2.8 C
Скопје
14:32 - 20 декември, 2024

Горан Абрамовиќ, пица-мајстор, светски шампион: Големината на еден мајстор е да им го пренесе знаењето на младите

Од Србија до Јужна Африка каде што го одвел животот и речиси судбински се сретнал со занаетот пица-мајстор, пропатувал преку Америка, Европа, до усовршување во Неапол. Иако е светски шампион, од Горан Абрамовиќ никогаш нема да чуете дека сè знае, и понатаму учи и се усовршува.

Израснал во семејство на угостители, фудбалот е негова прва голема љубов, денес е родител на две прекрасни ќерки, едната од нив има талент за пица. Животот го одвел на друг континент, во Јужноафриканската Република, каде што го почнал занаетот на пица-мајстор и токму тука се случил неговиот прв контакт со пицата наполитана, во 1993 година. До денес таа љубов трае. Љубител е на патувања, на мода, на иновации во светот на гастрономијата, голем љубител на кучиња. Годинава Абрамовиќ е повикан да се претстави на најголемиот Пица експо во Лас Вегас, каде што ќе отпатува во тим со најголемите имиња од Неапол, од 18 до 20 март. Инаку, Горан е сопственик на пицерија „Пиетра“ која во последните две години влезе во топ 50 во Европа. „Мојот сон се исполни, отворив своја пицерија, отворив школа за пица мајстори и двапати станав светски шампион. Имам уште една желба, а тоа е една од ќерките да продолжи по овој пат. Времето ќе покаже“, вели Горан.

BF2-2004
Кога станавте свесен дека сте подготвени да се натпреварувате со светот и двапати да дојдете до титула на светски првак?

– Првпат излегов на натпревар, и тоа веднаш во Неапол, во 2018 година, ме наговори мојот пријател Џовани Капуоцо. Првпат се испробав како натпреварувач каде што покрај моето искуство и стил, треба да се покажат уште некои работи на кои тој ми укажа. Тогаш бев 22-ри во светот, а се натпреваруваа околу 700 пица-мајстори. Веднаш во 2019 година повторно бев на натпревар и напредував за пет места, го освоив високото 17. место. Бев презадоволен, но сонот ми беше еден ден да се искачам на пиедесталот, да бидам најдобар. Мојата логика е кога учите од најдобрите, треба еден ден да станете најдобар. Следуваше пауза од две години поради ковид-пандемијата и немаше натпреварувања. Во 2022 година се натпреварував во Рим каде што бев 23. место и тоа веќе ми беше едно искуство, кое ме натера во јуни 2022 година да се натпреварувам во Неапол. Така, среде Неапол победив над илјада пица-мајстори од цел свет и тоа во категорија на традиционална пица маргерита. Сонот на илјада луѓе е да го подигнат тој трофеј, а овој пат јас го однесов во Белград и Србија. Многу пријатели ми рекоа: „Горане, покажа кој си и што си, заслужено го носиш дома“. А потоа, како актуелен светски шампион, бев повикан во Порто на натпреварувањето „Ворлд старс“ во ноември, каде што учествуваа 14 светски шампиони и каде што по вторпат покажав и потврдив дека сум број еден во светот на наполитаната.

Кои квалитети треба да се поседуваат, освен знаење за да се стане светски шампион?

– Квалитетот на еден пица-мајстор за да излезе на едно вакво големо натпреварување е искуството, но важно е и тој ден да се склопат доста коцкички и сè да биде совршено, а тоа не е лесно да се постигне. Од тестото, намирниците, температурата на печката и доста човечки фактори. Па, така, вашата личност, професионалност, стилот, луѓето го гледаат поинаку од другите, покрај совршените пица премиум намирници, морате да се одвојувате во нешто што претходно го наведов.

Колку уметноста на правење пици денес стана порафинирана или посложена?

– Уметноста на наполитанската пица во 2017 година е заштитена во УНЕСКО. Традицијата и историјата датираат од пред 250 години, и понатаму се изработува на ист начин, тоа е суштината на оваа пица, а ја нарекуваат кралска дисциплина во пиците.

Денес мајсторите на тестото мораат да бидат малку хемичари, малку физичари, малку готвачи и мораат да го познаваат брашното, значи константно учење?

