11.8 C
Скопје
01:55 - 4 мај, 2024

Интервју со Котеска-Калајџиевски за добиениот случај со битолската „Јавна соба“: Не сум само адвокатка на овие клиентки, туку пријателка и „ветер в грб“

Со воспоставување практика на казнување дела, како што е случајот со битолската „Јавна соба“, ќе се сузбие злоупотребата на довербата и личните податоци. Според адвокатката, овој пристап не е ништо поразличен од забраната да се отвораат туѓи писма во хартиена форма адресирани до одреден субјект и да се објавува јавно нивната содржина.

„И јас сум дете на мајка што била жртва на семејно насилство, сум растела во еднородителско семејство на работ на егзистенција, но тоа не ме спречило целиот живот да сакам да ги урнам табуата дека децата на разведените родители тргнуваат по лош пат. И ги урнав!“ Фото – приватна архива

Адвокатката Катерина Котеска-Калајџиевски, специјалистка за семејното право, семејно насилство и родово базирани дела, неодамна го доби предметот за битолската „Јавна соба“, во кој жена била изложена на срам со јавно објавување интимни фотографии за кои преживеала голгота и се соочила со јавен потсмев.

Случајот со битолската „Јавна соба“ започнал пред година и пол.

– Жртвата ми е познајничка, и самата бев сведок на јавно објавување на интимните фотографии. Не се двоумев ни момент, иако во таквите ситуации сите се тргнаа од жртвата, не сакајќи да се инволвираат. Веднаш ѝ се јавив за да ја известам што се случува доколку нема видено на Фејсбук, со совет да пријави во полиција – објаснува адвокатката Котеска-Калајџиевски.

Следниот ден случајот го пријавиле, а оттогаш до денес Котеска-Калајџиевски била со жртвата низ целиот пат за добивање правосилна пресуда.

– Жртвата се охрабри да пријави бидејќи освен што е храбра жена и самата, ја имаше мојата поддршка и поддршка од дел од нејзината околина. За жал, поголем дел од нејзините блиски се дистанцираа и ја оставија сама кога ѝ беше најтешко – додава Катерина Котеска-Калајџиевски.

Кои беа најголемите проблеми со кои се соочувавте при докажување на фактите и со каква стратегија настапивте во судницата?

– Најтешко беше да се докаже прекршувањето на правната норма, а особено фактот дека жртвата не треба да се осуди и не е таа во судница затоа што со еден човек споделила интимни фотографии, туку затоа што е злоупотребена довербата и сигурноста дека, ако се пратат какви било содржини на социјалните мрежи, тие не смеат да се споделуваат со никој. Ваквиот пристап кон оваа проблематика, за мене како практичар, е од особено значење, бидејќи со воспоставување практика на казнување на ваквите дела, ќе се сузбие оваа појава, односно злоупотребата на довербата и личните податоци. Овој пристап не е ништо поразличен од забраната да се отвораат туѓи писма во хартиена форма адресирани до одреден субјект и да се објавува јавно нивната содржина.

За жал, во текот на процесот се поставуваа прашања „зошто?“, а не дали е дозволено да се злоупотребува содржината. Сликите што беа доказен материјал, од моја страна, а поради деликатноста на случајот, беа снимени на цеде, па се поставуваше прашање за автентичноста на цедето и слично. Во текот на процесот, пак, од страна на бранителот поставен по службена должност, одбраната не одеше кон утврдување и ценење на олеснителните и отежнителните околности, туку со прашања од типот „зошто“ и „како можела“, се правеше секундарна виктимизација на жртвата при што расправата од моја страна, на моменти и многу жестока, беше постојано прекинувана со приговори на прашањата што беа недолични за ваква проблематика и целосно несензитивни кон жртвата.

За жал, поголем дел од блиските на жртвата, се дистанцираа од неа и ја оставија сама кога ѝ беше најтешко, фото – приватна архива

Каква казна доби обвинетиот, а каква отштета жртвата?  

– За овој случај обвинетиот доби казна од утврден затвор од три месеци со условно од една година, а жртвата отштетното побарување треба да го остварува во постапка во иднина.

Колку жените денес се спремни да одат до крај, до судницата, и колку воопшто правдата на оваа тема може да се истера до крај без нови последици за жртвата?

