5.8 C
Скопје
02:59 - 29 март, 2024

Татко и син ја негуваат фолк музиката: Разговор со Николче Тасев од бендот „Генерација 2“

Иако во музичките води е влезен од поодамна, за младата музичка надеж, фолк пејачот Николче Тасев, изминативе неколку недели се зборува и се пишува со посебен интензитет.

Се работи за 25-годишен музичар од Штип, кој заедно со својот татко, Тоше Тасев,  се дел од бендот „Генерација 2“, кои неодамна го промовираа и својот прв деби албум, „Ѕвездо моја“,  кој содржи девет песни.

Дел од авторскиот тим на песните се Тони Биоритам, Миле Барбаровски, Огнен Неделковски и Љупчо Соколовски, додека на споменатиот албум се наоѓа и првата авторска песна на „Генерација 2“ посветена на Манастирот Воскресение Христово, кој се наоѓа во Штип.

Две од вкупно деветте песни се снимени во студиото „Кактус“ на Горан Милошески во Скопје, една песна е снимена во „Сити“ студио Бубе кај Љупчо Соколовски, додека цедето од албумот е издадено од „Сенатор мјузик“ во Битола.

Споменатото цеде од албумот „Ѕвездо моја“ на „Генерација 2“ е подарок од тетката на Николче, Славица Тасева, која е спонзор на ова цеде, а која уште од мали нозе го виде неговиот талент и почна да вложува во него.

Николче и Тоше Тасеви, раните почетоци на „Генерација 2“

Македонската фолк сцена се чини дека доби уште еден млад музичар кој е подготвен да ги помести границите, а ние имавме прилика да поразговараме со Николче, кој започна со тоа што најпрво ни откри како се пронашол во музиката и кога се родила неговата љубов кон оваа уметност.

Љубовта кон музиката ми се роди уште како мал, бидејќи и мојот татко е музичар. Најпрво почнав да свирам на мала хармоника кога имав само пет години, а потоа и на сет тапани. Во средното музичко училиште свирев и на клавијатури, а таму за мој инструмент ја одбрав хармониката – започнува Тасев.

Она што мораме да го напоменеме е дека Николче потекнува од музичко семејство, бидејќи  покрај неговиот татко, помалиот брат на Николче исто така професионално се занимава со музиката.

Славче Тасев е вклучен во музичкиот свет, со тоа што на штипската и македонската електронска сцена им е познат под уметничкото име Диџеј Тасев, со таа разлика што Славче негува поинаков стил на музика од останатите членови на семејството. Интересно е тоа што Тасев е диџеј кој продуцира и сопствена музика.

Ди-џеј Тасев

За бендот „Генерација 2“, Николче открива дека официјално сѐ започнало во 2013 година,  кога почнува активно да свири со својот татко, а тој ни кажа и како групата го добила името.

Јас и мојот татко сме дел од групата „Генерација 2“, а таа го носи ова име бидејќи татко ми во младоста имал група чие име било „Генерација бенд“, па поради тоа, сега се одлучивме да ја продолжиме традицијата и му го дадовме ова име на бендот – раскажува Николче.

Николче досега има настапувано на неколку фестивали, а најзабележителни му се самостојните учества на две големи манифестации  кои се одржуваат во Охрид – „Црешнобер“ и „Хит на летото“.

На фестивалот „Црешнобер“, Николче Тасев ѝ се претстави на публиката со песната „Ново село кај л’џите“, која исто така е дел од новиот албум, а која е дело на познатиот штипјанец Танче-Стојан Поп Димитров.

За „Ѕвездо моја“,  Николче ни сподели детали од соработките со Тони Биоритам, Огнен Неделковски и другите звучни имиња кои се вклучени во албумот,  како и дел од атмосферата за време на снимањето на песните во студија во Прилеп и Скопје, но и за дуетот со македонската поп-фолк пејачка Стојне Николова.

Текстот на песната „Ех да бидеш моја“ е на Огнен Неделковски, а музиката на Миле Барбаровски, додека во албумот има и еден дует со познатата пејачка Стојне Николова, а се работи за нумерата „Среде село мила мамо“. Дуетот е направен со цел да се разбие монотонијата во албумот. Оваа песна е снимена во Прилеп,  во аранжман на Славко Ристески, а текстот е на Тони Биоритам – вели Николче.

Покрај Николче и Тоше, бендот „Генерација 2“, има и уште еден соработник, кој не е постојан член,  а свири на саксофон и во новиот албум се појавува во песната „Среќен роденден“.

Лазе Горгиев е наш соработник кој е дел од втората песна на албумот, а иако во ова издание се појавува само во една нумера, тој на еден начин е наш трет член во бендот кој свири на саксофон, но и на кларинет – додава Николче.

Она што треба да се напомене за овој албум е дека петтата песна под назив – „Песна љубовна“ ја пее таткото на Николче, Тоше Тасев.

Како што ни најавија двајцата членови на бендот, од „Генерација 2“, кои и моментално се активни со свирки, можеме да очекуваме многу нови проекти во иднина, а во план се и видеозаписи на некои од песните кои се наоѓаат на актуелниот албум.

Автор: Михаило Донев

Слични објави

(Видео) Миа Костова стана жртва на измама: Не рекламирам чаеви за слабеење, не наседнувајте на лажни реклами

Еспресо

(Фото) „Моите деца ме подмладуваат“: Симона Поповска го прослави 32. роденден со семејството

Еспресо

Принцот Хари ќе има кратка и официјална средба со кралот Чарлс: Еве ги деталите

еспресо

Уапсен познат српски естраден менаџер: Во станот му нашле дрога

Еспресо

Искрено со Пеце Суперхикс: Во лутина имаше и физички пресметки и фаќање за гуша, но затоа издржавме 30 години

Александра Георгиев

(Фото+видео) Сите гледаа во задникот на Цеца: Пејачката се „стегна“ во кожна комбинација од 350.000

Еспресо
Се вчитува....