9.8 C
Скопје
10:04 - 19 март, 2024

На гости кај мајстор Пачо: Тито си живее во Лабуништа

„Парите не се проблем“, велат лабуништанци, „денес младите си бегаат поради подобри услови за живот“.

Лабуништа/ Фотографија Ахмед Демиши

Поаѓаме од Струга кон Лабуништа, по патот што води кон Дебар, зад себе ги оставаме Мороишта, Враништа, Велешта, Вевчани, Подгорци, и налево, во самото подножје на Јабланица, селото во триаголна форма на надморска височина од 865 метри, ви се поддава со две-трикатните куќи во должина на уличките разгранети удолу. Има сè, исто како во град – училиште, продавници, супермаркети, триесетина чајџилници и кафетерии, ресторани, амбуланта, пошта, цркви, џамии, гробишта, бутици… Има и река, Лабунишка Река која се влева во Црниот Дрим.

Селото има повеќе од 10 илјади жители во летната сезона, бројка што речиси се преполовува во другите месеци од годината. Според бројот на жители и условите за живот што ги нуди, Лабуништа би можело слободно да си биде гратче, но сепак припаѓа на Општина Струга, со образложение „недостиг на инфраструктура“, но многу поверојатно поради многубројното гласачко тело, кое редовно е примамливо за изборите.

И јасно ви е, со оглед на тоа што од жителите на Лабуништа остануваат само половина со зајдисонцето на летото, гости сме во печалбарско село, кое некогаш се напуштало поради пари. А денес? „Парите не се проблем“, велат лабуништанци, „денес младите си бегаат поради подобри услови за живот“. Ако навлезете поопширно во муабетот, макар и „од нозе“, какви се тие подобри услови, ќе го чуете она што веќе добро го знаете, ама не сте го кажале на глас пред соседите. Раатисување од политики, политичари и политички влијанија, организирани општества во служба на граѓаните, функционалност на институциите, на правниот систем, вреднување на трудот и образованието, можност за напредување… Не станува збор за потрага по работно место, напротив, работа во Лабуништа има колку сакаш. Дури не треба ни до Струга да се „отпатува“. Само во Лабуништа добро функционираат околу четиристотини приватни фирми.

Лабунишки бачила, фото Амер Демиши

Ако некогаш жените не работеле, туку се занимавале со домаќинлак, денес речиси сите млади се вработени. А не дека и постарите домаќинки седат со скрстени раце. Везат и плетат чудесни дизајни, главно за свадби, но овие дела доколку се понудат на продажба, имаат непроценлива вредност по мајсторството на рачната изработка. Кога сме, пак, кај мажите, тие се прочуени по занаетчиството. Тука, старите занаети од сите бранши се негуваат со генерации, со традиција. Некои ги негуваат и по ЈУС систем. Како што тоа го прави мајстор Пачо. По него и тргнавме кон Лабуништа.

Пачо, фото – Ахмед Демиши

Тито меѓу мајсторите

Кој не го знае Рифат Салиоски – Пачо, сигурно не е од Лабуништа, а не е ни од Струшко. Овој 67-годишен жилав водоинсталатер, махерски врти куп занаети околу прстите, девет години работел и во скопска „Алумина“, а долг стаж има и во РЕК „Велење“, Словенија. Работи од парно греење до електричар, ѕидар, хаусмајстор, машинобравар… Ова последново, машинобравар, двапати ќе го спомнеме, а има и зашто. Накратко, наш Пачо е најголем фан на Тито меѓу мајсторите. Седнуваме на муабет, под длабоката сенка на дворот, со кафенце за добредојде од Пачојца и снашката. Ете го, набргу стигнува и тој, го викнале да „скокне“ за совет по работа. На дрвената маса, под носот, ми ја спушта дебелата книга за маршалот. Монографија печатена по смртта на Тито. Си чува симболични колекции од книги, предмети, спомени за маршалот, од времето на поранешна Југославија. Во неговата работилница, на „ударниот“ ѕид е закачен метален профил од маршалот, а под него и две слики од Тито, од „памтивек“, но сепак, многу значајни за да се сфати целата филозофија на мајстор Пачо. На едната од нив, Тито и Чегевара. Југоносталгичарот има успешен внук музичар, Менил Велиоски, кој сега живее во Словенија, а кому за влакно му избега титулата на најдобар пејач на „Ѕвездите на Гранд“. Но Менил е веќе, секако, ѕвезда. Додека престојувал во Белград, за музичките натпревари како поддршка на внукот, Пачо не ја пропуштал можноста да го бодри, но и да ги посети сите „куќи“ што се поврзани со сеќавањето за Тито.

