5.8 C
Скопје
02:08 - 27 април, 2024

Интервју со Агњешка Холанд: Филмовите денеска се медиокритетски

Неверојатно е колку после сè, после огромниот успех и култните филмови, по работата со најголемите имиња на филмот, како во Полска, така и надвор, Агњешка Холанд е едноставна и колку се труди, прилагодувајќи се на сегашноста, повторно да се занимава со нејзината пасија – 20 век, и да прави филмови што ќе стигнат до публиката. Има неверојатен творечки пат, родена во Варшава во семејство на полски католици и Евреи, ученик на ФАМУ, учесник на „Прашката пролет“, во време кога беше затворена и протерана од својата татковина, до филмовите со кои остави силен печат, како: „Европа, Европа“, „Во темнината“, „Третото чудо“, „Вашингтон сквер“, „По трагата на коските“, „Господин Џонс“, но и серијата за Јан Палах „Огнена грмушка“, па сè до нејзиното враќање од Америка во Европа, бидејќи тука се нејзините корени, но и сите оние прашања кои денеска исчезнуваат од кинематографијата, а за кои таа мисли дека и понатаму треба да се бори. Таа е првиот претседател на Полската филмска академија, беше претседател и на Европската филмска академија, свесна е за сите проблеми и стереотипи и неуморно и понатаму смета дека борбата и гласот на жената се подеднакво важни. Се разбира, тргнавме од „Шарлатан“, филмот кој беше во програмата „Берлинале специјал“ на Берлинскиот филмски фестивал и кој предизвика лавина прашања.

„Шарлатан“ е приказна за еден силен човек кој безрезервно верува во тоа што го работи, не му е важно ни кого лечи, ниту која е жртвата. Што беше она што вас ве провоцираше да ја изберете оваа биографска приказна, која е многу специфична, но малку и ретро, а поради начинот на лечење се наоѓа и на границата на контроверзното?

-Еден пријател ми го испрати сценариото знаејќи го моето поле на интересирање, а тоа е 20 век. Ме замоли да го прочитам, сметав дека е интригантно, бидејќи зборува на еден интимен начин за Европа во 20 век, а во исто време ги има тие епски димензии во позадината. Станува збор за еден надарен човек, конфликтен, моќен, но истовремено и кревок. Мислев дека е фасцинантно иако отпрвин бев малку уплашена, сакав да ја внесам приказната во мојот систем, во мојата оригинална работа, во моето континуирано истражување на оваа тема, и сакав, како и сценаристот, да направиме нешто специјално. Тоа е лична, интимна приказна, но не значи дека се однесува на мојот живот, туку на моето психолошко чувство, бидејќи сметам дека е важно да допре длабоко, да допре прашања на кои бараме одговор, а низ кои имам можност повторно на свој начин да се навратам на 20 век.

EPA-EFE/RONALD WITTEK

Интересно е колку големи димензии зазема работата на овој чешки надрилекар, бидејќи таквото лекувањето и денеска е проблематично?

-Би рекла дека тоа е време на романтизирање на работите, луѓето ја изгубиле вербата во науката, во авторитетите. Погледнете денес, науката е моќна алатка, но постои тој страв од компјутери, од вештачка интелигенција, некои луѓе повеќе сакаат топлина, се вртат кон мистични и митолошки верувања. Интернетот помага, но луѓето ја губат вербата во медицинските авторитети, на пример, тука е приказната со вакцините, евидентно тие придонесоа многу, порано децата умираа од полио, од други болести, сега не умираат, но луѓето веруваат дека науката на некој начин лаже, се обидува да ги искористи.
Некои други авторитети, либерално-демократски, веруваат дека може да се најде друг начин на комуникација за да придонесат кон подобро општество, кон унапредување на женските права, на сексуалните права, ги негираат климатските промени, глобалното затоплување. Луѓето одбиваат да веруваат во научни податоци, во експерти, вредносни мерила, некако бараат алтернативи, што е присутно и тогаш, како и денес. Јан Миколашек не беше некој вид шаман, кој употребуваше натприродни лекарства, нешто сепак беше научно докажано, иако дискутабилно. За него урината беше огледало на човечкото тело, но луѓето му веруваа, имаше огромен број пациенти, па дури и од врвот на државата.

