18.8 C
Скопје
20:33 - 1 мај, 2024

Дали медиумите на Балканот се подготвени за gender уреднички? „Слободен печат“ со „Женски печат“ ги разбива предрасудите во општеството

„Њујорк тајмс“, како еден од најчитаните медиуми во светот, кој се обидува да биде во тек со светските актуелности и трендови пред три години одлучи да го засили редакцискиот тим со нова уредничка улога – gender уредничка – уредничка која известува за сите дневно-политички теми, но од феминистичка перспектива.

Уредничката Џесика Бенет, која е поставена на таа позиција, при именувањето изјави дека таа позиција не подразбира само пишување за правата на жените, и дека тоа не е единственото прашање на феминизмот. Вели дека е важно да се доближат сите теми преку родовата перспектива. „Сеедно е дали зборуваме за приказните за родовиот идентитет, или маскулинитетот, или за раса и класа и како тие се вклопуваат во родовиот идентитет, или едноставно за темите кои Њујорк тајмс веќе ги покрива – политика, меѓународни работи, наука, здравство.“

За тоа колку медиумите во регионот се далеку или блиску до ваквиот пристап, и дали уредништвата на медиумите размислуваат за важноста на оваа перспектива, Balkansmedia разговараше со новинарките и уредничките од Балканот.

Беса Луци, уредничка на онлајн медиумот Kosovo 2.0. вели дека одлуката на „Њујорк тајмс“ да има gender уредничка е одличен одговор на медиумскиот простор кој преиспитува како да ја подобри уредничката покриеност и да даде критичко, проникливо новинарство.

„Да се прифати интерсекционалниот пристап кон родовиот идентитет и да се опфати моменталниот развој на настаните преку родовата перспектива, значи да се биде свесен/на и внимателен/на на начините на кои родот е испреплетен, неразделив и често централен во сите политички, општествено-економски, културни, еколошки искуства. На базичното ниво тоа значи да се препознае на кој начин родовата динамика го обликува начинот на кој го разбираме развојот околу нас, а со самото тоа и начинот на кој пишуваме за нив. Токму поради тоа мора да станеме повеќе фокусирани врз тоа како таа динамика влијае врз нас преку акциите како што е онаа на Њујорк тајмс.“

Тамара Скроза, новинарка на неделникот Време од Србија, вели дека ваквата одлука е разбирлива од гледиштето на американската медиумска сцена, особено во време на движењето „Me too“. „Повеќе од пофално е што еден така угледен медиум се одлучи на иновативен чекор не само во поглед на технологијата, туку и на содржината.“

Ана Анастасовска, уредничка на онлајн изданието на „Слободен печат“ од Македонија, ја поздравува оваа одлука, истакнувајќи дека таа е од огромно значење, особено што „улогата на жената во општеството и кај нив, исто како и кај нас, е улога на ‘домаќинка’.“ „Во денешно време многу се говори за феминизмот и за еднаквоста меѓу мажите и жените, но факт е дека разлика меѓу половите постои, и тоа не само на Балканот, туку секаде во светот. И таа разлика е видлива во сите сегменти.“

Дали медиумите на Балканот се подготвени за gender уреднички?

Од исклучително значење е да се зборува за оваа тема, бидејќи жените, па така и новинарките во регионот често се изложени на родово заснованото насилство, дискриминација и мобинг. Може да изгледа дека медиумите во нашиот регион се поприлично далеку од прифаќањето на ваквиот пристап, но медиумските редакции би требало да почнат да размислуваат за новите пристапи на уредничките политики и фокусот врз посеопфатен пристап кон темите кој вклучува разбивање на длабоко вкоренетите предрасуди кои постојат во нашето општество, а кои медиумите често  ги пренесуваат без давање на објаснување зошто определени работи се всушност такви.

Беса Луци наведува дека Балканот често се опишува како патријархално општество, со конзервативни или традиционални норми и вредности, но дека тоа не е нужно така единствено во случајот на Балканот, со оглед дека ексклузивните или мизогинистичките дискурси и практики се вградени во општествата ширум светот.