– Секој ден пред натпреварот прво одев кај Тито, во „Куќата на цвеќето“, па после во „Гранд“ – ми вели.

Пачо сè уште верува во делото на Тито, ама не верува дека има кој да го замени. Како што не верува дека Европа токму нас нè чека.

фото – приватна архива
фото – приватна архива
фото – приватна архива

Го прашувам, што толку било убаво во тоа време.

– Системот беше подобар, заштитени бевме од државата, закони владееја, а сега е сè изопачено. Во тој систем, кога ќе згрешиш, сам ќе одиш во Комитет или на суд, и ќе кажеш „згрешив“, а сега мора да ангажираш адвокати, всушност, сега сè се врти околу парите – објаснува мајсторот.

Како вистински наследник на делото на машинобраварот, Пачо не отстапува од познатиот ЈУС-систем при изградба на градби.

– Тие што го препознаваат квалитетот од тој систем, сите ме бараат. И помладите слушаат од постарите, па сега и тие ме бараат. И воопшто не прават пазар колку ќе чини, „само ти да ми ја свршиш работата“ – вели.

Поборник е на одговорното работење, но и на одговорноста воопшто, во општеството, за која вели дека веќе ја нема. А му се допаѓа идејата за Отворен Балкан. Убава му е и логиката затоа што: „Сега ние ја бараме Европа, а тогаш светот ќе нè бара нас“.
За Тито им зборува и на младите. Тие, пак, го слушаат со големо внимание. „Вистина е, така е“, му кимаат потврдно со главата. Така, благодарение на Пачо, Тито си живее во Лабуништа. И во сигурни раце е.

Комшијата

А Тито не би бил Тито, ако нема куп пријатели. Кој би можел да нѐ сликне? Му ѕвони на комшијата. И, пред нас веќе имаме професионален фотограф, чувар на семејната традиција од над 70 години. Ахмед Демиши има три фотографски студија во Струга и има „полна капа“ работа. Има два сина и две ќерки. Ја сретнавме и едната ќерка, младата талентирана девојка го трасира патот во модниот дизајн, вметнувајќи во своите креации нишки од традицијата. Ама за неа ќе ви раскажеме другпат. Другата ќерка на Ахмед е во Шведска, мажена со охриѓанец, работи како медицинска сестра. Си има убав, среден живот, можност да напредува во кариерата. Не мисли да се враќа. А тука, работа ја чека на тацна, може одлично да заработува. Тоа е она со „парите не се проблем, туку системот на државата“. Исти причини поради кои младите ни бегаат во странство. Од под Јабланица, пак, што поради разбистрениот воздух, а што поради височината, само тоа поубаво се гледа.

Лабунишки бачила, фотографија Амер Демиши 
Лабунишки бачила, Фотографија Амер Демиши
Лабунишки бачила, Фотографија Амер Демиши
Лабунишки бачила, Фотографија Амер Демиши

 

 

 

Слични објави

Астропрогноза за вторник, 19 март: Убави вести за Близнаците, исполнување на сонот за Скорпиите

еспресо

(Фото) Нова фотографија од „исчезнатата“ Кејт Мидлтон: „Дали навистина е Кејт?!“

еспресо

На седмо небо: Три хороскопски знаци ќе ја најдат судбинската љубов многу наскоро

еспресо

(Фото) Ким Кардашијан покажа ретка фотографија пред пластичните операции: Нема да ја препознаете!

еспресо

„Немам дечко веќе 40 дена“: Дара Бубамара отворено за мажите и врските

Еспресо

(Видео) Лозано има нова песна, слушнете ја „Бариера“

еспресо
Се вчитува....