– Од лична практика можам да констатирам дека жртвите се охрабруваат најмногу кога имаат поддршка, а таа е од најблиските и од стручно лице што ги води низ целиот процес. Како адвокат што се специјализирал со магистратура, а сега сум докторанд на докторски студии по казнено право со акцент на семејното право, семејно насилство и родово базирани дела, не сум само адвокат на овие клиентки. Секогаш сум нивната поддршка, нивниот „ветер в грб“, нивната пријателка на која ѝ кажуваат сè и како жена можат да разговараат за сè. Оваа материја е сензитивна и ако некој не е спремен да ѝ пристапи на овој начин, со лично инволвирање, сметам дека ќе му биде многу тешко, а жртвите нема да го најдат оној зрак на крајот од тунелот што им е потребен.

Со Вашиот добиен случај веројатно ќе се поттикнат и други жени да преземат судска иницијатива за претрпено насилство од сопруг или од партнер. Но, каква е ситуацијата во Македонија на истата тема со мажите, дали има случаи кога маж тужел сопруга или партнерка за злоставување, како што беше добитничкиот случај со актерот Џони Деп?    

– Во текот на мојата практика сум наидувала на случаи и кога мажите се жртви на семејно насилство или слично, како примерот со актерот Џони Деп, како жртви на реваншизам, но овие случаи се ретки. Статистиката вели дека најчесто жртвите се жени и затоа и Законот за заштита од семејно насилство ги доби зборовите „заштита на жените“. Сум имала случај каде што маж бил жртва на семејно насилство. Во овие случаи одлуката мажите да не возвратат на провокациите и на физичкото насилство затоа што се физички посилни, нив ги прави жртви. Постапката беше правосилно завршена со изрекување мерка за заштита од семејно насилство против жената и постапката во ниту еден сегмент не се разликуваше од која било друга таква постапка.

Своевремено рековте дека се специјализиравте токму за оваа проблематика, меѓу другото, и затоа што „искуството е секогаш поголемо кога ќе го почувствувате на сопствена кожа“. Каква животна приказна стои зад овие зборови и дали ја истеравте сопствената правдина?

– Старите рекле „не помага оној што може, туку оној што има добро срце“ и „ќе ти помогне оној што самиот видел што е мака“. Апропо овие зборови, а како што и претходно сум раскажувала, и јас сум дете на мајка што била жртва на семејно насилство. Сум растела како дете во еднородителско семејство на работ на егзистенција, но тоа не ме спречило целиот живот да сакам да ги урнам табуата дека децата на разведените родители тргнуваат по лош пат. И ги урнав! Докажав со личниот пример дека не е важно од каде доаѓаш туку во што ќе израснеш. Не е важно дали живееш со еден или со двајца родители, важно е колку и каква љубов и внимание добиваш. Јас тоа го имав безрезервно и неограничено од мојата мајка, која работејќи како општ работник, ме изгледа со зборовите: „За сè ќе нема, ама за учење ќе има“. Ми обезбеди да се школувам во најтешкото време, во 90-тите со највисоки школарини, кога немаше привилегии за децата од еднородителски семејства, но волјата да успеам и да си го трасирам патот за подобро утре, никогаш не ме напушти, иако патот беше екстремно тежок. Поради ова сакам да упатам порака до сите млади, а особено до оние деца што потекнуваат од дисфункционални семејства и еднородителски семејства, дека ништо не е невозможно и дека овој свет не е создаден за богатите и децата со влијателни родители, туку за упорните, храбрите и вредните, кои кога даваат сè од себе, успехот никогаш не изостанува!

Интервју со проф. д-р Тамара Јованов Апасиева: Жените се ограничени во основање бизнис од недостатокот на дигитални ресурси

 

Слични објави

„Фала Богу што сум жива“: Познатата фолкерка доживеа тешка сообраќајка, објавени сликите од автомобилот

Еспресо

„Немојте да раѓате деца и…“: Сопругата на Огњен Амиџиќ упати порака и покажа како изгледа

Еспресо

Велигден кај Бреговиќ: За сите по нешто

еспресо

Велики петок: Што (не)треба да се прави на овој ден

еспресо

Промени на добро: Три хороскопски знаци се среќлии на месец мај

еспресо

„Зошто браќа?“: На Јелена Карлеуша откажан ѝ е настап во Црна Гора

еспресо
Се вчитува....