17.8 C
Скопје
20:21 - 5 мај, 2024

Владата подготвува документи за еврообврзница: Претстои тешка битка на пазарот на пари

Сега е време кога нема место за расправа дали треба или не треба да се задолжуваме. Јасно е дека Македонија, како и сите земји, мора да позајми поголема сума, а клучното прашање што ги мачи и многу други земји е од каде да се најдат тие пари.

Министерката за финансии Нина Ангеловска информираше дека Владата се предомислила за најавеното задолжување преку странски комерцијални банки и решила директно да оди на еврообврзница. Првичната идеја беше преку овие банки да се обезбедат 400 милиони евра за премостување на периодот до издавањето на еврообврзницата, а потоа тие пари требаше да се вратат со дел од кредитот земен со издавање на еврообврзницата, чија сума сѐ уште не е соопштена. На колкав износ ќе биде еврообврзницата, тоа засега не се знае. Но, Ангеловска неодамна информираше за три сценарија според кои на Македонија ќе ѝ треба вкупна финансиска поддршка од 800 милиони евра, од 1 милијарда евра, или од 1,2 милијарда евра. Овој износ е планирано да се обезбеди со пари од ММФ, Светска банка, од ЕУ и од еврообврзницата. Пари ќе ни требаат што поскоро, затоа што според пресметките на Министерството за финансии, вториот квартал од годинава ќе го завршиме со минус 15 проценти пад на бруто-домашниот производ.

Министерката Ангеловска не прецизираше зошто Владата се премислила, но факт е дека во меѓувреме од ММФ се одобрија 176 милиони евра, двојно повеќе од она што се очекуваше, а според најавите на Ангеловска, подготовката на документите од страна на институциите за издавање на еврообврзницата ќе биде меѓу 45 и 60 дена.

– Кога ќе одлучиме дека е најдобро според движењата на пазарот, тогаш ќе излезе на пазарот – рече Ангеловска.

Но, како стои сега состојбата на меѓународниот пазар на капитал и што за тоа пишуваат земјите од регионот?

Хрватскиот министер за финансии Здравко Мариќ во интервју за „Вечерњи лист“ најави дека потребните пари прво ќе се бараат на домашниот пазар – од банките, од пензиските и од инвестициските фондови.

– Дури потоа Хрватска ќе се обиде своите хартии од вредност да ги понуди на меѓународниот пазар на капитал, каде што се очекува невидена гужва. Својот прв „корона“ кредитен аранжман Хрватска го договара со домашните банки и ќе служи за исплата на априлските плати и пензии – изјави Мариќ.

Според прогнозите на хрватската влада, во оптимистичко сценарио ќе им требаат 10 милијарди евра.

И според пишувањата на српските медиуми, првично спас ќе се бара во домашните извори на пари. Србија на 14 април се задолжи на домашниот пазар со 249 милиони евра, но бараше повеќе пари, односно 298 милиони евра, ама немаше толкав интерес. Српската Влада донесе уредба со која се олеснува процедурата за издавање корпоративни обврзници, како можност за дополнителен капитал. Српскиот фискален совет одобри задолжување од три милијарди евра, износ што треба да се обезбеди со задолжување за спас на економијата.

Загриженост за пазарот на пари и за состојбата на берзите покажа и Европската централна банка. Таа ја објави „Вонредната пандемиска програма за откуп“, во која има 750 милијарди евра наменети за откуп на хартии од вредност од приватниот и од јавниот сектор во еврозоната, вклучувајќи ги и проблематичните хартии од вредност на Грција и на Италија.

The post Владата подготвува документи за еврообврзница: Претстои тешка битка на пазарот на пари appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....