19.9 C
Скопје
18:29 - 18 мај, 2022

РАЗГОВОР СО МАРИЈА ПИЈАНМАНОВ, НАШИНКА ВО ПАРИЗ: Мојот живот наликува на изложба во музеј, сопругот ми го подари Париз!

За едни омилена, за други (о)зборувана, во секој случај Марија Пијанманов, Македонка која живее во Париз, е една од „најследените“ Македонки на социјалните мрежи. Таа е сопруга на Константин Плевнеш, режисер, а животот на Марија, како што вели, е еднаков на магија од бајка.

Со Марија си „седнавме“ и си промуабетевме на теми кои, веруваме, ќе ве заинтересираат. Теми од животот. А животот, за Марија, е креација со којашто вешто управува. Не сака здодевни работи. И ич не е задодевна. Марија си е – Марија.

фото – приватна архива

Со животот во Париз, стилот кој го прикажуваш и размислувањата имаш бројни следбеници на социјалните мрежи. Што според тебе те прави толку популарна?

– Благодарам за поканата за ова, би рекла, новогодишно интервју, за „еспресо.мк“ и „Слободен печат“. Би сакала на сите читатели на вашиот медиум да им посакам добро здравје и многу љубов во тековната година која посакувам да биде светлина и надеж за сите нас. Секако ова интервју го пишувам во Париз, градот на светлината, кадe животот е како во таканаречена бајка, во која секојдневно има нови содржини, кои се еднакви со магија од филмското платно.

Во врска со прашањето за мојата популарност, би рекла дека јас не живеам импровизирано туку сум вистинска, а тоа вистинските луѓе ми е доволно да го препознаваат. Се гордеам со мојот стил на живот. Свесна сум за себе. Јас и пред животот на социјалните мрежи, никогаш не сум била анонимна личност, напротив, а од секогаш сум избирлива за сè во мојот живот, па и за луѓето кои ќе ме познаваат. Свртена сум секогаш кон уметноста која била клучна, со нејзиното спознавање животот да ми се преобрази во бајковита приказна. Никогаш не дозволив мојот дух да потпадне на провокации, омраза и лош вкус. Можеби сега е сè испомешано и во овој пластичен хаос на убавина и раскош, победија ликовите кои ни го обезбедија хаосот, можеби турбофолкери и ситни души кои го изгубиле вистинскиот правец од начелата на вистинскиот живот и вредности, како и луѓе кои никогаш немале можност да ме запознаат во живо, скриени зад мобилните екранчиња со завидливи зборови, одлучуваат која сум јас, и сè следат будно. Но, балканскиот синдром е болест.

За среќа, јас сум човек кој никогаш не им даде никакво внимание на лошите и завидливи луѓе кои се  „тренд” и во светот. И задоволна сум со себе што, сепак, сум човек што ги сака луѓето, и така и ќе остане, и секогаш им го посакувам најдоброто.

Би рекла дека сум популарна дека изобилувам со природна убавина и силен карактер и не живеам импровизирано, имам свој стил, искрена сум и отворена, и пред сè – многу своја, не ги имитирам останатите, туку остварувам свој автентичен печат. Каде и да одам луѓето се свртуваат и ми даваат комплименти и овде во Париз.

Јас сум насмеана и среќна жена, го сакам животот и тој за мене е една креација со која вешто управувам. Не сакам здодевни работи и секогаш трагам по нешто најубаво. Би рекла дека имам добар вкус кој привлекува внимание. Тоа не е голотија или само празна поза од секојдневието. Сакам нештата да се  единствени, полни со душа. Секојдневно добивам најубави коментари од многубројни следачи на социјалните мрежи, можеби тие би можеле да ме опишат најдобро преку начинот на кој ме доживуваат, имам коментари во кои повеќето девојки кажуваат дека би сакале да се како мене, и ми се восхитуваат на самодовербата, начинот на живот и убавината,  на мојот брак и љубовта која ја добивам од сопругот.

фото-приватна архива

Имав ситуации на популарниот Инстаграм, каде моите „стори“ објави ги следеа мега ѕвезди од светскиот џет сет, неверојатни имиња гледаа моменти од мојот живот на Инстаграм.

Секако живеам во Париз, а тоа е убава животна приказна која секојдневно привлекува љубопитност ако знаеш како да се изразиш себеси.

Како изгледа еден твој вообичаен ден, од утро до вечер, без разлика на тоа што изгледа дека ништо не ти е вообичаено, рутинско во денот?

