17.8 C
Скопје
22:46 - 21 мај, 2024

Мерките за ковид-19 ќе попуштаат: Ќе бидат ли бабите и дедовците жртви на тоа што нема кој друг да ги чува децата?

Епидемија на коронавирусот почнува да олабавува и веќе се очекува олабавување на мерките и враќање на животот на нормалните текови, а со тоа и враќање на работа на вработените кои веќе подолг период се ослободени од работните обврски или пак работат од дома, бидејќи имаат деца помали од 10 години. Многу фирми веќе на по електронска пошта ги известуваат вработените дека треба да се вратат на работните места од денеска или од средината на овој месец. Прашање кое ги загрижува родителите е како тоа да се спроведе кога децата не се враќаат на училиште, а неизвесно е и кога ќе се отворат градинките.

Владата веќе соопшти дека оваа училишна година до крај ќе се организира со онлајн настава односно учениците нема да се вратат во училишните клупи. Што ќе биде со детските градинки, засега никој официјално не кажува. Вработените во градинките веќе почнале да одат на работа, не сите, туку во редуциран број, се прави повторна дезинфекција на објектите и се отстрануваат дел од играчките. Вработените не добиле попрецизни насоки кога би почнале да ги згрижуваат децата.

– Од она што досега имаме информации е да се подготвуваме за почеток на работа после 15 мај, но како ќе се функционира засега немаме насоки. Најголем предизвик ќе биде да се почитуваат мерките за заштита во услови кога групите се навистина многубројни, дали ќе се прави селекција на децата или кој начин ќе се избере за да не се во толкав број, засега не знаеме – велат вработени во градинките.

Тие објаснуваат дека единствено може да не се примаат децата кои имаат невработени родители, но тоа е многу мал број.

Од Министерството за здравство објаснуваат дека на сила се оние мерки кои веќе се донесени, а согласно кои родителите кои имаат деца под 10 години треба да се ослободени од работните обврски. Ова беше задолжително за јавната администрација, а препорачано за приватниот сектор.

– Добивме мејл да се вратиме на работа, отсуството веќе премногу долго трае, мора да се одговори и на работните обврски. Секој е свесен дека не може да отсуствува од работа со месеци, особено ако е во приватен сектор. Но мора да се најде решение за децата – велат вработените.

Проблем е и тоа што единствена опција за чување на децата, освен градинката и училиштето, се бабите и дедовците, но епидемиолозите најстрого забрануваат овие две категории да се мешаат бидејќи децата се најпотентни преносители, а возрасните најчесто се развиваат тешки компликации.

Известување дека треба да се вратат на работа по 15 мај добиле и вработени во државната администрација кои спаѓаат во групите на пациенти кои заради здравствената состојба се изложени на поголем ризик да добијат потешка форма на Ковид-19 па досега беа ослободени од одење на работа.

Од Министерството за здравство велат само дека ги следат состојбите.

„Се следат состојбите, а препорачаните мерки ќе се донесуваат во зависност од разојот на епидемиолошката состојба, бројот на излекувани е само еден од индикаторите дека сме на правиот пат но сепак постојат  други епидемиолошки индикатори кои се следат од страна на комисијата за заразни болести од кои зависи олабавување на донесените мерки“, велат од МЗ.

Оттаму потврдуваат дека возрасните лица се една од ризичните категории за кои особено се води сметка при донесување на препораките, но не кажуваат кој да ги чува децата ако не бабите и дедовците.

Неофицијално, препораката за да останат дома родителите кои имаат деца помали од 10 години ќе трае до 15 мај, кога веројатно ќе се укине вонредната состојба. Но неизвесно е што ќе биде потоа, со децата до 4 одделение кои нема да се вратат на училиште, како и тоа како ќе се организираат детските градинки во услови кога во групите има и по 30 деца.

Кога и како ќе почнат да работат градинките прашавме во Министерството за труд и социјална политика, но прецизен одговор не добивме, освен насоки дека се прават протоколи за заштита.

„За продолжување на воспитно-образовниот процес во градинките, препораката ќе ја даде Комисијата за заразни болести, водејќи сметка пред се за здравјето на децата и на вработените, а одлуката ќе ја донесе Владата. При тоа, ќе се води сметка и за фактот дека децата не смеат да останат незгрижени“, велат од МТСП.

The post Мерките за ковид-19 ќе попуштаат: Ќе бидат ли бабите и дедовците жртви на тоа што нема кој друг да ги чува децата? appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....