26.8 C
Скопје
16:33 - 29 април, 2024

Ревизионистите во предизборна офанзива!

Да се скинеш од смеење: токму во моментот кога стартува обидот за политичка рехабилитација на Груевски – читаме и гледаме деновиве, дека тој „згрешил“ што во свое време не го решил „спорот за името“! – неговата партија, чијшто почесен претседател е самиот тој, не пропушта ден да не изјави дека, кога би дошле на власт, ако можат, би го поништиле Преспанскиот договор со кој се реши, токму, „спорот за името“!

Најновиов „пинг-понг“ околу Груевски, со многу ја-теби-војводо-ти-мени-сердаре, ја заговараат „угледни“ и „влијателни“ новинарски имиња, не знаеш кој од нив е позаинтересиран за успех на проектов: дали старите перјаници на злобната медиумска машинерија на Грујо, или најновиов „редактор“ на современата македонска историја кој, во одење, на месечно ниво менува по некој свој претходен „темелен“ став.

Прво, тоа е навреда за самиот Груевски. Тој десетте години на власт ги потроши за да нè убеди дека СУШТИНАТА на неговата искрена националистичка идеологија се потпира врз тврдењето дека промената на името е промена на македонскиот идентитет, што води до ништење на македонската нација како таква! Таа оркестрирана националистичка хистерија, која сега срамежливо ја доведуваат во прашање токму медиумските архитекти, имено, на таа хистерија, беше една од главните пропагандни полуги за владеењето на неговиот режим. Заради таа долгогодишна валкана кампања многу нивни неистомисленици платија висока цена низ секојдневни шиканирања, лична професионална, политичка и приватна загроза со најконкретни последици, од кои многумина уште не можат да се опорават.

Тоа на довчерашните „гебелсовски медиумски бригади“ на Груевски денеска тешко може да им се објасни, не само затоа што самите дебело се наплатија, туку и затоа што по падот на Груевски комотно си зборуваат, пишуваат и приходуваат во комплетна медиумска слобода, со можност за лични „интроспекции“ и наводна интелектуална „ретроспектива“, каде мислат дека ние, другиве, кои бевме „мети за отстрел“ на нивните гадотии треба, белки, и да им се извиниме што успеавме да ги преживееме нивните потерници, „црвените кругови“ со кои нè објавуваа по нивните медиуми, подметнувањето експлозиви, палењето автомобили, интензивните следења, наместените судења, сликите на жените и децата што ни ги закачуваа по емисиите во кои ни ги објавуваа и домашните адреси и оние одвратни договарања со „началниците“ што ги слушавме низ „бомбите“… Мизерија.

Второ, тоа е подмолно и кон Мицкоски. Сегашниот предводник на опозицијата доследно се труди да ја продолжи идеологијата на Груевски во својата актуелна кадровска и политичка предизборна понуда, а овие, кои му се издаваат за јавни поддржувачи и кои наоколу се закануваат дека „ќе видите после 12 април“ што ќе ни се случи, му ја оспоруваат клучната националистичка теза со која ВМРО-ДПМНЕ се обидува да се врати на власт.

Трето, „влијателниве“ морални и професионални парталковци и нивниве колегијални промотори немаат храброст отворено и недвосмислено да му честитаат на Заев за политичката и личната храброст и, да, за визионерството во решавањето на „спорот за името“ (и не само за тоа!), заради што влеговме во НАТО и суштински зачекоруваме кон ЕУ; туку, онака, ситничаво, прават „кики-фрики“ обид речиси да го изедначат Заев со Груевски кој, ете, да бил само малку попаметен, „да ги послушал Американците“, денеска самиот ќе бил „Заев“…

Оти, нели, Груевски си беше одличен, ама, ете, заради академскава дребулија со „спорот за името“, како резултат на американски заговор, падна од власт! А потоа храбро мораше и да побегне од земјава! Герој!

Следствено, бидејќи решавањето на „спорот за името“ и не е којзнае каква голема работа за иднината на нацијата и државата, на следниве избори треба да размислиме дали да не гласаме повторно за оние кои најдобро го бранат „духот на Груевски“, а во најдобар случај, може и да ги бојкотираме изборите, бидејќи Заев не се справи како што треба со собирањето на сметот во општините и со реформите во правосудството!

Преку овој подмолен обид за ревизија на нашата понова историја и преку подготовката на теренот за враќање на Груевски во македонската политика, не смее да се помине туку-така. Ни оддалеку не е исцеден целиот „гној“ од неговата пропагандна машинерија. Нема помирување со „ударните игли“ на тоа режимско оружје ни овој април, а ни до април 2057 – па, макар и да им успее за некој месец да се вратат на власт.

Во таков случај, промптно, пак ќе си го покажат своето вистинско лице, какви што ги знаевме во деценијата на власта на Груевски. Околу тоа наивни или лицемерни сомневања да нема.

The post Ревизионистите во предизборна офанзива! appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....