Необичен е тој спој, со таа „контроверзна“ љубовна приказна, која исто така поставува многу прашања за времето во кое настаните се случуваат. Но, настрана тоа, кога на крајот ќе сумирате, ова и е филм за љубовта, можеби и најмногу една вистинска, но трагична љубовна приказна!?

-Да, тоа секако е многу интригантно. Целиот живот и однесување на Миколашек беше скриена мистерија, скриена тајна, самиот негов идентитет. Во исто време тој не можеше да го прифати својот порив кон истиот пол, но не само заради околностите, во кои тоа би било казниво и би го компромитирало неговиот статус, неговата слобода, туку и заради тоа што хомосексуалноста се сфаќа како некој вид слабост, што не е комаптибилно со неговото его, со негова гордост да биде моќен, широкоград, недопирлив. Тој сметал дека тоа е негова мисија, негова страст, тоа е главната патека на неговиот идентитет и во моментот кога може тоа да го изгуби станува лут.
Тоа е константен конфликт кој ќе влијае на неговиот однос со Франтишек, претворајќи го во малтретирање и опсесија, кога дури и го тера неговата жена да абортира. Трагично и очајно, но она што мене ме интересираше е другиот. Која е мотивацијата на Франтишек, како тој ја доживува оваа љубовна приказна. Ние ги гледаме овие двајца мажи, ја чувствуваме нивната блискост, мешавина на грижа, зависност, иритантност, страв од другата личност, она што во основата ги држи заедно. Ако се вратиме на почетокот кога Франтишек бара работа, можеше да се почувствува таа привлечност кај Миколашек, што го гледаме како некој вид игра, прво мислиме дека е заради работата, дека Франтишек се восхитува на неговите способности, но полека сфаќаме дека таа врска е многу подлабока, сè до самиот крај кога тој ќе се жртвува за него. Навистина мислам дека тоа е интересна љубовна приказна.

EPA-EFE/MARCIN OBARA POLAND OUT

Го нарековте тоа време романтично, но во исто време тоа е и оној историски миг кога расте фашизмот, за кој многу отворено зборувате!?

-Да, го нареков романтично, но на почетокот. Тоа се однесува на некои предности на кои луѓето отпрвин биле изложени, уметност, поезија, музика, човечките вредности, науката. На луѓето им бил многу поважен животот, знаењето, разбирањето, луѓето со големи способности, научни, уметнички, политички. Политичарите го користеле тоа, биле вешти и знаеле како да ги убедат луѓето дека се важни, ти си уличен работник ама ти си важен, исто како и професорот на универзитет. Она што е интересно, а што го забележав во Полска, е дека направиле прашалник за најреспектирана професија, професор на универзитет и доктор биле на прво место, политичарите секогаш биле ниско, а сега станува обратно. Професорите паднаа, на прво место се пожарникари, квалификуваните работници се на трето место, сестрите се пред докторите. Имало големи промени, што учиш, што знаеш, станува помалку важно од некој вид мануелни вештини, од личната посветеност.

Често ваша тема во филмовите е Холокаустот, војната, комунистичкиот режим, вистинските приказни за Евреите, ме интересира што е всушност најважно во овие приказни за вас. Дали е тоа отпорот, состојбата на духот, психолошката состојба, човечките судбини, приказните кои не треба да бидат заборавени или начинот на кој човек се обидува да го сочува својот идентитет. Што е она што сакате да го порачате?

-Всушност, сето тоа, има повеќе слоеви. Ме интересира судбината на Средна Европа, луѓето во првата половина на 20 век, тој вид на Европа и Европа, индивидуалните личности во општеството, надарени луѓе, луѓе со посебни вештини, тука секако се и љубовните приказни, начинот на кој се прифаќате себеси, како сето тоа влијае на вашите права. Не знам што би издвоила, што ми е најважно, можеби мешавината од сето тоа. Најмногу сум заинтересирана за истражување на европската историја на 20 век, ме интересира и она што е актуелно денес, како, на пример, факт е дека сме биле вакцинирани против некои најлоши работи, а сега вакцинацијата исчезнува, односно повторно влегуваме во проблеми. Наеднаш и темата за лажните вести станува релевантна. Лани филмот „Господин Џонс“ се занимаваше токму со тоа, со манипулацијата на медиумите, со фејк њуз, со пропаганда, тогаш и денес, кои се тие што се во Владата, зошто таа е толку слаба да го одбрани општеството од најстрашните опасности, зошто популизмот и национализмот победуваат насекаде.

