-1.2 C
Скопје
03:45 - 19 декември, 2024

Што да правите во Скопје ОВОЈ ВИКЕНД

Добро утро драги скопјани, и вие ли се чувствувате како да сте во породилна сала и едвај чекате да го породите јануари? А, ни епидурална не помага, ни провокации. Најдолгиот месец во годината никако да помине, а уште и 1-ви февруари „се паѓа“ во сабота, што значи, за платичка ќе пораѓате уште малку…

Ако и вие се прашувате зошто јануари е редовно најдосаден месец во годината, еве ги одговорите. Студено е, без оглед колку пижами со срценца и еднорози ќе смените. А, и сите се на диета, особено во втората половина на месецот. По празниците најхит е реченицата „МОРАМ да се детоксицирам после сè што изедов“. Со тоа што повеќето се на диета, повеќето се нервозни и многу досадни – дури и на самите себе. Со оглед пак, на нервозата и досадноста, никој не сака да излезе од дома. Со самото тоа што сите се „детоксифицираат“ од новогодишните и божиќните запивања, тешко дека ќе најдете некој кој сака, после работа, да ви прави друштво за аперативче. На детокс-факторот ги додадаваме и кратките денови – таман го пиеш третото кафе за да се разбудиш, а тоа веќе се стемнило, отстуството на културни настани, чекањето на „уметничката“ листа за „некој денар“ од Министерството за култура, празните новчаници…Фрижидер ви се претвора во еден вид светилиште, празно, но добро осветлено.

Колку пати во јануари си помислувате колку сте (пак) сиромашни? Колку пати сте зажалиле што (пак) не фативте ниеден попуст, иако распродажбите – баш во јануари – се во полн ек. Празниците буквално ја исушиле вашата банкарска сметка. Не напразно, јануари е месец на Тажниот понеделник. Да, третиот понеделник во јануари сега (и официјално) се смета за најтажен ден во годината и покрај тоа што нема соодветна научна основа. Ама не е ни чудо што никој не помислил дека најтажниот ден треба да „падне“ во април или јули.

Јануари е најдолгиот и најдосадниот месец во годината зашто не постои перспектива на краток рок – во февруари ја чекаме пролетта, во јуни -летото, во декември – новата година…а во јануари? Ништо. Дополнително на депресиите кои ве „маваат“, истовремено се чувствувате и присилени да се рестартирате. Диета, промена на бојата на косата, теретана, заштеда, патувања … Во јануари одеднаш „пукате“ од идеи како ќе се промените самите себе, до степен да не се препознаете, за разлика од декември, кога ич не ви е гајле за тоа што сте си посакувале во јануари, а ништо не сте исполниле и, во меѓувреме, сте станале бетер од лани. Всушност, манијата за рестартување на самите себе исчезнува уште во февруари. А, еве го февруари…утре е.

Февруари нѝ носи и повеќе размрдувања на културен и забавен план. Но пред да ве информираме што би можеле да правите во првиот февруарски викенд, аман породете го веќе тој јануари и, после работа, уште денес, џокнете по еден аператив, на пример, во „Трибека“. Или одете на палачинки, ги пробавте ли новите во градот? „Милки“ во „Сентидо бар“.

Ние пак, после работа, ќе се снеможиме во пршутеријата „Ла Барба“. Ни рекоа дека една даска е одговор на сите прашања. Додуша, и не мислевме баш ништо да прашуваме, туку да дегустираме. Како сме си поминале ќе ви раскажеме в понеделник.

ПЕТОК

16.30

После работа – во „Трибека“ на релаксирање и одлични закуски и пијачки. Ќе ве забавуваат „Поп ап бенд“.

Да се разбереме, петок е идеален за afterwork дружба со колегите. ??? Пробај го новото мени за храна во Tribeca – Botanic Shop & Cafe што поскоро… ?Pop Art Band од 17:00 во Tribeca!

Publiée par Tribeca – Botanic Shop & Cafe sur Vendredi 24 janvier 2020

19 часот

Ако не ви е до „афтерворк“, земете си ги дечињата и право во Театар за деца и младинци, ќе се игра „Пепелашка“.

20 часот

Во Националната опера и балет би можеле да уживате во балетот „Есмералда“. Диригент е Бисера Чадловска. Ако ја пропуштите оваа изведба, уште една ќе има на 4. февруари, со почеток во 20 часот. Приказната за убавата Есмералда, инспирирана од романот „Ѕвонарот на Богородичната црква” од Виктор Иго, кај нас ќе јас пренесе реномираниот кореограф од Русија, Михаил Крапивин, сценографијата е на Живојин Трајановиќ, додека костимограф е Љупка Ристовска.

20 часот

Би можеле да одите во Драмски театар на претставата „Несоодветно за на работа“. „Несоодветно за на работа“ покажува колку малите луѓе можат да бидат ставени во позиција да немаат избор и како човекот живее во свет во кој се обидува да негува надеж дека сепак, има нешто што не е на продажба.

20 часот

Во театарот Комедија ќе се игра претставата „Вардарски пастуви“. Изборот на музика, превод, адаптација и режија е на Синиша Евтимов, костимографијата – на Александар Ношпал.

20 часот

Погледнете ја претставата „Животот е прекрасен“ од Николај Ердман, а во адаптација и режија на Александар Морфов. „Ова не е претстава за самоубиството, не е пиеса за смртта, туки за еден човек кој повторно го открива животот, открива колку животот е прекрасен. Еден човек кој доаѓа до пеколот, за да разбере, всушност, дека животот е нешто многу драгоцено“. Ова е претстава која ќе ве растажи и насмее до солзи.

