24.8 C
Скопје
16:13 - 30 април, 2024

Ваучерскиот туризам може да почне: Ако сакаш во хотел, ќе доплатиш екстра пари

Околу 450 сместувачки капацитети во кои ќе може да се користат ваучерите за домашен туризам, се објавени на листата на Владата. Граѓаните ќе ги добијат ваучерите до идната недела. На платформата www.domasiedoma.gov.mk и www.pushimenevend.gov.mk, имињата се поделени по општини, а се работи само за категоризирани туристичко-угостителски објекти. Листата не се состои само од хотели, туку и од имиња на пријавените што поседуваат вили, апартмани, како и станоиздавачи. Услов за тоа е сместувачките капацитети да се регистрирани и да се категоризирани на Платформата на Министерството за економија.

Процесот на регистрација траеше до 30 јуни. Хотелиерите и другите сместувачки капацитети ќе бидат исплатени од државата по престојот на граѓаните врз основа на доставена месечна фактура и извештај за искористените ваучери за туризам, објасни неодамна министерот за економија Крешник Бектеши. Вкупно ќе бидат издадени 117.122 ваучери, кои во домашните туристички капацитети ќе можат да се користат од 15 јули 2020 година до 15 декември 2020 година.

Платформата на Министерството за економија ќе биде оперативна и во текот на следната недела. Ваучерот кој ќе содржи QR-код ќе биде испратен по електронска пошта којашто граѓаните ја имаат доставено до Управата за јавни приходи. Мерката предвидува сите вработени граѓани кои имаат приходи што не надминуваат 15.000 денари месечно да добијат ваучер од 6.000 денари, кој ќе можат да го искористат во домашните туристички објекти, но и платежна картичка од 3.000 денари што ќе може да ја користат во сите угостителски објекти во државата. Ваучер ќе им биде доделен на сите вработени граѓани што во периодот од јануари до април 2020 година не оствариле вкупни нето-приходи од плата и надоместоци од плата не поголеми од 60.000 денари според податоците од Управата за јавни приходи. Граѓаните ќе може на Платформата да проверат дали се на листата односно дали ги исполнуваат условите за ваучер за домашен туризам.

Ако се на листата и ако им се допаѓа понудата, граѓаните може сами да извршат резервација или да резервираат преку туристичка агенција. Доколку резервираат сами, од платформата ќе се информираат за угостителскиот објект и директно ќе треба да се јават во хотелот или во приватното сместување за да се информираат за понудата, цената и слободен термин, а исто така ќе може да контактираат туристичка агенција што ќе нуди аранжмани со ваучери и да извршат резервација.

Сепак, од понудите на хотелите или на другите приватни сместувачки објекти, јасно е дека да се летува само со ваучерот од 6.000 денари е речиси невозможно. Тоа уште пред летната сезона беше посочено и од туристичките работници, кои беа децидни дека ваучерскиот туризам може да се реализира само во капацитетите од пониска категорија.

– И да ги спуштиме цените, ноќевање со појадок нема да чини под 150 евра по човек за една недела. Тоа значи дека ваучерите најмногу ќе може да се користат во приватно сместување или во хотели со две ѕвезди – посочи Крсте Блажевски, претседател на ХОТАМ.

– Сакаме со сопругот и со двете деца да одиме во Струга. Се распрашавме во хотел за сместување со појадок и вечера, прескапо ни е, бидејќи покрај ваучерот, ќе треба да доплатиме речиси 200 евра плус и покрај фактот дека не се плаќа за децата. Од друга страна, во приватно сместување не дозволуваат да се користи кујната која е заедничка просторија, што поради корона-кризата е забрането – вели Сандра Н. од Скопје.

Во туристичките агенции е тивко како во библиотека. Последните надежи за патувања во странство се распрснаа по спуштањето на рампите за влез во ЕУ. Дел од граѓаните што имаа уплатено за оваа сезона, си ги подигаат ваучерите и ги складираат за идното лето. Кој не се плаши, засега може да летува во Турција, каде што може да се најде понуда од 300 евра за 7 ноќевања на база „сѐ вклучено“.

Во државава има вкупно 4.286 угостителски објекти за сместување. Од нив 256 се хотели, а 130 се вили, апартмани, хостели, студентски преноќишта и одморалишта. Речиси 4.000 физички лица се водат како станоиздавачи кои нудат приватно сместување. За да може да конкурираат за ваучерите, Министерството за економија ги олесни условите за категоризација на капацитетите на физичките лица, односно тие требаа само да поднесат барање во општината.

The post Ваучерскиот туризам може да почне: Ако сакаш во хотел, ќе доплатиш екстра пари appeared first on Слободен печат.


Ваучерскиот туризам може да почне: Ако сакаш во хотел, ќе доплатиш екстра пари was first posted on јули 9, 2020 at 1:38 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....