„Господин Џонс“, кој е исто така биографска приказна за овој велшки новинар што умира многу млад, зборува за Сталин, за ситуацијата во Советскиот Сојуз, но најмногу за истражувачкото новинарство, за романтизирањето на историјата, за комунистичкиот и капиталистичкиот систем, за лицемерието на Западот и, секако, за лажните вести!

-Сметам дека е многу важно да се биде свесен, секој објективен, чесен новинар мора и треба да ги проверува фактите, да ја бара вистината. Живееме во време на интернет, на социјални мрежи, на кои е многу лесно да се манипулира со информациите, лесно, брзо и евтино. Никој веќе не сака да вложува пари во истражувачко новинарство, странски дописници нема, новинарството базирано на факти е скапо. Лажните и делумни информации ги добивате за џабе. Денеска стана многу опасно да ја барате вистината, истражувачките новинари не само што не можат да најдат пари, туку трпат и закани по својот живот.
„Господин Џонс“ имаше многу добар прием и помина одлично на боксофисот во Полска. Мило ми е што луѓето сфатија дека е тоа важен филм, одеше во школите, беше прифатен како едукативен, имавме дискусии, средби со луѓето, не само историја, туку и за тоа каде сме и она што сме. Зошто денешниот капиталистички систем е многу побрутален отколку во времето на Советскиот Сојуз. Бидејќи, како што покажува историјата, нештата се повторуваат, но сега имаме глобализација, па ако дојде до војна таа ќе биде глобална.

Уште на самите почетоци на вашата кариера имавте проблеми со цензурата. Тоа ве натера и да се преселите од вашата земја. Но, морам да кажам дека цензурата постои и тоа како, иако денеска не се нарекува така, но на прикриен начин таа е присутна и во некои навидум помалку репресивни општества, само што се употребуваат други методи, моќ, пари итн. Какво е вашето искуство?

-Така е, има различен вид цензура и мислам дека економската цензура е посилна, па сепак, тоа беше мој избор. Но, кога работев во комунистичка Полска можам да кажам дека и не беше најлошо, на пример, во исто време во Чехословачка беше практично невозможно да се направи филм со некаков вид слобода. Додека, во Полска можев да направам филм каков што сакав, тие не се грижеа кој работи, како се снима, дали е разбирливо или не, дали актерите се познати, можев да направам што сакам, никој не ми забрануваше. Но, имаше некои делови за кои беше невозможно да се зборува. Не смееше да се нападне комунистичката партија, не можеше да бидеш критичен спрема луѓето кои се авторитети. Ние, секако, учевме како да заобиколиме, публиката беше многу поинтелигентна од денес, умееше да чита метафори, симболи, да сфати што сакаш да кажеш. Денеска би рекла дека се тотално неспособни за тоа, денеска сè сфаќаат буквално, што е навистина жално.

Зошто не се интелигентни, какви се нивните реакции и колку односот на публиката го диктира и изборот на филмовите што ги правите?

-Во последните неколку филмови се базирав на вистински приказни, земајќи сè речиси буквално, понекогаш ја мешам реалноста и фикцијата. Но, не се обидуваат да одат на друго ниво, не сакаат да се потрудат. Видете, не е сè како ријалити шоу и не зборувам овде за проценти, или за фестивалска публика, или за спиритуални филмови кои траат 7 часа, зборувам за обичната публика. Едноставно, не се трудат. Но, и филмаџиите денеска се, исто така, помрзливи, па некаде се наоѓаат, иако поради тоа филмовите се медиокритетски.

Како влијае економската цензура?

-Не е лесно, не можам секогаш да ги одберам оние актери кои ги сакам, не ми дозволуваат да направам пробна проекција, да видам дали на луѓето им се допаѓа или не, ако не мислат дека темата ќе привлече публика поддршка нема да добиете итн. А посебно е тешко да се бориш за своја финална верзија, особено во Америка. Во Европа многу од продуцентите сакаат фајнал кат, тие се паметни луѓе, но не работиш често со такви луѓе. Иако имам разбирање, се обидувам да го направам најдоброто за филмот, се разбира не по секоја цена, сепак, не сум толку себична. И отворена сум, ако не може вака, ќе го направиме поинаку, но сè зависи. Не е лесна работа, иако имам некој статус, економските параметри се неумоливи, како и некои продуценти.

