Пејачката Сенидa Хајдарпашиќ, попозната како Сенидa, искрено проговори за својот приватен живот, музичката кариера и периодите кои ја обликувале како личност.
Таа вели дека отсекогаш сакала да ги спојува, на прв поглед, неспоивите работи – емоцијата, суровоста, гламурот, балканскиот дух и современиот звук. Според неа, токму тоа ја прави автентична и ѝ овозможува да остане верна на себе, без да се прилагодува на туѓите очекувања.
Иако на сцената остава впечаток на силна и самоуверена жена, приватно, како што признава, е многу помирна личност. Себеси се опишува како интроверт и открива дека понекогаш го исклучува телефонот и со денови поминува во тишина и осаменост.
„Приватно сум многу помирна отколку што луѓето можеби очекуваат. Повеќе сум личност која знае кога е време за луѓе и работа, а кога ми се потребни мир и изолација. Токму во тие моменти најчесто добивам најмногу идеи и инспирација“, вели Сенидa.
Пејачката повторно се осврна и на чувството дека отсекогаш била „некаде помеѓу“. Објасни дека во Словенија често се чувствувала како странец поради своето име, а во Црна Гора поради местото на раѓање. Токму тоа, како што истакнува, ја научило да не бара прифаќање по секоја цена, туку да го изгради сопствениот идентитет.
Посебно место во нејзиниот живот има мајка ѝ, од која, како што вели, научила достоинство и како да го зачува внатрешниот мир. Додава дека силата не значи никогаш да не паднеш, туку секогаш повторно да станеш.
Сенидa признава и дека многу ретко им дозволува на луѓето да ѝ се доближат.
„Многу мал број луѓе. Денес тоа е вистинско богатство. Повеќе ја ценам искрената блискост и луѓето кои те разбираат и кога молчиш“, вели таа.
Според пејачката, животните загуби и тешките искуства се дел од неа, но денес не верува дека уметникот мора да биде несреќен за да создава искрена уметност.
„Суштината е само длабоко да чувствуваш. Никогаш свесно не сум ги жртвувала својот мир или среќата поради музиката“, истакнува таа.
Зборувајќи за кариерата, Сенидa нагласува дека е благодарна за сè што постигнала на Балканот, но дека не сака да застане тука. Нејзината најголема мотивација, вели, е постојано да истражува, да создава и да ги поместува сопствените граници, без разлика на јазикот или пазарот на кој настапува.
