За „стеснување на желудникот“со д-р Мане Хаџи-Манчев: Цената не е одлучувачка, туку квалитетот на изведената операција и стручноста  

Резултатите од слабеењето се видливи уште веднаш бидејќи внесот на калории е значително намален веднаш по операцијата. Слабеењето со слив ресекција и бајпас процедура е побрзо, додека со гастричен прстен се губат два до три килограми месечно.

Со прим. д-р Мане Хаџи-Манчев, специјалист по општа хирургија, разговараме на актуелната тема за медицински процедури за слабеење популарни меѓу луѓето како интервенции за „стеснување на желудникот“, кои ни помагаат да се ослободиме од вишокот килограми. За многумина, кои претходно се обиделе со различни диети, вежбање и привремена промена на животните навики, а не успеале да ослабнат, сè поактуелна станува опцијата за губење на тежината со помош на баријатрична хирургија. Д-р Хаџи-Манчев прв пат со баријатриската хирургија се запознал во 2006 година, на конгрес во Берлин, каде што била претставена техниката на гастричен прстен. Истата година, медицинската фирма „Хоспи медикал“, која е всушност производител на овие прстени потребни при изведување на операцијата, му обезбедила практична обука во Масеик во Белгија кај професор Франк Клаесенс. Таму се извеле три оперативни зафати од овој тип по лапароскопски метод. Оттогаш, д-р Хаџи-Манчев почнал да работи на донесување на овој метод како новитет во Македонија, бидејќи никој претходно не се занимавал со него. Пречка за стартот бил фактот што методот кај нас, меѓу луѓето, не бил познат, како и цените на чинење. Во 2007 година, во Атина, д-р Хаџи-Манчев се сретнал со Арно Ван Дер Вик, претставник на „Хоспи медикал“, и во комуникација со него бил бесплатно обезбеден првиот прстен за техниката на гастричен прстен. За среќа, се појавила и пациентка со македонско потекло која живее во Белгија и одлучила операцијата да ја направи тука, за време на летиот одмор. И организацискиот аспект имал свои предизвици. Поради потребата од асистенција при самиот зафат, била направена соработка со колега од Полска, доктор Шемислав Јанчек од Лоѓ. Заедно со него била изведена првата интервенција. Сè поминало во најдобар ред, пациентката била задоволна, и од 110 килограми по извесен период примена на советите и препораките, стасала до 70 килограми.

– Оттогаш па наваму, различен е интензитетот на побарувачка за овој зафат. Досега јас имам спроведено околу 50 вакви интервенции во Македонија.

Исто така, треба да споменам дека во контактите со колегата од Полска, се запознав и со останатите типови зафати од баријатриска хирургија како слив ресекции и лапароскопски гастричен бајпас – ни објаснува нашиот соговорник, д-р Хаџи-Манчев.

д-р Хаџи-Манчев

Во кој случај треба да се одлучиме за хирургија како решение за загуба на прекумерната телесна тежина?

– Основно е пациентот да се обиде да ја намали тежината со режим на исхрана. Но, доколку тоа не дава посакуван ефект или пак тежината се враќа повторно, т.е се појавува таканаречениот „јојо ефект“, а пациентот има индекс на тежина (БМИ) поголем од 40, во тој случај се размислува за примена на оперативни интервенции. Доколку пациентот има коморбидитети како дијабет, висок притисок, маснотии во комбинација со индекс на телесна тежина (БМИ) над 35 тогаш исто така треба да се размислува за оперативен зафат кој ќе помогне во решавање на проблемот со прекумерна тежина.

Цената не треба да биде одлучувачки фактор, туку квалитетот на изведената операција.

Кој од трите хируршки зафати на желудникот – гастритичен бајпас, ракав или прстен –  е најефикасен, односно дава најбрзи резултати, а кој е најсигурен?

– Во зависност од БМИ се одредува кој тип на интервенција треба да се направи. По правило бајпас и слив ресекција се за оние пациенти со многу висок БМИ. Додека пак гастричниот прстен е за оние со помал БМИ. Слабеењето со слив ресекција и бајпас процедура е побрзо, додека со гастричен прстен се губат два до три килограми месечно. Но затоа, можностите за постоперативни компликации при првите два типа се поголеми. Така што, од аспект на безбедност, гастричниот прстен е побезбеден.

Дали се безболни, и пред сè безбедни, овие процедури за слабеење и дали интервенцијата остава видлив белег на телото?

– Сите интервенции се прават лапароскопски под анестезија, со внесување на троакари во стомакот. Иако не постои класичен рез, сепак на местото на убодните рани остануваат мали лузни. Непосредно по зафатот може да се појават болки, бидејќи сепак се работи за оперативен зафат, но тоа е нормално. Земено во целост процедурите се безбедни и безболни.

