12.8 C
Скопје
00:08 - 3 мај, 2024

Мојсовска: Во нашите села имотот сè уште оди кај машките деца

Васка Мојсовска од село Тимјаник е првата жена претседател на Националната федерација на фармери. Таа вели дека целиот свој живот го поминала на нива и нивата е нејзин семеен извор на егзистенција. Во неготинското село Тимјаник, таа, нејзиниот сопруг и децата работат на лозовите и овошните насади и се справуваат со бројните предизвици што ги носи земјоделството во Македонија.

– Жената од рурална средина цел живот работи на нива, работи дома, а тој нејзин труд не е вреднуван, достигнувањата ги препушта на сопругот, затскриена е зад него и не сака да се експонира. Само 5 отсто од жените во руралните средини имаат земјоделски имот. Тие може да бараат наследство од родителите, но во Македонија, во руралните средини сè уште е силно традиционалното уверување дека имотот треба да оди во рацете на машките деца – вели Мојсовска.

Регистрираните земјоделци си плаќаат здравствено и пензиско осигурување и добиваат здравствена заштита и пензија, но што е со породилните отсуства и со боледувањата?

– Има недостaток во Законот за здравствено осигурување. Ние како организација, го детектиравме овој проблем и заедно со Министерството за труд и социјална политика, разговаравме како тоа законски да се регулира. И земјоделците се луѓе. Мајките мора да имаат право на родителско отсуство. Кога некој работи во фирма или институција, ако се разболи оди на матичен лекар и тој му отвора боледување. Но тоа не важи за земјоделецот. Кога еден земјоделец ќе се разболи, не може на поле, трпи егзистенцијата и треба да се најде начин како тоа да се надомести.

Дали со неповратните 20.000 евра што ги дава државата за младите земјоделци, може да се очекува повеќе млади да дојдат, или да останат во село?

– Одлично е да се искористи грантот од 20.000 евра за млад земјоделец. Но повикот уште трае, па да почекаме да ги видиме резултатите.

Долго време во јавноста се критикуваше една дискриминирачка мерка според која жените носители на земјоделски стопанства можеа да добијат неповратни 180.000 денари, но само ако беа мајки и ако имаа деца. Има ли некакви промени во однос на оваа мерка?

– По притисокот што го направивме, се тргнаа сите дискриминирачки одредби. Со нови критериуми огласот беше објавен во ноември и траеше до 26 декември. Можеа да аплицираат жени кои се носители на семејно земјоделско стопанство од рурални средини, кои сакаат да го унапредат своето земјоделско стопанство, така што ќе ги преработуваат земјоделските производи. Притоа, предност имаа регистрирани земјоделки. Ова е добра мерка, но мислам дека се малку 3.000 евра и сметам дека овој износ треба да се удвои.

Откупот е вечен проблем за земјоделците. Неретко родот останува на нивите или протестно се фрла. Како да се подобри оваа ситуација?

– Треба да се почитува членот 32 од Закон за земјоделство и рурален развој, во кој јасно е опишано договорното производство, каде што е наведено дека откупувачите треба да склучуваат договори на почетокот на производна година,со јасно дефинирани цени и квалитет. Почитувањето на оваа законска одредба овозможува таква соработка меѓу земјоделците и откупувачи каде што откупувачите го следат производниот процес во земјоделството, а земјоделците добиваат гаранција за сработеното.

За да има напредок во однос на откупот, важно е и поголемо здружување на самите земјоделци за да имаат поголема преговарачка моќ, а и државата треба да направи регулатива со која ќе се овозможи поголема контрола за откупот.

До пладне се чиновници, попладне копаат и земаат субвенции

Како го оценувате сегашниот модел на субвенционирање?

– Откупните цени се многу ниски и тоа е децениски проблем. Без субвенции земјоделците тешко би опстанале. Ние слушаме дека во овој сектор се слеваат милионски износи, но не знаеме кој ги добива тие пари, дали се дадени на вистинските земјоделци, на оние каде што целото семејство егзистира од земјоделство. Ако парите отидат кај нив, тоа е вистински погодок. Но, се знае дека има и такви на кои земјоделството им е дополнителна дејност, тие работат нешто друго, работат во администрација, а добиваат субвенции. Законот дозволува секој што се занимава со земјоделие да зема субвенции и на иста линија се ставаат и оние на кои тoа им е дополнителна дејност и оние што живеат од земјоделството.

The post Мојсовска: Во нашите села имотот сè уште оди кај машките деца appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....