3.8 C
Скопје
21:08 - 20 декември, 2024

АНТОНИО ДИМИТРИЕВСКИ: Антиталенти доминираат во сите сфери, не само на естрадата! 

По осамостојувањето, можевме да доминираме на музичката сцена, а за жал згаснавме како метеори, смета Антонио Димитриевски, кој во разговорот за Еспресо.мк открива каде, според него, ептен ја утнавме работата.

За тоа што се случува на македонската музичка сцена и зошто не мрднуваме од мртва точка, односно одиме во рикверц, разговараме со музичкиот новинар, музичар и продуцент, Антонио Димитриевски, кој повеќе од три децении ја следи музичката сцена и активно се залага за нејзино подобрување.

Што, според тебе, се промени на македонската естрадна сцена од 90-те години до денес?

– Многу нешта. Пред сè, пристапот на медиумите кон естрадата. Во 90-те беснеше војната на екс-ЈУ просторите, тогашните републики во распад, сегашните држави имаа прекин на меѓусебните комуникации, постоеше огромна дупка во етерот која требаше да се пополни. Ние тргнавме да го искористиме моментот и да создаваме сопствена сцена од веќе постоечките и нови музички имиња, МРТВ и нешто подоцна првите приватни радија и телевизии ја повлекоа работата и наеднаш после 5-6 до 10 години нагло застанавме. Некој крена рачна! Почна сè помалку да им се дава простор на домашните имиња во етерот,  печатените медиуми почнаа полека да исчезнуваат, газдите на големите телевизии влегоа во спрега со политиката од која сфатија и едните и другите дека имаат корист, наместо сопствената ентертејмент продукција влетаа најпрвин шпанските, па турски серии како „евтина забава за милиони“, политилчките емисии и вестите го окупира просторот и… Естрадата почна да умира. Најпрвин полека, неосетно, а потоа сè повеќе и побрзо и последните години нагло се урна во бездната без дно. Во слободен пад кој сè уште трае. Блесоци секогаш имало и ќе има, но една ѕвезда не чини соѕвездие, едно мало соѕвездие не го отсликува ѕвездениот универзум во кој можевме да доминираме, а за жал згаснавме како метеори.

фото – приватна архива

На кој начин денес се станува естрадна ѕвезда?

– Тешко, речиси невозможно. Македонија е и понатаму мала бара полна со крокодили. Најмалку домашни, најмногу од оние големите однадвор, кои со нерегулиран пазар и правила на игра, за три децении изнесоа стотици милиони во кеш преку граница. Од Цеца и Аца Лукас, до Здравко Чолиќ и Саша Ковачевиќ… и уште илјадници други „ситни гирици“ на кои Македонија им е Мека и Медина за добра ловина, во кеш евра, секако! На нашите деца им останува да бидат статисти на свој терен, во сопствениот естраден филм или да се туркаат во редот со останатите таленти во регионот како деца во слаткарница за понекое ситно „Гранд“, „Пинк“ или не знам веќе кое колаче.

Што сè е потребно за да егзистира една естрадна сцена?

– Пред сè услови. Слух од државата дека естрадата не е петпарачка забава за сиромашни, туку може да биде сериозен бизнис, добар приход и за оние кои делуваат на неа и за самата држава, а пред сè издувен вентил, забава за народот, но и негова културна надградба, едукација. Нација со висока свест и развиена култура никогаш нема да капитулира, зашто токму културата е дел од идентитетот дури и по дефиниција: фолклорот, музиката, песните, во спрега со обичаите, носиите, јазикот во стиховите… А, што се друго ако не обележја на една нација! Ако државата го сфати тоа, а на Балканот само ние не сме го разбрале, со своите механизми, закони, правила на игра, може да наметне и медиумите својот „прајм тајм“ да мораат да ѝ го препуштат на забавата, естрадата, музиката…, кои се пак во тесна спрега со уште сто и една друга професија: видео режија, сниматели, монтажери, „светлаџии“, шминкери, фризери, костимографи, кореографи, танчари, продуценти, тон сниматели, аранжери, музичари… Сето тоа е вработување на куп млади луѓе, нивна егзистенција и, на крајот на денот, сите тие се конечно и даночни обврзници кои ја полнат државната каса. За музичкиот, едукативниот, културниот и националниот бенефит и да не говориме.