Колку трае постоперативниот период, а за колку време реално резултатите во слабеењето може да ги очекуваме?

– Постоперативниот период, односно тек, за секој зафат е различен и се движи од 2 до 4 дена. При поставување на гастричен прстен, пациентот си заминува дома вториот ден по операцијата. По слив ресекција пациентот се пушта на домашна нега по четвртиот ден. При бајпас процедурата отпустот е една недела по операцијата, доколку е сè во ред. Се препорачува по операцијата да не се патува, туку да се остане дома.

Резултатите од слабеењето се видливи уште веднаш бидејќи внесот на калории е значително намален веднаш по операцијата. Исто така, бидејќи следуваат специјални препораки за начин на исхрана, сето тоа доведува до намалување на телесната тежина.

Треба ли после хируршката процедура да си го смениме и стилот на живот или се дозволени практикувања на старите навики но во „помали количини“? Односно, дали килограмите може повторно да ги вратиме откако еднаш ќе ослабнеме?  

– По процедурата мора да се променат животните навики. Постопертивно, враќањето на килограмите е условено од типот на зафатот. На пример, по направена слив ресекција и бајпас процедура, доколку пациентите се вратат на старите навики, за 5 години повторно може да дојде до проширување на желудникот, а со самото тоа и до покачување на тежината.

Кај пациентите со гастричен прстен, доколку по извесно време се одлучат да го отстранат прстенот, а начинот на исхрана им останал непроменет, може повторно да им се зголеми телесната тежина. Кај овие пациенти доколку нема посакуван ефект, можно е во втор акт да се направи едновремено отстранување на прстенот и слив ресекција.

Кај останатите зафати не може да се стави прстен, што значи дека направен е максимумот.

Сите интервенции се прават лапароскопски под анестезија, со внесување на троакари во стомакот. Земено во целост процедурите се безбедни и безболни.

Колку според цените и резултатите Македонија е конурентна со европските земји, соседните земји или на пример, со Турција?

– Како и во секоја област така и во оваа, конкуренцијата е добра работа. Со појавата на таканаречениот ,,медицински туризам“ се појави различен опсег на цени овде локално, но и во регионални рамки. Цената, морам да потенцирам, не е нешто што би требало да е одлучувачки фактор, туку напротив, квалитетот на изведената операција, бидејќи сепак се работи за здравјето и можни потенцијални последици од несоодветно или недоволно стручно изведување на зафатите.

Според вашето искуство, дали популарното „стеснување на желудникот“ е популарно кај жените или кај мажите, кај помладите или кај повозрасните и дали Вашите пациенти се одлучуваат на ваков чекор повеќе од естетки или пак, повеќе од здравствени причини?

– Независно од полот, главна причина за оваа операција се здравствените проблеми предизвикани од нерегулирана телесна тежина. Има и помлади и повозрасни, а естетиката е само дополнителен мотив.

Во светот, овие операции се покриени од фондовски и се препорачуваат веднаш кај пациентите со висок индекс на телесна тежина (БМИ) над 40, уште пред да настанат други оштетувања на организмот како дијабет кој е траен како состојба, или пак, при постоење на хиперлипидемија, хипертензија и слично. Реално и кај нас поради сè поголемиот број пациенти со прекумерна телесна тежина, би требало да се оди во насока на покривање на оваа операција од ФЗОМ или да влезе во листата на покриени операции од приватните осигурителни компании.

Ова, во суштина, на долг рок ќе ги заштити здравствените системи од понатамошни покомпликувани и поскапи типови на хоспитализации и лекувања.

Јасмина Кантарџиева Димков

Слични објави

СЛАВЧО ПОПОСКИ ПРОГНОЗИРА: Драстични промени, доаѓа вистинско лето!

Ј.К.Д

ПРИРОДЕН РЕЦЕПТ: Мед и лук за подобар имунитет

Еспресо

ИСТРАЖУВАЊЕ: Луѓето кои јадат повеќе млечни масти имаат помал ризик од срцеви заболувања

И. Т.

ДНЕВЕН ХОРОСКОП ЗА 24 СЕПТЕМВРИ: Некои разговори можат да придвижат нови интереси

И. Т.

Кој е индискиот гуру Моханџи чии следбеници се Новак Ѓоковиќ и неговата сопруга Јелена

И. Т.

ШТО ЗНАЧИ КОГА СОНУВАТЕ ДЕКА ПАЃАТЕ: Психолозите имаат објаснување

И. Т.
Се вчитува....