5.8 C
Скопје
04:50 - 30 април, 2024

Разговор со ветеринарката Наташа Бојчева: НЕ ШТЕДЕТЕ НА ЗАШТИТА од паразити за домашните миленици!

Внатрешните и надворешни паразити можат да му го променат или скратат животот на домашниот миленик. Крлежите пренесуваат многу болести, кои ако не се препознаат и лекуваат на време, може да доведат до смрт на миленикот. Болвите пак, доколку се намножат, можат да предизвикаат страшни анемии, особено кај млади кутриња и мачиња.

Крлежите и болвите „чекаат“ најчесто во тревата да помине топлокрвен домаќин, а тоа можеме да бидеме и ние, за да се закачат. А откако ќе се закачат, почнуваат да цицаат крв од домаќинот и растат.Фото-приватна архива

Пред мартовската сезона паразитите се актуелни како едни од најголемите непријатели на домашните миленици. За на време да тргнеме во борба со паразитите и да ги заштитиме нашите домашни миленици, разговараме со ветеринарката Наташа Бојчева.

Што подразбираме под паразити?

– Под паразити ги подразбираме сите бубачиња, кои за да ја извршат својата животна функција имаат потреба од некаков топлокрвен домаќин и најчесто цицаат крв од тој домаќин. Најчесто ги среќаваме крлежите и болвите како надворешни паразити, а во последниве години на нашето поднебје присутни се и таканаречените песочни муви или „комарци“, кои пренесуваат многу сериозни болести кај домашните миленици, како и глистите од класата на внатрешни паразити.

Како домашниот миленик може да добие паразит?

– Домашните миленици можат да бидат заразени директно преку шетање во трева или без воопшто да се потрудат можат да бидат мета на гореспоменатите комарци. Внатрешните паразити, односно глистите, можат да бидат „изедени“ од самиот миленик преку едноставно душкање во тревата или преку директен контакт со заразено животно. Самите глисти кога се спремни да излезат во надворешната средина се закачуваат на крзното околу анусот и при душкање меѓу кучињата и мачките си ги пренесуваат еден на друг. Крлежите и болвите „чекаат“ најчесто во тревата да помине топлокрвен домаќин – тоа можеме да бидеме и ние – за да се закачат. Тие откако ќе се закачат почнуваат да цицаат крв од домаќинот и растат. Дури и милениците што не излегуваат од дома можат да бидат цел на болвите, секако поретко, така што болвите можеме ние да им ги донесеме дома преку обувките. Песочните муви и комарците летаат и со таа способност ја заобиколуваат потребата животното да дојде до нив. На овие паразити им е потребна потопла температура за да живеат, односно од 13 степени нагоре, па така се присутни од рана пролет до есен.

Колку паразитите можат да му наштетат на миленикот?

– Со еден збор, многу. Не можам доволно да нагласам колку нешто едноставно како внатрешни и надворешни паразити можат да му го променат или скратат животот на еден миленик. Крлежите конкретно пренесуваат многу болести кои ако не се препознаат и лекуваат на време може да доведат до смрт на миленикот. Некои од овие болести се ерлихиоза, лајмска болест, анаплазмоза, бабезиоза итн. Болвите, доколку се намножат во огромен број, можат да направат страшни анемии, особено кај млади кутриња и мачиња. Внатрешните паразити се закачуваат за самите црева и буквално ја јадат храната на миленикот и не дозволуваат да напредува. Во екстремни инфестации со внатрешни паразити едно куче или мачка може да ослабне многу, па дури и да има невролошки симптоми од недостиг на хранливи материи. Песочните муви и комарци пренесуваат многу сериозни болести како лајшманиоза, за која сè уште нема лек, и срцеви паразити.

Ампули, каивчиња против надворешни паразити, апчиња против внатрешни, апчиња против надворешни паразити. Денес има сè на пазарот. фото – приватна архива

Како се препознаваат симптомите?

