11.8 C
Скопје
07:46 - 29 април, 2024

Црвен картон за вулгарниот службеник

Јавноста и новинарските здруженија вчера извојуваа мала, но значителна победа против говорот на омраза – државниот службеник, кој жестоко ширеше навреди на социјалните мрежи, вчера доби отказ, а новинарките што ги навредуваше, а кои вчера го пријавија случајот, добија силна поддршка од јавноста и од институциите. Новинарските здруженија велат дека ова е единствен начин да му се стави крај на говорот на омраза, кој незапирливо се шири во јавната сфера, а особено во предизборниот период.

На висок тон, со погрдни зборови кон колегите во Централниот регистар и придружуван од обезбедувањето од Народна банка, Емил Јакимовски, поранешен помошник раководител во оваа институција, вчера го примил отказот, што му беше врачен откако новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска обелоденија дека телефонски ги вознемирувал со недолични коментари и навреди. Одземени му се службениот мобилен телефон, картичката за евиденција на работното време, како и пристапот до сите информатички системи во Централниот регистар, откако страницата на Фејсбук на оваа државна институција беше хакирана во неделата.

Во единицата за насилен криминал вчера новинарката Јордановска ги доставила сите докази против Јакимовски, кој освен државната функција, вршел и партиски задачи за опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Заканите ги пријавила и Коровешовска. Портпаролот на МВР Тони Ангеловски ни рече дека пријавите се примени и дека по нив ќе се постапува во наредниот период.

Новинарката Јордановска како дел од доказите во МВР вчера ги доставила принт-скриновите од комуникацијата со Јакимовски.

– Мојата пријава во однос на останатите кои ги има, а за кои ме известија лица што подолго време го пријавуваат Јакимовски за малтретирање, ми личи како да има помала важност. За жал, МВР нема постапено досега, а би требало – ни рече Јордановска.

Таа доби огромна поддршка од колегите откако обелодени дека Јакимовски ја нарекувал со најдолни зборови и ѝ посакал „да ја искреираат на некролог“.

Претставниците на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и на Здружението на новинарите на Македонија вчера се сретнаа со министерката за правда Рената Дескоска и побараа поголема заштита за новинарите преку измена на Кривичниот законик. Тие побараа итно да се санкционира службеникот што ги навредуваше новинарките и потсетија на своето барање од септември лани, да се извршат измени во Кривичниот законик, со кои и новинарите би добиле третман на службени лица.

Техничкиот министер за внатрешни работи Наке Чулев ја уверува јавноста дека ќе настојува да се расветлат сите досегашни закани и форми на насилство врз медиумските работници што досега не се разрешени.

Новинарките не се единствените жени што ги трпеле сексистичките коментари на Јакимовски. И сопругата на неговиот сопартиец Самоил Малчески веќе подолг период на друштвените мрежи е цел на сексистички напади и експлицитни изрази од сега веќе поранешниот државен службеник.

– Ова што се случува деновиве е само врв на лудилото што веќе подолго време го трпиме јас и моето семејство. Имено, истиот тој Емил веќе подолго време со лаги, инсинуации и недолични постови на социјалните мрежи нè малтретира мене и мојата сопруга – изјави Малчески.

Чашата ја прелеале многубројните описи за сопругата на Малчески поврзани со други лица од ВМРО-ДПМНЕ, па во неделата во полициската станица Аеродром настанот е пријавен.

– Се надевам дека институциите соодветно ќе го третираат вулгарното и несоодветно однесување на кое се изложени сè повеќе личности од општествениот и од политичкиот живот во Македонија – додаде Малчески.

Поведението на Јакимовски било недолично и во Централниот регистар. Директорката на оваа институција Марија Бошковска-Јанковски трпела лични навреди и дисквалификации, навреди на сметка на нејзиниот физички изглед, како и закани дека ќе оди во затвор. Во неделата заседавала дисциплинска комисија во Централниот регистар, која била вонредно свикана, а чиј главен фокус бил Јакимовски и неговите навреди кон новинарките, но и тоа дали боледувањето што го зел е основано и законско.

– Се посомневавме во неговата документација. За да бидам сигурна во документацијата, ја проверив со допис до Фондот за здравствено осигурување, во кој побарувам да се утврди дали Емил Јакимовски навистина користи боледување – рече Бошковска-Јанковски.

Врз основа на извештајот од дисциплинската комисија, директорката донела решение со кое му го прекинува работниот однос на Јакимовски поради некомплетна медицинска документација за користење боледување, но и поради непримерно однесување. Пораки преку Вибер „фрштеле“ и кон останатите вработени во Централниот регистар, а Јакимовски се закани јавно дека ќе ја тужи Бошковска-Јанковска за кршење на Законот за работни односи. „Слободен печат“ вчера не успеа да стапи во контакт со Јакимовски. Неговиот мобилен телефон беше исклучен.
– Нема да го дозволам ваквото непримерно однесување на кој било од вработените кон колеги, особено не кон новинари и медиумски работници, и особено не кон жени. Емил слободно нека тужи, ќе се видиме на суд. Комплетно е запазена процедурата – вели Бошковска-Јанковски.

Емил Јакимовски бил вработен во Централниот регистар од 2007 година.

Запрете ги партиските ботови!

Партиите да престанат да шират говор на омраза на социјалните мрежи, апелираше вчера Демократски сојуз.

„Ја поздравуваме одлуката на МВР да ги испита заканите против новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска, како и одлуката на директорката на Централниот регистар да му врачи отказ на заканувачот Емил Јакимовски. Го повикуваме Обвинителството веднаш да отвори предмет за овој случај како и за сите други случаи на закана и физичко насилство, говор на омраза, дискриминација против новинарите“, соопшти ДС.

Партијата ги повика власта и опозицијата да престанат преку своите „платени ботови“ да ги контаминираат социјалните мрежи со ширење лаги, партиска пропаганда и говор на омраза против политичките противници и критичките новинари и медиуми. Оттаму потенцираа дека улогата на новинарите во предизборието е од исклучителна важност за демократски и фер изборен натпревар.

The post Црвен картон за вулгарниот службеник appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....