Денеска постојано се зборува за жените режисери, за процентот на нивното присуство на некој фестивал, но не сум сигурна колку тоа суштински помага. Мислам дека кога има добар филм тој си го пробива патот, без оглед дали режисерот е маж или жена. Дали е така и би можеле ли да направите паралела, во смисла – колку беше тешко да се успее како жена во времето кога вие почнувавте?

-Бев опкружена со прекрасни мажи, работев како асистент на Кшиштоф Зануси и на Анджеј Вајда, а соработував и со Кшиштоф Кишлофски, многу ми помогнаа и ми беа вистински пријатели. Можев да ги реализирам моите идеи, имав соработка, но борбата за гласот на жената е важна. Велите добар филм!? Да, јас знам многу добри филмови направени од жени, кои не можат да влезат на ниеден фестивал. Еве, на пример, Кан или Венеција, погледнете колку филмови од жени имаат во главната или во паралелните програми, колку проценти? Отприлика, 90 проценти од мажи, 10 проценти од жени. Директорот на Канскиот фестивал лани зборуваше дека се обидуваат да најдат добар филм од жена. Не би рекла!
Како членка на Европската филмска академија, можев да видам барем десет одлични филмови од жени. Затоа не им верувам. Мислам дека едноставно така размислуваат, така им работи мозокот, поприемливи се за филмови потпишани од мажи отколку од жени, не ги разбираат нивните филмови, имаат поинаква сензибилност, поинаков глас, различно животно искуство, не само сега, низ вековите, илјадници години. Тоа го сфатив кога седев со моите соработници во Полскиот филмски институт. Гледавме филм на една млада режисерка како комисија, во која сме шест мажи и јас (една жена). Филмот беше добар, но нив им беше здодевно, рекоа дека карактерот на жената не е добар… А тоа се добри луѓе, позитивни, имаат волја да го направат тоа, но едноставно не го разбираат.

EPA/MARCIN OBARA POLAND OUT

Колку се менуваат работите последниве години и дали, според вас, е воопшто можно?

-Факт е дека постои стереотип, мажите се заинтересирани за Рамбо, а жените за романтични комедии. Навистина, имаме различен интерес, но тоа е нормално, различни сме, имаме различно животно искуство, различни проблеми. Тоа ми беше јасно уште кога го снимав својот втор игран филм во Полска. Тоа беше историски филм за почетокот на 20 век, снимателот ми беше многу близок, бевме иста возраст, но настана проблем кога ја снимавме сцената во која еден маж практично силува една жена. Јас ја спуштив камерата на земја, сакајќи да го фатиме нејзиниот агол на гледање, но Јацек ми рече да не го правам тоа, дека вака подигната камерата е добра и дека имаме добар кадар, а тоа беше погледот на мажот кој лежеше врз жената. Тоа е тој различен поглед и различно доживување, но јас сметам дека ако не го видиш женскиот агол на гледање, тогаш знаењето за светот би ти било крајно редуцирано.
Мислам дека работите сега се променети, и тоа не заради некаков процент или квота, туку има тука и економска причина. Женската публика се разбуди. Ако денеска ја погледнете публиката, еве според последните броеви на холивудската дистрибуција, ќе видите дека гледаноста на филмовите на жените е иста како и гледаноста на филмовите на мажите. Со векови не беше така, и не беше случајно што жените беа помалку платени, но денеска жените се тие кои одлучуваат што сакаат да видат, не одлучува повеќе некој друг за нив. Денеска имате сценаристки, актерки, режисерки, се промени економијата, сега се важни нивните барања, не можат повеќе нив да ги избегнат.

The post Интервју со Агњешка Холанд: Филмовите денеска се медиокритетски appeared first on Слободен печат.


Интервју со Агњешка Холанд: Филмовите денеска се медиокритетски was first posted on јуни 10, 2020 at 11:15 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....