– Што се однесува до еден професионален пица-мајстор, препорачувам секој што се занимава со оваа работа да ја посети школата за наполитанска традиционална пица и да види што, всушност, е тоа. Многумина што ја посетуваат оваа школа, а веќе се пица-мајстори, сфаќаат колку нешта не знаат – а тие нешта се ситници што менуваат многу. Секако дека мора да се познава брашното, намената, временската ферментација, како се користат намирниците… Еден базичен курс е како основно училиште кое секое дете треба да го помине за да ги научи основните работи.

Минатата година на овие простори ја основавте единствената Академија која има цел да ги образува младите генерации. Што го тера стручњакот за пици да подучува?

– Да, на почетокот на 2023 година основав школа во Белград во соработка со АПН, Здружение на пица-мајстори од Неапол, каде што е колевката на наполитанската пица. Оваа Асоцијација ни искажа доверба да отвориме школа во Белград. Господинот Серџо Мику, претседателот на АПН, повеќепати доаѓаше во Белград за да видиме каде тоа место би било идеално. Го најдовме и го почнавме со тој проект. Сега, по четири завршени курса и 28 луѓе што успешно ја завршија школата, со гордост велиме дека сме единствени, дека за сите наши посетители имаме и обезбедена работа кај нас, во Белград, во Србија, во регионот, ширум светот. Мојата цел е со школата да едуцираме луѓе кои сакаат да бидат пица-мајстори, и да ги пренесам моето знаење и искуство зашто имав прилика да учам од легендарни наполитански мастери, некои се дури и по осум генерации пица-мајстори! Големината на еден мајстор е да го пренесе знаењето на младите генерации. Мајстор за наполитана не се станува преку ноќ или за две, три, пет години. Многу подолго треба да трае таа љубов, а не на периоди.

Колку трае едукацијата, каков е интересот, имате ли кандидати од Македонија?

– Едукацијата во нашата школа трае еден месец, шест дена неделно по пет часа. Секој ден се работи теоретски дел, по еден час, и четири часа практичен дел. За еден месец гарантираме дека секој ќе знае да направи една вистинска традиционална пица. Интересот е многу голем, сè повеќе сопственици на пицерии поминуваат низ едукација поради познавање на самиот производ. Да, имаме пица-мајстори и од Македонија кои завршиле школа кај нас, и одлични луѓе се и пица-мајстори. Вложувањето во себе и во едукација секогаш вреди. На 29 и 30 јануари годинава, ќе гостува мојот пријател и колега Давид Чивитиело (светски шампион 2013) и Крешенцо Капуоцо (светски шампион 2018) на мастер класот во Белград.

Сметате ли дека пица-мајстор е креативна, интересна и платена работа? Се бараат ли пица-мајстори во Европа и колку може да се заработи?

– Да, секако, тоа е креативност што нема граници ни лимит. Пица-мајстори можат да бидат деца од 8 години до возрасни на 88 години, само искуството прави разлика. Мојата ќерка Бојана Абрамовиќ покажа интерес од седумгодишна возраст и покажа дека љубовта нема граница. За работата пица-мајстор има толкава побарувачка што секојдневно ме контактираат луѓе за препораки за вработувања кај нас, низ Европа и светот. За пица-мајстори за кои гарантираме, има секогаш работа. Платата на еден почетник не може да биде голема, но со љубовта и со брзината со која се учи се доаѓа до сериозна заработувачка.

Ако би подготвувале македонска пица, кои намирници би ги користеле?

– Целиот мој живот користам намирници што се од одредени региони на Италија, немам многу искуство со македонските производи, но секако би користел домат зашто знам дека е поинаков од останатите поради поднебјето каде што се одгледува. Секако би ја направил мојата омилена пица маринара, која се подготвува со домати, лук, оригано, свеж босилек и маслиново масло. Кога ќе ја пробате оваа пица, ќе видите што е едноставност, а врвен производ.

Слични објави

(Фото) Голема прослава во домот на Сања Маринковиќ! Огномет го осветли небото, еве кој е поводот

Еспресо

„Се чувствував како несакано дете“: Наташа Беквалац проговори за нејзиниот татко, сакал син, но добил три ќерки

Еспресо

(Видео) Прескап подарок: Ана Николиќ се смири со дечкото и доби скапоцени подароци!

Еспресо

Анџелина Џоли не му дозволува на Бред Пит да се ожени младата Инес

Еспресо

(Фото) Снаата на Цеца блесна на славата на Свети Никола: Богдана позираше со сестрите Наташа и Бојана во вилата на Дедиње 

Еспресо

Хороскоп за 20 декември: Лавовите ги очекува невидена страст во љубовта, Скорпиите да внимаваат на парите

Еспресо
Се вчитува....