8.8 C
Скопје
23:12 - 26 април, 2024

ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе од Собрание?

Предлог-законот за Јавно обвинителство е пред гласање на пленарна седница во Собранието, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ се закани дека ќе го напушти Собранието. За оваа одлука партијата требаше да расправа синоќа.

Вчера предлог-законот помина во собраниските комисии – за европски прашања и во законодавно-правната, на кои беа усвоени и измените на текстот на законот за Советот на јавни обвинители. На ред е спикерот Талат Џафери да ја закаже пленарната седница на која треба да се изгласа законот, иако е сè уште неизвесно дали владејачката партија СДСМ ги обезбедила потребните гласови за двотретинско мнозинство што се потребни за усвојување на овој системски закон.

 

Законот денеска, Собранието до недела

 

Според неофицијални информации, Собранието ќе работи до недела, 16 февруари, кога ќе се распушти и ќе бидат закажани изборите за договорениот датум 12 април. Дотогаш преостануваат уште десетина закони за гласање, а денеска и утре се закажани и неколку собраниски комисии. Претседателот на Собранието Џафери вчера за медиумите најави дека пленарната седница за гласање на Законот за ЈО најверојатно ќе ја закаже за денеска, а за законот за одбрана, кој исто така треба да се донесе со двотретинско мнозинство, ќе закаже седница до распуштањето на парламентот ако добие известување дека пратениците се усогласени.

Според лидерот на СДСМ, Зоран Заев, сè уште не се знае дали има поддршка од 80 пратеници и очекува тоа да се види на самиот ден на гласањето. За него е важно законот да се гласа, па и ако не се изгласа, ќе се види кој е за ЕУ, а кој не е. Според пратеникот Артан Груби, спикерот Џафери ќе ја закаже седницата дури кога ќе се увери дека е обезбедено двотретинското мнозинство.

– Комисијата во рекордно време ја заврши расправата. Сега двата закона се во рацете на претседателот на Собранието, кој откако ќе потврди дека има двотретинско мнозинство, кое верувам дека го имаме, ќе ги стави на гласање – рече вчера Груби.

Тој се пофали дека во предлог-законот за ЈО е инкорпориран Законот за употребата на јазиците, како и Бадентеровиот принцип во изборот за обвинителот на ЈО за гонење организиран криминал и корупција (ЈОГОКК).

– Успеавме да воведеме Бадентер во изборот на сите јавни обвинители, успеавме да ја вметнеме и целосната еднаква службена употреба на албанскиот јазик во Обвинителството и во Советот на јавни обвинители, како и намалување на критериумите за избор на јавни обвинители, при што ќе се обезбеди правична застапеност и на Албанците и на другите етнички заедници во ЈО – рече Груби.

 

Милошоски испука „бомба“ против Заев

 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски вчера на седницата Комисијата за европски прашања пушти аудиоснимка на која, како што рече, се слуша гласот на лицето З.З. (алудирајќи на Зоран Заев) кој разговара со друго лице за Бојан Јовановски и неговата телевизија. Милошоски рече дека снимката и транскрипт од неа ги добил од „свиркач“, кој го замолил да ја објави во јавноста затоа што содржи индиции за криминал и е од висок јавен интерес.

– Транскриптот и аудиоматеријалот фрлаат една мала светлина на тоа кој сака скриена амнестија и зошто некој предлага какви било материјали во кои има сериозни индиции за висока корупција и организиран криминал да можат да важат до вчера, а не можат да важат денеска или утре – рече тој.

Милошоски го прочита транскриптот, според кој лицето З.З. на соговорник му рекол: „Му требаат пари за тоа телевизијата и само прави некои комбинации. Го прашав, Боки бе, од каде парите за телевизија. Тој ми рече од Хрватска, но главно од Циле, Силјан Мицевски, од тоа проектот за старечките домови, ако знаеш. Ние на неколкупати му помагаме така за телевизијата, главно за маркетинг за да му помогнеме. Тоа беше уште лани октомври, ноември 2018 година“.

Министерката за правда Рената Дескоска му одговори дека таа лично го повикува Јавното обвинителство, доколку има индиции и докази за сторени кривични дела, да отвори постапки и да ги процесира.

На „бомбата“ на Милошоски вчера реагираа и од СДСМ. Му порачаа на ВМРО-ДПМНЕ итно да поднесе сè што имаат како материјали до институциите. „Да ги видиме наводните докази низ јавни и отворени постапки. Милошоски е очаен криминалец и очигледен е стравот кај него од владеење на правото и од независен судски систем што впрочем се обезбедува со носењето на ЗЈО. Милошоски е криминалец, радикал и штетен за државните интереси, познат по незаконската лустрацијата, сомнителните зделки и тајните преговори за името. Зоран Заев е прв политичар кој на човек што јавно го величал му испратил порака дека ако го прекршил законот ќе одговара, што впрочем се дозна вчера на судското рочиште“, соопшти СДСМ.

Претходно ВМРО-ДПМНЕ испрати соопштение во сличен тон дека главната цел на СДСМ да се донесе законот за ЈО е амнестија за Заев, Катица Јанева и Боки 13. Според партијата, незаконските материјали или треба да важат за сите или не смее да важат за никого. „Заев сака да не важат како докази снимките за рекетот и криминалите во кои се инволвирани тој и неговите соработници. Она што го нуди Заев со законот е доживотен мандат за Вилма Русковска и Љубомир Јовевски, кои ќе можат да се сменат само со двотретинско мнозинство во Советот на јавни обвинители. На овој начин Заев се осигурува дека делата против него никогаш нема да бидат преточени во обвиненија“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Образложувајќи го законот пред комисијата, Дескоска завчера рече дека се создадени гаранции за Обвинителството кое треба да ги гони евентуалните кривични дела на носители на висока власт, но и да ги продолжи предметите кои беа почнати од СЈО. Континуитетот на предметите е задржан така што има јасна одредба дека сите постапки ќе продолжат, а во член 110 е прецизирано користењето на доказите во постапката, односно, сите предмети што се во судска постапка ќе продолжат со користење на прислушуваните материјали како докази, а во предметите што СЈО ги отвори по рокот 30 јуни 2017 година, снимките нема да бидат докази, но ќе се користат како индиции.

 

ВМРО-ДПМНЕ: Ако уценувавме пратеници, досега Рускоска ќе нè ставеше во притвор

 

Заев завчера го обвини раководството на ВМРО-ДПМНЕ дека вршат силни притисоци врз пратениците кои се расположени да гласаат за законот за ЈО, поради што веќе не е сигурен дека го има потребното мнозинство од 80 пратеници и предупреди дека „удар врз пратениците е удар врз Уставот“.

Од опозициската партија вчера одговорија дека ако имало каков било притисок врз кој било пратеник од некој член на опозицијата, досега Русковска и Кацарска заканувачот ќе го сместеле во притвор.

 

Јовески: Во „Рекет“ ќе се користат снимки

 

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески очекува да се донесе законот за ЈО, бидејќи со него ќе се подобри работата на Обвинителството и борбата со организираниот криминал.

– ЈО не може да го заснова обвинението на незаконски прислушувани материјали. Оваа одредба од предложениот закон се однесува на истрагите преземени од СЈО, но не и за другите предмети како на пример „Рекет“ – рече Јовески за „Телма“.
Во „Рекет“ се обвинети поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски дека наплатиле рекет од 1,5 милион евра од бизнисменот Орце Камчев, кој е осомничен во случајот „Империја“ што го водеше пропаднатото СЈО, а сега го води Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

The post ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе од Собрание? appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....