13.8 C
Скопје
20:07 - 3 мај, 2024

Интервју со презвитер Бобан Митевски: За Велигден наместо во црква, кажете си лична молитва во својот дом

Отец Бобан, се ближи еден од најголемите верски и семејни празници Велигден, кој верниците долго и со радост отсекогаш го очекувале. Во време од заканата за ширење на коронавирусот, оваа атмосфера отсуствува, а деновиве Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА, објави дека светите литургии и сите богослужби ќе се одржуваат со неколкумина свештеници и со најмногу петмина верници. Може ли да ни објасните што токму тоа ќе значи?

– Ситуацијата налага сите, како заедница, да учествуваме во спроведувањето на тоа што, согласно со експертизата на стручните лица, ќе помогне во полесно и побрзо надминување на кризата со пандемијата. Светиот архијерејски синод беше јасен во своите соопштенија и го повика верниот народ на еден невообичаен подвиг во овие денови на Светиот пост и на Пасха: останувањето дома да се искористи за повеќе молитва; општата молитва во храмот, во овој период, да се надополни со личната молитва во домовите.

Верниците за Велигден и годинава се подготвуваат со шестнеделен пост. Пораката од МПЦ-ОА е дека со благослов на надлежниот епархиски архијереј, во своите парохиски храмови, верниците треба да пристапат кон Светата причест, на начин што е веќе востановен и утврден. Во актуелниот миг, на каков начин ќе се пристапува кон Светата причест?

– Обично верниците доаѓаат или се собираат надвор од храмот, секако запазувајќи ги мерките за потребната раздалеченост, што и се менаџира од вработените во самите храмови. Кога ќе настапи моментот за причестување, верниците пристапуваат еден по еден, без создавање поголеми групи, се причестуваат и го напуштаат храмот. Значи, внатре во храмот не присуствува група луѓе, иако кој сака може да ја следи службата надвор, преку разгласот. Секако, на потребната раздалеченост едни од други.

За повозрасните, изнемоштените и за болните, рековте дека доколку имаат духовна потреба, треба да се најават кај своите парохиски свештеници за да бидат причестени во домашни услови. Дали со тоа свештениците во некои семејства нема потенцијално да се изложат на опасност, затоа што врвот на епидемијата во државата се очекува токму околу Велигден?

– Како свештенослужители сме обврзани да одговориме на потребите на верниот народ. Свештената историја на Православната црква покажува вакво или слично искуство, кога свештениците и во времињата на пандемиите со колера и други заразни болести, пружале пастирска грижа за паството. Секако, на овие посети свештениците одат со соодветна заштита, со маски и со ракавици.

Дали Црквата размислува како да ја обезбедува социјалната дистанца и на Величетврток, кога секогаш граѓаните традиционално ги посетуваат храмовите. Ноќта на воскреснувањето на Исус Христос, поради полицискиот час граѓаните нема да бидат во можност да дојдат во близина на храмовите, за да ја слушнат среќната вест „Христос воскресе“?

– Секако дека мерката за неприсуство на повеќе од петмина во храмот ќе се запазува, но храмовите ќе бидат достапни за верниците за да може да се поклонат пред Распетието Христово и пред плаштаницата со упокоеното тело на Спасителот. Посетите на храмовите би се правеле на начинот што го гледаме кај банките, маркетите и сл. Ако таму може, или досега можеше, зошто да не може во храмот? Бидејќи Велигден е секогаш во недела, а согласно со мерките викендот е целосно забранет за движење, верниците годинава ќе останат во своите домови, правејќи ги домовите и срцата место за Воскресението. Во оваа пригода би повикал времето да се искористи за молитва, да се искористи за следење на богослуженијата кои ќе се пренесуваат во телевизискиот и интернет просторот. Не е едноставно, за ниеден православен христијанин не е лесно ниту посакувано да има ваков Велигден, дај Боже да е последно додека трае светот и векот, но ќе се смириме и ќе ја прифатиме волјата Божја, ќе истраеме.

Бидејќи е забрането одењето по гости за да се честита Велигден, а секогаш за овој голем празник семејствата се посетуваат и си го честитаат, дали Црквата ќе упати пораката до верниците како дома да го прослават овој голем христијански празник?

– Домашниот амбиент на Велигден не спаѓа во сферата на црковното, но сепак човекот треба да биде достоинствен и богоподобен и во храмот, и на улица и во домот. Тоа значи дека во духот на верата, со молитва, во скромност и смирение, во избегнување на изобилна храна и пиење, во полезни разговори, во еден дух на ведрост и радост треба сите да го празнуваме Велигден во домовите.

Добра Пасха вам и на вашите читатели!

The post Интервју со презвитер Бобан Митевски: За Велигден наместо во црква, кажете си лична молитва во својот дом appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....