11.8 C
Скопје
20:31 - 28 март, 2024

ФОТО | Моника Стефановска, каратистка: Тренирањето во вакви услови е речиси невозможно, но желбата е клуч за успехот!

Нашата денешна приказна е убава и успешна од секој аспект. Разговараме со една убава, високо образована млада и успешна девојка, која ја претставува Македонија на интернационално ниво, на најубавиот можен начин.

Моника Стефановска е родена во 1991 година во Тетово. Дипломирала на Економскиот факултет (надворешна трговија) на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а подоцна станува и магистер по спортски менаџмент на Факултетот за Физичко образование, спорт и здравје, исто така, на државниот универзитет.

Фото: Приватна архива

– Моментално поради професионалниот однос кон спортот и самите обврски сум невработена, а иако сум професионален спортист во карате, хоби ми е практикување на останати спортови како планинарење, фитнес и гимнастика – вели Моника.

Ракажува дека од мали нозе била активна спортистка и затоа, сите спомени од детството ѝ се поврзани со спортот, тренинзи, подготовки и натпревари. Бидејќи е родена во Тетово, вели дека доживеала многу преселби, поради што на некој начин ѝ било наметнато да се приспособува кон нова средина и нови луѓе. Сето ова имало огромно влјание во формирањето на нејзиниот карактер и личните вредности.

Фото: Приватна архива

– Спортскиот дух и желбата за победа и успех, секако придонесоа да се изградам во комлетна личност – додава Моника и продолжува:

– Талентот за овој спорт го воочив кога почнав да ги освојувам првите натпревари, а љубовта се роди уште на првиот тренинг. Имено, заедно со мојата сестра, која е исто така професионална каратистка (Наташа Стефановска – европски медалист и олимписки стипендист за Токио 2021, н.з) нè запишаа на часови по танц. Веднаш по часовите, во истата сала почнуваа тренинзи по карате, и јас и сестра ми, секогаш останувавме да гладаме. Мајка ми не сакаше да тренираме карате, бидејќи сме девојчиња, па моравме да одбереме помеѓу танц и гимнастика. Но, не можеш да се откажеш од љубовта. Па така, без дозвола на мајка ми, која беше многу лута кога дозна, јас и сестра ми сами си се запишавме и си одевме на тренинзи по карате. Во тоа време и на тоа место (во Тетово, н.з), за среќа, не бараа дозвола од родителите за да се доаѓа на тренинзи.

Фото: Приватна архива

Моника вели дека сите резултати и медали од големите натпреварувања се подеднакво тешки за освојување и сите подеднакво ѝ значат, а наградата за најдобра спортистка на Македонија во млади сениори ја издвојува како најважна за неа. Инаку, првиот интернационален златен медал го освојува на првенството на Југоисточна Европа во 1999 година на само 8 години.

Фото: Приватна архива

Ја прашавме Моника што значи за еден спортист да работи и тренира во време на пандемија? Со какви предизвици се соочила за овие година дена?

– Тренирањето во вакви тешки услови е голем предизвик и речиси е невозможно, но како и во секоја тешка ситуација, желбата и упорноста се клуч за успехот. Со самото затворање на спортските клубови и фитнес-центри бевме соочени со нова и тешка ситуација, па тренинзите ги организиравме и изведувавме на отворено.

Фото: Приватна архива

Успехот во полето на спортот бара извесни жртви. Моника е млада девојка, и за разлика од нејзините врсници, не може да си дозволи доцни излегувања, лоша исхрана или пак малку повеќе алкохол. Сепак, за неа, задоволството од постигнување успех и убавото чувство по завршен напорен тренинг е незаменливо и може да ги „компензира“ сите жртви што еден спортист ги дава.

– Нашиот стил на живот е малку поразличен од стилот на живот на другите луѓе, но секое слободно време се трудам да го искористам во кругот на семејството и пријателите – вели таа.

Фото: Приватна архива

Доколку би имала шанса, лично и професионално, дали би ја напуштила Македонија?

– Македонија е мојот роден крај и сметам дека е прекрасно место за живеење. Со оглед на тоа дека и финансиите играат голема улога во квалитетот на живот, доколку имам добри услови тука, никогаш не би ја напуштила – ни рече таа.

Фото: Приватна архива

Нејзиниот совет за младите е да бидат упорни и истрајни во тоа што го прават, затоа што патот до успехот е трнлив и непредвидлив, но чувството на врвот е непроценливо.

Ние, Моника, ти посакуваме никогаш да не се симнеш од врвот. Воедно, ти благодариме што гордо ја претставуваш Македонија во светски рамки. Што почесто да извикуваш КИАЕ (гласен извик при важен удар, н.з), не само во каратето, туку и во животот!

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Слични објави

Принцот Хари ќе има кратка и официјална средба со кралот Чарлс: Еве ги деталите

еспресо

Уапсен познат српски естраден менаџер: Во станот му нашле дрога

Еспресо

Искрено со Пеце Суперхикс: Во лутина имаше и физички пресметки и фаќање за гуша, но затоа издржавме 30 години

Александра Георгиев

(Фото+видео) Сите гледаа во задникот на Цеца: Пејачката се „стегна“ во кожна комбинација од 350.000

Еспресо

(Фото) Весна Змијанац бакна непознат маж: Помлад од неа и покриен со тетоважи

Еспресо

(Фото) Ова е сестрата на Драгана Мирковиќ, неверојатно си личат: Таа ѝ е најголема поддршка!

еспресо
Се вчитува....