21 часот

Ако сте за журка, во Бифе Тафталице (тц Алуминка) ќе ве забавува проверената двојка диџеј Радмила Павловска и Сашка Костовска Длака.

21 часот

Во „Котур“ ќе се миксаат коктели, а попуст ќе има 20 отсто. Таму ќе биде и Зоки Бејбе.

22 часот

Ви доаѓа да затанцувате? Па танцувајте, де. Латино забава, со бесплатен и отворен влез, има во „Амбрела’ (ГТЦ).  „Овде доаѓаат и луѓе што немаат поим од играње, и луѓе што рекреативно играат латино неколку години или месеци. Со една реченица: Ќе биде разиграно, како минатиот пат!, информираат од кафулето.

22 часот

Во „Јавна соба“ продолжува трендот на македонски шлагери. За разнежнување и забава, супер се!

САБОТА

18 и 20 часот

Во „Кинотека“ ќе има проекција на „Врба“ (игран филм, С. Македонија / Унгарија / Белгија, 2019, 101 мин., колор, ДЦП), режија: Милчо Манчевски.

19 часот

Во МКЦ ќе се случува 8-то издание на фестивалот Земјотрес. „Фестивалот Земјотрес е ритуал за јакнење на заедништвото на квалитетната македонска музичка сцена, со желба да покажеме релевантна содржина во време на инстант потрошувачка и вредности вон континуитет. Генерациите, музичките стилови, па и идеалите се менуваат, но алтернативната културна понуда е есенцијална за поттикнување на духот на новите, се побројни сограѓани со пософистицирани естетски потреби. Земјотрес е директна комуникација помеѓу генерациите, музичките стилови и навидум различните интереси на нашите музичари. Широка платформа за презентација на едно постоење, но и постојана промена. Некомерцијален манифест во интерес на духовната и економска оправданост на нашето музичко шаренило“, велат организаторите на фестивалот.

19 часот

Во Театарот за деца и младинци ќе се игра претставата „Снежната кралица“.  Снежната кралица, на Ханс К.Андерсен е класична бајка за првпат објавена во 1844 и оттогаш не престанува да биде инспирација на различни автори кои што различно ја интерпретираат понесени од личниот порив, вдахнувајќи го во неа својот печат, согласно потребите на времето, настаните итн..

20 часот

Ако до сега не сте ја погледнале, „Странци“ ќе се изведува во Драмски. Текстот е по сценариото на италијанскиот филм „Перфектни странци“, а играат Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Билјана Драгиќевиќ Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски. Драматург е Викторија Рангелова Петровска, сценограф Константин Трпеноски, костимограф Роза Трајческа Ристовска, а композитор Огнен Анастасовски. Станува збор за „драмомедија“ (драма+комедија), во која седум пријатели играат игра, споделувајќи ги пораките, разговорите и фотографиите од своите мобилни телефони, како и комуникациите преку социјалните мрежи со што си ги откриваат личните тајни и отвораат болни конфликтни ситуации.

21 часот

Тандемот Дац и Ацо ќе настапат во „Трета опција“ (на ул. Инлинденска, 124). Завата ќе трае до после полноќ, па ако сте за евергрин журка, бујрум.

НЕДЕЛА

11.30 часот

Забава за целото семејство – филмот „Не си играј со оган“ во Синеплекс. Приказната тече вака –  Кога надзорникот од пожарната бригада и неговиот елитен тим на искусни пожарникари се обидуваат да спасат 3 деца од шумски пожар, тие сфаќаат дека ниеден тренинг не ги подготвил за најтешката работа до сега – чување деца. Не успеваат да ги најдат родителите на децата, па така нивните животи, нивните работни места па дури и целата пожарникарска станица се превртуваат наопаку кога ќе научат дека децата, слично како и пожарите, се диви и непредвидливи.

Прокции има и во 13.20, 15.30, 17.20 и 19.10 часот.

16.30 и 20.50

Погледнете го филмот „Мали жени“ кои се прикажува во Синеплекс. Филмот има шест номинации за годинешните Оскари. Режисерката Грета Гервиг е тука портпарол на плуралната женственост, која е вистинска јачина на филмот. „Мали жени“ е повеќе од класична приказна за жените, таа е вистинска алегорија на женственоста. Ликовите ги карактеризира разновидна и еклектична женственост од сите погледи. Често, на „женските“ филмови им недостасува својствен белег. Но, тоа не е случај со длабоко емотивниот „Мали жени“, кој ќе ја разнежни и машката публика. Идејата на режисерката не се заснова на едноставни холивудски предрасуди, како еманципација по секоја цена, што се совпаѓа со демонизацијата на класичните институции како што е бракот; Гервиг успева да изгради филм базиран на женското самоопределување, врз идејата дека жените, од сите погледи, се слободни да изберат своја судбина, надвор од надворешните притисоци со кои се принудени да се соочат.

Инаку, филмот се прикажува и во кино „Милениум“.

 

Слични објави

Зошто се длабат тиквите за Ноќта на вештерките? Интересни верувања за еден од најпопуларните празници во западниот свет

еспресо

Огледален датум 24.10.24: Што треба да знаете за овој ден

еспресо

(Фото) Првиот снег стигна на Балканот: Студениот бран патува кон исток

еспресо

Денес е Успение на Пресвета Богородица: Што треба да правиме на овој голем празник

еспресо

Огледален датум 8.8.2024: Што значи овој ден и како ќе ви го промени животот

еспресо

Топ осум производи кои секојдневно ги јадат долговечните Јапонци: Нутриционистите советуваат да ги внесете во исхраната

еспресо
Се вчитува....