Дали имаме доволно квалитетни изведувачи, но и композитори и текстописци, и доколку ги имаме, зошто се невидливи?

– Изведувачи имаме многу повеќе отколку автори. И тоа во секоја културна сфера. Секоја сака да биде водителка, ниту една не знае да го напише она што треба да го каже, секоја втора сака да биде глумица, нема сценаристи, режисери… Секоја сака да биде пејачка, на прсти да ги изброиш композиторите, музичките продуценти, аранжери… Зборувам за оние вистинските, квалитетните. Секоја сака да ја има во видеото, на ТВ, ама може само да се слика… Она што и малку го поседуваме како квалитет пак, не може да дојде до израз од медиокритети по сите основи, на сите полиња, поставени на погрешни места од политиката во разноразни круцијални културни институции. Една катастрофална негативна селекција, еден очаен кастинг кој нема кој да го стави во ред. Нема кој да ги нареди правилно коцките од мозаикот, да направи „мастер ресет“ во многу сфери! А нема, зашто ем не знаат, ем така им чини, поточно, да биде вака како што е, најмногу им чини.

фото-приватна архива

Имаме ли доволно фестивали или ни се неопходни нови фестивали на кои ќе се продуцираат нови музички ѕвезди?

– Иако оние класичните фестивали, какви што ние ги знаеме, во светот оддамна не се во мода, особено во Западниот свет, сепак модифицирани форми на некаков музички натпревар, одмерување на знаењата, па дури и само како место за пласман на новите остварување и тоа како е потребен. Не мора тоа да се класични фестивалски форми. И рок фестивалите се фестивали, и доделувањата на разни музички или не знам какви естрадни награди се фестивали, паради кои ја слават и возвишуваат уметноста, културата, музиката, естрадата, сработеното, снименото, оствареното… Сè што е поле за културен натпревар или само обична промоција е добредојдено.

Колку медиумите се подготвени да поддржат и промовираат естрадни вредности? 

– Под нужниот минимум. Најголемите македонски телевизии како најмоќни медиуми или воопшто немаат своја, сопствена продукција од ваков тип или преземаат нешто што е готово, лиценца, франшиза од соседството, за да ја пополнат „задолжителната законска дупка“ со вакви програми. „Студио“  или „Три боје звука“  и останатите естрадно-музички емисии на РТС, за „Гранд“ и „Пинк“ и да не зборуваме, „А страна“ или „Гаража“ и целиот „глазбени ТВ програм на ХРТ“ и останатите на Балканот чинат милиони, ама и носат милиони… Но пред сè создаваат вредности, национална култура, го чуваат и јакнат националниот идентитет. А кај нас едвај радиата вртат по нешто домашна музика, зашто мораат по закон, и тоа во ниедно време колку да ја исполнат квотата и по некој портал нешто што ќе објави, напише, поддржи… Другото е гола вода!

фото-приватна архива

Што е според тебе антиталент?

– Резултат на голема желба, а мали можности. Резултат на подобност, а не способност, резултат на негативна селекција врз грбот на талентираните, резултат на имање пари да се плати, немање ни грам капацитет да се биде тоа за што платил, резултат на местенки, манипулации, задкулисни игри, политички форсирања, а дарба од бога – нула, или евентуално колку да не е без ич, а со помош на сето споменато антиталентот претендира да е на врвот.

Конечно резултат на едно гнило општество во тотален распад, во кое антиталентите доминираат во сите сфери, не само на естрадата… Во неа дури најмалку, зашто таму отпаѓаат по пат на природна селекција!

 

Слични објави

(Фото) Деколтето во преден план: Данијела Димитровска „пука“ од сексапил во целосно бела комбинација

Еспресо

(Фото) Чантата на Јелена Томашевиќ вреди колку зимување на Копаоник: Сите зборуваат за ова модно парче

Еспресо

(Фото) Поранешниот сопруг на Драгана Мирковиќ ужива за сите пари: Чаша бело вино и нереална глетка на убава дестинација

Еспресо

По раскинувањето со Зоран Марјановиќ, Инди откри валкани детали за поранешниот: „Манипулатор кој ми го испра мозокот“

Еспресо

Оваа земја ќе биде засекогаш исфрлена од Евровизија? Има една причина

Еспресо

Разоткриен просекот на оценките на Јована Јеремиќ од факултет: Сакам да ги нервирам квазиинтелектуалците

Еспресо
Се вчитува....