– Секој од паразитите и болестите кои ги пренесува се манифестираат со различни симптоми. Некои кучиња и мачки се дури и алергични на плунката од болвите, па на местото на дури еден угриз јавуваат силни алергиски реакции. Болвите, исто така, пренесуваат и глисти. Една од болестите која е специфична за болвите е бартонелоза, која се манифестира со висока температура, но повеќето мачки ќе ја поминат без никакви симптоми. Спомнативе болести кои ги пренесуваат крлежите се манифестираат со висока температура, анемија – пад на еритроцитите и тромбоцитите, и доколку не се дијагностицира и лечи на време, болеста прогресира и настанува смрт од анемија и внатрешни крварења. Лајшманиозата има две форми, едната е кожна, која се манифестира како суво крзно, паѓање на крзното и рани по телото, и внатрешна форма, која ги напаѓа бубрезите. За жал, кај кучињата втората форма на лајшманиоза е тешко да се забележи сè до оној момент кога кучето не стане летаргично, го намали апетитот и се однесе на преглед. Срцевиот паразит исто така е тешко да се дијагностицира во рана фаза на инфекција. Срцевите паразити најпрвин циркулираат во крвотокот околу шест месеци, па потоа одат во големите крвни садови околу срцето и тука растат. Можат да достигнат должина и до 30 см. Откако ќе пораснат кај самото куче, ретки се случаите кај мачки, се манифестира со општа слабост и избегнување физичка активност, брзо заморување и кашлање. Внатрешните паразити, конкретно глистите, баш и не можат да се видат сè додека не решат да излезат од домаќинот. Тоа најчесто изгледа како бели ситни топчиња околу анусот или долги глисти кои висат од анусот. Ако има преголема инфестација, тогаш животното ќе јаде нормално, но нема да добива на тежина. Уште еден важен внатрешен паразит е џиардија спп (giardia spp.), кој се манифестира со транзиентна слузава дијареа или слуз на крајот на нормален измет. Се лечи околу три недели, но милениците може да се заразат повторно веднаш по терапијата. Овој паразит не е животозагрозувачки.

Дури и милениците што не излегуваат од дома можат да бидат цел на болвите, секако поретко, така што болвите можеме ние да им ги донесеме дома преку обувките. фото-приватна архива

Што треба да се преземе?

– Навремена и постојана заштита од внатрешни и надворешни паразити. Многу луѓе мислат дека во зима не треба да се става заштита. Ова не е точно. Можеби крлежите и комарците хибернираат, но болвите се будни преку цела година. Лично сметам дека на заштита од паразити не треба да се штеди, зашто многу од болестите кои ги пренесуваат можат да бидат фатални за самиот миленик. Денес на пазарот има многу избор за заштита од паразити и мојот совет е најпрвин да направите општ преглед на миленикот кај вашиот ветеринар, па потоа да се договорите која заштита е најдобра за вас. Мој совет е доколку не знаете дали миленикот има историја на некоја паразитарна болест да се направат тестирања. Кај срцевиот паразит, на пример, е контраиндицирано да се дава превенција доколку миленикот е веќе заболен. Ампули, каивчиња против надворешни паразити, апчиња против внатрешни, апчиња против надворешни паразити. Денес има сè на пазарот.

 

 

Слични објави

Астропрогноза за вторник, 30 април: Подарок од универзумот за Лавовите, важен ден за Овните

еспресо

Велигденско јајце-чувар на домот: Што да направиме со стариот чувар на куќата кога вапсаме ново „прво јајце“

еспресо

„Жена од султана“ побегна од својот роденден: Пејачката донела неочекувана одлука и веднаш морала да реагира

Еспресо

Принова кај познатата двојка: Петар Грашо и Хана Хуљиќ го очекуваат своето второ дете

Еспресо

(Фото) Македонката Татјана Јанушева блесна на престижна модна ревија во Франција

Еспресо

Синот на Цеца ја расплака нацијата: Вељко Ражнатовиќ се откажа од паричната награда, еве за кого одат 5000 долари

Еспресо
Се вчитува....