Бугарската пејачка Дара, која со песната „Bangaranga“ триумфираше на Евровизија 2026 во Виена, деновиве е едно од најспоменуваните имиња во Европа. Додека публиката ја освои со енергичниот настап и моќната сценска појава, малкумина знаеле дека нејзиното срце одамна е освоено.
Пејачката, која ѝ ја донесе првата историска победа на Бугарија на Евровизија, е во брак со докторот Ервин Иванов. Според бугарските медиуми, нејзиниот сопруг има околу 35 години и е фармаколог по професија.
Дара никогаш премногу не сакала да зборува за приватниот живот, па и веста за свадбата ја споделила на необичен начин. Наместо класично соопштение за медиумите, таа објавила кратко видео на социјалните мрежи, на кое блеска во бела венчаница опкружена со деверуши, со што открила дека се омажила.

Нивната љубовна приказна започнала уште пред неколку години, а свршувачката се случила за време на романтично патување во Тајланд. Тогаш пејачката преку емотивни објави им откри на фановите дека го кажала судбоносното „да“.
Според бугарските медиуми, Дара му ја посветила и песната „Only Mine“ („Само мој“) на својот сопруг Ервин.
Пред големата евровизиска победа, Дара веќе важеше за една од најголемите музички ѕвезди во Бугарија. Публиката ја запозна преку музичкото шоу „X Factor“, а подоцна беше и ментор во „The Voice of Bulgaria“.

Нејзиниот албум „ADHDARA“, објавен во 2025 година, бележи огромен успех, а нејзините музички видеа имаат повеќе од 80 милиони прегледи на интернет.
Со песната „Bangaranga“, која на Евровизија освои повеќе од 500 поени, Дара успеа да ја воодушеви и публиката и жирито, носејќи ѝ на Бугарија најголем успех во историјата на натпреварувањето.
Пред неа, најдобар пласман за Бугарија имаше Кристијан Костов, кој во 2017 година заврши на второто место.