„За жал, медиумите во нашиот регион имаат недостаток на разбирање за тоа дека родот е ознака на идентитетот кој или придонесува за исклучување или маргинализација на поединците/ките или за давање привилегии на другите како и напорите свесно и активно да се вклучат во незапирливиот катализатор на дискриминацијата.“

Кога е во прашање фактот дека медиумите за жал придонесуваат за продлабочување на стереотипите кои владеат во општеството, Беса Луци наведува дека „медиумите често придонесуваат за јакнење на поделбите и негување на родовата нееднаквост. Значи, мислам дека имањето на gender уредници/чки или применувањето на практиките кои имаат за цел интегрирање на рамноправноста на половите во нашата секојдневна работа би можело и дефинитивно  би придонело за подобро знаење и разбирање на тоа дека родот е дел од било кое  прашање или развој, и се надевам, дополнително би ги подобрило новинарските практики и дискурси.“

Тамара Скроза вели дека пред сé би сакала да ги види чекорите кои би ѝ претходеле на една ваква одлука, бидејќи според нејзе во овој момент е невозможно медиумите на Балканот да имаат една ваква улога во уредништвото. Иако таа подвлекува дека би сакала да види нешто слично во некој регионален медиум.

„Пред сé би сакала да видам нешто што му претходи на ваквиот чекор: поголема застапеност на жените во медиумите, поголем сензибилитет за човековите права на жените, почитување на етички и професионални стандарди во  известувањето за насилството врз жените, родово сензитивен јазик.

Сето тоа ние засега го немаме, а уредничката како оваа за која станува збор, тешко дека самата би можела таквите појави да ги спречи или исправи. За таквата уредничка да постои, да има авторитет и така да може да влијае врз содржината на медиумот, мислам дека би морале да бидат исполнети одредени предуслови: пред сé, позицијата на жената во самите редакции значително да се подобри, и вообичаеното известување да биде доведено на етички прифатливо ниво. Дотогаш, сé што би се преземало во овој правец, би било неискрено, лицемерно и тешко одржливо.“

Дека сепак постои простор за различни пристапи во медиумското известување сведочи Слободен печат од Северна Македонија, кој неодамна воведе рубрика Женски печат. 

„Овој додаток од 8 страници содржи текстови и написи посветени на жената. Но, не на жената како физички објект, туку на жената како интелектуално суштество. Во овој прилог можете да сретнете приказни за различни жени, од успешни бизнисменки, до поетеси, писателки, глумици, диџејки итн.

Овие написи се објавуваат и на нашата онлајн платформа во посебната рубрика Жена. Целта ни беше да го зголемиме бројот на женската публика, но секако и да ѝ покажеме на машката публика дека жените не се само секс објекти. И на наше изненадување, прилогот предизвика одлични реакции во јавноста. Секако, како медиум секогаш стоиме на ставот дека еднаквост меѓу половите мора да постои и во нашите написи никако не смее да има дискриминација по било која основа.“ – наведува Ана Анастасовска.

Првите чекори кон постигнување на професионално и етичко известување на скалата погоре

Примерот на Слободен печат навистина е позитивен и може да придонесе токму за разбивањето на предрасудите кои владеат во нашето општество. Давањето простор за приказни за жените е важно, имајќи предвид дека мажите се оние кои се подоминантни во медиумското известување.

Секако, следниот чекор би бил да се пишува за сите теми, кои ги вклучувааат и мажите и жените, низ еднаков пристап, со подвлекување на присутноста на предрасудите, и давајќи  заднина поради што ситуацијата е таква каква што е. Бидејќи единствено со влегувањето во сите сфери и сите професии, без да се истакнуваат жените низ призмата на давање на дополнителен простор, можна е целосна рамноправност.

Без оглед дали медиумите на Балканот се подготвени да го прошират својот уреднички тим со оваа позиција или не, сите соговорнички се согласија дека е важно да се занимаваат со родовата нееднаквост и дискриминацијата која е присутна. Медиумите се тие кои имаат значителна улога во едукацијата и можат многу да придонесат за разбивање на предрасуди. Меѓутоа, за да се покрене нешто такво, секако тие мора да појдат од своите редакции. Со креирање на уреднички политики и со едукација на новинарите/ките за прашањата како што се родовата нееднаквост, родово заснованото насилство и мобинг, и феминистички пристапи во известувањето, можат во многу работи професионалното и етичкото известување да го кренат на скалата погоре. Од друга страна, постои голем број луѓе кои не добиваат соодветни информации преку медиумите, и на кои им е потребно известување од оваа перспектива. Во врска со тоа, читаноста на медиумите секако би била зголемена.

 

Автор: Лејла Хуремовиќ

Извор: Балкансмедиа

The post Дали медиумите на Балканот се подготвени за gender уреднички? „Слободен печат“ со „Женски печат“ ги разбива предрасудите во општеството appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....