита со праз  

Дружбата со Бранко продолжува со неколку специјално подготвени вевчански рецепти. Уживајте низ фотографиите од домот на Бранко во Вевчани и неговите вкусни јадења.

Од магичното Вевчани потекнува познатиот гастроном и љубител на кулинарството, Бранко Попоски, познат под псевдонимот „Готвиме со Бранко“ („Cooking with Branko“), кој е горд на своето место на раѓање. Бранко за Вевчани вели дека е поим за мир и благосостојба.

– Каде и да одам, секогаш се враќам дома. На дворот, куќата каде што израснав, на топлите прегратки и насмевката на мајка ми и татко ми, на моментите од детството, на зеленилото и дворот кои неизмерно ми недостигаат во Скопје и на мирот, спокојот кој што го има домот и моето Вевчани, ни вели Бранко.

Ја продолжуваме дружбата со јагнешко под сач, посна вевчанска пита и традиционалниот золеник. Уживајте низ фотографиите од домот на Бранко во Вевчани и неговите вкусни јадења.

Јагнешко под сач

приватна архива

Потребни состојки:

5 кг. јагнешко месо

2 главици кромид

5 парчиња лук

5 листови ловоров лист

5 свежи моркови

Коријанден

Рузмарин

мајчина душица

маслиново масло

200 мл бело вино

100 мл црвено вино

100 мл пиво

Подготовка: Во период од 10 часа јагнешкото месо треба да отстои во маринадата која е подготвена по мој рецепт.

Маслиново масло, рузмарин, мајчина душица, 200 мл. бело вино, коријандер. Од овие состојки формираме смеса/намаз со кој го премачкуваме целото месо. Месото го прекриваме со најлонска фолија, и отстојува околу 10 часа во фрижидер до следното утро кога треба да се пече.

Неговата подготовка под сач/вршник трае околу 2 и пол до 3 часа. Следното утро, во тепсијата ги додаваме останатите состојки. Кромидот го сецкаме на парчиња, заедно со лукчето, морковите а ловоровите листови ги додадаваме на неколку место на средина од месото. На крај, го поливаме со црвено вино.

Претходно, на загреан оган го ставаме сачот/вршникот да достигне температура. Тепсијата со јагнешкото месо ја поставуваме на пиростијата, под тепсијата ставаме жар и ја покриваме тепсијата со сачот/вршникот кој има веќе достигнато одредена температура. Над самиот вршник/сач ставаме и жарчиња за температурата горе и долу под тепсијата да биде рамномерна. Се проверуваме на одреден период од 15-20 минути како се пече месото и дали температурата е соодветна. Температурата на сачот/вршникот мора да ја одржуваме 2 до 3 часа се додека не се испече месото. 15 минути пред да го извадиме месото го поливаме со малку пиво за да добие крцкава кора и да се збогати вкусот.

Золеник

Потребни состојки:

1 кг. Пченкарно (домашно) брашно

3 лажици бело пченично брашно

2 парчиња (страка) праз

2 јајца

малку масло

малку сол

1 пакетче пециво.

Постапка:

Во подлабок сад со пченкарно  (домашно) брашно се ставаат 3 лажици бело пченично брашно и добро се промешува. Потоа се подготвува филот од 2 парчиња праз и 2 јајца. Во тава со масло се пропржува сечкан праз, се додаваат две јајца и се зачинува со сол по вкус. Додека се пропржува празот со јајцата, во плехот се налева масло. Со рака се „золе“ од смесата со пченкарно и пченично брашно. Одозгора брашното се натопува со вода со сол и пециво. Потоа пак се „золе“ со брашно и се натопува со солената вода. Се попрскува со масло и повторно се „золе“ брашно. Потоа се става од филот со праз и јајца и повторно се „золе“ брашно. Се налева солена вода, се попрскува со масло и се додава преостанатиот фил. Филот се покрива со брашно, се попрскува со масло и се остава да отстои околу 15 минути. Се пече во загреана рерна околу 30 минути на 250 степени.

приватна архива

 

Посна пита со праз

Потребни состојки

за тестото

1кг. брашно

пола коцка квасец (20гр)

100 грама зејтин

100 грама млака вода

1 лажичка сол

Половина лажичка шеќер

за филот

5 мали парчиња свеж праз

200 грама зејтин

малку сол

Начин на подготовка

Во пластичен сад замесете го тестото. Додадете го брашното, квасецот, шеќерот и солта и земесете го со рака додавајќи од млаката вода и од зејтинот. Се меси убаво со рацете и чекор по чекор се додава од млаката вода и зејтинот додека не се добие меко тесто. Тестото се остава да стаса околу 30-45 минути покриено со крпа и на топло. Откако ќе стаса, со рака се формираат 8 помали кругчиња, и со сукало се сучат 8 тенки губи.

На страна во тавче за пржење се додава исечканиот праз, зејтинот и солта и се пропржува на тивок оган празот.

Во тепсија, премачкана со зејтин се додаваат најпрво петте исукани губи, а врз губите се додава од смесата со праз и зејтин. Последните три губи се додаваат врз смесата со праз. Последната губа се премачкува со зејтин.

Питата се пече на температура од 200 степени, околу 20-25 минути.

Се служи со кисело млеко и сирење.

приватна архива

 

На здравје!

Слични објави

(Видео) Миа Костова стана жртва на измама: Не рекламирам чаеви за слабеење, не наседнувајте на лажни реклами

Еспресо

(Фото) „Моите деца ме подмладуваат“: Симона Поповска го прослави 32. роденден со семејството

Еспресо

Принцот Хари ќе има кратка и официјална средба со кралот Чарлс: Еве ги деталите

еспресо

Уапсен познат српски естраден менаџер: Во станот му нашле дрога

Еспресо

Искрено со Пеце Суперхикс: Во лутина имаше и физички пресметки и фаќање за гуша, но затоа издржавме 30 години

Александра Георгиев

(Фото+видео) Сите гледаа во задникот на Цеца: Пејачката се „стегна“ во кожна комбинација од 350.000

Еспресо
Се вчитува....