9.8 C
Скопје
08:00 - 28 април, 2024

Интервју со д-р Ангелчо Андоновски, директор на Детската болница Козле: Четирите деца заболени од ковид-19 сега се на домашно лекување

Доктор Андоновски, каков е начинот на функционирање на Детската болница Козле откако таа стана референтен центар со специјален оддел за суспектни и заболени деца од ковид-19 и досега колку деца беа згрижени, лекувани и веќе евентуално оздравени и пуштени дома?

– Детската болница Козле од самиот почеток на пандемијата беше подготвена најпрофесионално да се справи со новонастанатата ситуација од ваков тип, секако подготвувани од препораките на СЗО и од Комисијата за заразни болести која и денес е наш соработник. Детската болница Козле поседува специјален оддел наречен Ковид оддел, на кој се примаат сите деца што се со суспектна клиничка слика или со позитивна епидемиолошка анкета. По завршување на сезоната на грипот, веќе подготвено и посветено ги продлабочуваме сите наредни чекори за да не дозволиме да може да имаме пропуст во воспоставувањето на вистинската дистинкција помеѓу инфлуенца и ковид-19. Досега кај нас се тестирани повеќе од 50-ина дечиња, од кои најмалото имаше само 15 дена, а најголемото 15 години. За среќа, од сите тестирани во Детската болница Козле, утврден ковид-19 имаше само кај четири дечиња, кои во моментов се стабилни и се пуштени на домашно лекување. За нив сега ги очекуваме и вторите лабораториски тестирања за негација на ковид-19. Морам да напоменам дека лекуваното 18-месечно дете во Детската болница Козле беше успешно третирано и излекувано.

Дали вашите хоспитализирани мали пациенти се физички дистанцирани од своите мајки или тоа зависи од здравствена состојба и на мајките, односно, дали и тие се суспектни или заразени од ковид-19?

– Детската болница Козле успеа да го потврди приматот на најмодерна, нова болница, која припаѓа на државниот здравствен систем. Нејзините капацитети како детска болница дозволуваат најудобен престој како за децата така и за мајките, кои секако се нивни придружници во текот на лекувањето. Сите примени дечиња на Ковид одделот се во посебни соби со својот родител и доколку се укажало потреба за суспекција, секако дека сме ги тестирале и родителите на детето. Од самиот почеток за сите овие дечиња се грижеа специјализирани тимови на лекари и друг медицински персонал, кои посветено си ја вршеа и си ја вршат својата работа.

При последниот ваш јавен настап пред неколку денови, информиравте дека се хоспитализирани 3 деца сомнителни на вирусот, меѓу кои е и бебе родено пред 16 дена. Дали некои од тие деца се потврди како позитивно на коронавирусот и дали за сите заболени дечиња се знае на кој кластер припаѓаат?

– За среќа, сите овие деца се негативни и се редовно префрлени на другите оддели во Детската болница Козле. Болницата од самиот почеток ги прима сите деца што се фебрилни, деца со белодробно засегање и деца суспектни на ковид-19, но исто така непречено работиме и со сите други дечиња на кои им е неопходна нашата помош, а воедно функционира и „Мој термин“. Нашата организација во болницата беше најпрофесионално воспоставена според препораките на СЗО и беа спроведени сите протоколи за непречено функционирање и во овој момент. Епидемиолошката анкета што задолжително се изработува, од самиот старт е продлабочена и се спроведува навистина многу професионално токму за да не бидеме излажани или доведени во заблуда намерно или несвесно од родителите, а тоа означува дека и секој кластер внимателно е изработен.

Од досегашното неколкунеделно искуство со болеста, кои се симптомите и каква е клиничката слика на вашите мали пациенти?

– СЗО уште од самиот старт ги наведе симптомите на ова вирусно заболување, а по неколкумесечно искуство утврдивме дека навистина симптоматологијата не се разликува иако сѐ уште многу малку се знае за овој тип коронавирус. Висока температура дури и до 40 степени, болки во грлото, сувата надразнително, често непрекината кашлица и отежнато дишење се најтипичните симптоми на оваа вирусно заболување. Компликации од поголем тип кај децата не се случуваат и можам да кажам дека таа минорна симптоматологија и понекогаш асимптоматолошка слика ги прави децата да се супер преносители.

Со каква терапија се лекуваат децата во Ковид одделот на Детската болница Козле и дали и какви компликации може да останат кај оние дечиња што го прележале коронавирусот?

– Терапијата што се ординира кај децата е симптоматолошка, односно ги третираме симптомите, а секако онаму каде што има и ако има потреба, ги приспособивме протоколарните зададени лекарства. Сѐ што оди во прилог на децата е дека нивната клиничка слика е многу блага и ретко може да се случат компликации. Нас како професионалци нѐ радува тоа што мерката дадена од здравствените власти и од Владата за непосетување на наставата и градинките, вроди со плод и придонесе да немаме голема бројка на заболени деца и деца со сериозни компликации.

Неодамна десетина деца во Велика Британија и петнаесетина во Франција биле примени на интензивна нега откако развиле атипична форма на болест на крвните садови, што наликува на болеста кавасаки. Здравствените власти се обидуваат да утврдат дали постои врска со пандемијата на коронавирусот и зголемениот број случаи.

– Ќе апелирам првично до сите наши граѓани да сфатиме дека не само кај нас, туку и насекаде во светот, сме и ќе сме преплавени со безброј ужасно лажни информации, теории и заблуди. Секако дека не треба да се поверува на сѐ напишано и објавено од кого било. Светот, па и ние како дел од него, секако дека ќе имаме време да ги собереме сите информации и сознанија и соодветно и стручно да ги пласираме онака како што треба. Тоа се научни публикации, кои секако ќе бидат и светски верифицирани токму поради фактот дека станува збор за светска пандемија што зазема огромни размери. Сѐ дотогаш никој не го поседува правото слободно да говори и да шпекулира, а со тоа да внесува заблуда, особено кога се работи за состојба во која треба да се спасуваат животи и населението да ни е во свесна состојба за да може сите заеднички да се справиме со оваа пандемија. Секакви информации само ќе внесат паника, која нам не ни е потребна токму во овие моменти. Ова го зборувам од професионален аспект и секоја споделена информација од лекар треба да е согласно со СЗО, а не теорија на претпоставки и недокажани теории. Исто така и во врска со секакви нови информации ќе оставиме време да се направи поопсежна студија, по што ќе може и ние слободно да говориме во врска со неа и да споделиме искуства, доколку секако ги имаме на територијата на РСМ.
Секако дека и родителите знаејќи ги сите информации што секојдневно се презентираат во јавноста од здравствените власти, ако забележат каква било симптоматологија кај своето дете, апелирам да се јават на својот матичен педијатар, а секако дека и Детската болница Козле е секогаш тука за да ја пружи потребната помош во секое време.

 

The post Интервју со д-р Ангелчо Андоновски, директор на Детската болница Козле: Четирите деца заболени од ковид-19 сега се на домашно лекување appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....