Со доаѓањето на постудените денови, кондензацијата на прозорците станува чест проблем во многу домови. Капките вода што се собираат на стаклата не само што го нарушуваат изгледот на прозорците, туку можат да придонесат и за појава на мувла, особено ако влагата подолго време се задржува во просторијата.
Кондензацијата настанува кога топлиот воздух исполнет со влага ќе дојде во допир со студена површина, како што е прозорското стакло. Тогаш водената пареа се претвора во ситни капки вода, кои најчесто ги забележуваме во утринските часови.
За оние што се соочуваат со овој проблем, постои едноставен трик за кој е потребен производ што многумина веќе го имаат во бањата, пишува хрватскиот портал „24 сата“.
Станува збор за пена за бричење, која, според искуствата споделени на интернет, може привремено да го намали замаглувањето на стаклените површини.
Како функционира трикот со пената за бричење?
На форумот „Money Saving Expert“, еден корисник побарал совет како да ја спречи кондензацијата на прозорците во текот на зимата.
Меѓу бројните предлози, особено внимание привлекол советот на друг корисник, кој тврди дека со години користи пена за бричење за оваа намена.
„Обидете се да нанесете тенок слој пена за бричење на внатрешната страна на прозорецот. Распоредете ја рамномерно со крпа, но не претерувајте со количината. Тријте додека стаклото не стане проѕирно. Ќе остане тенок заштитен слој“, објаснил тој.
Според неговото искуство, истиот метод го користи и на огледалата во бањата и на автомобилските стакла, а ефектот на намалено замаглување наводно трае четири до шест недели.
Тој советува трикот најпрво да се испроба на огледало во бањата, а притоа нагласува дека треба да се користи пена, а не гел за бричење.
Објаснувањето за ваквиот ефект се поврзува со состојките во пената за бричење. Таа содржи површински активни материи што го намалуваат површинскиот напон на водата, поради што капките потешко се формираат на стаклото.
Сепак, важно е да се нагласи дека станува збор за домашен трик заснован на корисничко искуство, а не за докажано долгорочно решение. Пената може да го намали видливото замаглување, но не ја отстранува вишокот влага од воздухот.
Што навистина помага против кондензацијата?
Иако пената за бричење може да биде привремено решение, за долгорочно намалување на кондензацијата потребно е да се подобрат условите во домот.
Еден од најважните чекори е редовното проветрување. Со отворање на прозорците се овозможува размена на воздухот и намалување на влажноста во просториите.
Особено внимание треба да се посвети на кујната и бањата, каде што при готвењето и туширањето се создава поголема количина водена пареа. Користењето аспиратор за време на готвењето, како и вклучувањето вентилатор во бањата за време на туширањето и најмалку 20 минути потоа, може да помогне во отстранувањето на влагата.
Дополнителен проблем може да биде сушењето алишта во затворен простор. Ако немате можност да ги сушите надвор, препорачливо е да користите одвлажнувач на воздух или да обезбедите соодветно проветрување.
При готвењето, пак, користењето капаци на садовите може да го намали ослободувањето водена пареа во просторијата.
Важна улога имаат и греењето и изолацијата. Кога стаклата и околните површини се многу студени, поголема е веројатноста влагата од воздухот да се кондензира на нив.
Затоа, доколку на прозорците секојдневно се собира вода, не е доволно само да се избришат капките или да се нанесе средство против замаглување. Потребно е да се утврди зошто во просторијата има зголемена влажност.
Трикот со пената за бричење може да биде практичен начин привремено да се намали замаглувањето на стаклата, но редовното проветрување, соодветното греење и контролата на влажноста остануваат најважните мерки за спречување на кондензацијата и појавата на мувла.