– Bonjour Mon Amour. Со внимание од мојот сопруг кој е парижанец, кој е сè што и овој град е, кој дише со него, па сите тие манири со кои растел и ги стекнал во оваа совршена мултикултурна средина ги споделува со мене, и навистина се чувствувам вистински исполнето бидејќи Леонардо Да Винчи рекол -„Човекот е од таму каде што се образовал“. Така, ја имам среќата, покрај вистински парижанец, Париз да ми станува вистински близок и спознаен на вистински начин. Вака започнува мојот париски ден, затоа што манирите во Париз и стилот на живеење е сè.
Денот овде е желба да биде освоен веднаш, не треба да се испушти ниту еден  миг. Секој  миг е скапоцен, па тоа е Париз. Најубавиот град во светот. Најфотографираниот град во светот, со најмногу објави и видеа на Инстаграм. Каде вредноста  на животот е на пиадестал. Каде не треба да си во некоја сцена од филм  за да живееш филмски. Затоа што животот во Париз – тоа е најубавиот филм, која секоја вистинска жена си го посакала во воздишките.
Значи, би опишала накратко, мојот живот во Париз, од утро до мрак, е како во филм. Или како најубава поема, мелодија, танц. Се навикнав на утра со париски кроасани, букет свежи цвеќиња, кои се ритуал во Париз, на француските шансони кои ми се омилен ритуал во париските утра, и на пријатни парижани со убави манири кои ти подаруваат внимание со почит и восхит. Сè ова овде е вообичаено и затоа нема ништо невообичаено во мојот париски ден. Ги слушам црковните ѕвона секојдневно, затоа што секоја црква отчукува во парискиот дух и те спојува со Бога, те потсетува кој си. Имам постојано чувство дека  секој ден е празник и дека животот е убав. Посетувам музеи и изложби, има постојано нови гостувања, поставки од многу реномирани уметници, галерии кои изобилуваат со интересни уметнички дела, одам често и во убави катедрали каде има литургии и миси и го наоѓам  својот мир преку молитви во овие возвишени места полни со уметност и историја. Мојот ден е исполнет со среќни чекорења покрај реката Сена, со чистиот париски воздух и крстарењата со шампањ кои се одлична вечерна забава, секој ден поминувам покрај најубавата црква во светот Notre Dame, која е во фаза на реновирање и тоа премногу ме восхитува. Ги гледам и допирам најубавите излози и облеки во градот на модата, во модните аристократски галерии, кои секогаш инспирираат да си во чекор пред модата, која овде го движи светот.
фото – приватна архива
Уличната мода на Париз е како подвижна модна писта и е пријатно доживување. Да си дотеран во Париз, тоа за мене претставува еден ритуал на обожување, сакам да бидам секогаш дотерана, затоа што имам каде да прошетам така и да сум вистинската јас, во градот со  најубавата архитектура во светот.
Значи, во Париз деноноќието е исполнето со мојот карактер кој е женствен, романтичен, и силен. Се чувствувам како вистинска жена која седи во романтичен ресторан со својот сопруг, со поглед  на Ајфеловата  кула, која е наше совршено секојдневие.
Имам прилика да излегуваме во најубавиот хотел „Риц Париз“ каде  живеела самата Коко Шанел, симболот на Париз, на најубавиот светски плоштад Вандон покрај царството на „Луј Витон“, чиј сопственик сега e најбогатиот човек во светот.
Често пијам шампањ во прекрасниот Лувр со поглед на Пирамидата, каде „спие“ Мона Лиза. Посетувам  постојани и донесени изложби во музејот Лувр, имав можност да ја видам овој период и последната изложба „Донесени од некаде” со Александар Македонски, која беше вистински хит.

Мојот живот во Париз најчесто наликува и на изложба во музеј.

Работам на своја книга, правам документарен филм во склоп на магистарската по филмска режија, која ја подготвувам и работам на адаптирање на сценарио за долгометражен филм во режија на мојот сопруг. Фото – Марија со сопругот, фотографија – приватна архива
– Присуствувам и на модни настани каде се пронаоѓам совршено и тоа се големи џет-сет спектакли. Тие доживувања се неописиви со зборови, треба да се доживуваат постојано за да бидам сфатена каков е всушност мојот живот во  Париз.
По повод доделувањето на наградата „Гран При“ за животно дело на нашиот прочуен и почитуван Јордан Плевнеш, од страна на Француската академија, ја имав можноста да бидам поканета со свечана покана во месец декември, и да присуствувам со сопругот на свеченост од највисок ранг, меѓу академиците и научната фела на Франција, а каде се случуваат најубавите забави од тој вид  во светот. Навистина доживеав голема привилегија. Ништо не стои постојано исто во Париз, секојдневието носи нови и нови доживувања и магија. Има голем избор на авении во кои се случува еден нов свет и некој совршен ресторан, во кој сè е како во сцени од филм, и секој коктел и храна е креација со некое специфично име кое намамува и расположува. Толку  шик. Сè тоа те прави да се чувствуваш специјален.
Фотографии од Француската Академија (со претседателката на Академијата и со Јадранка, амбасадорка на Македонија во Франција)

По професија си историчарка на уметност, си работела и како новинарка, што работиш во моментов, од што најдобро заработуваш и во која професија најмногу вложуваш енергија?

– Мојата професија Историчар на уметност е искрено поврзана со моето прво патување во Париз, можеби сè тоа беше и судбонски предодредено. Пред тоа работев како професионален новинар, во областа на културата и уметноста, во Скопје, и имам широк спектар на познавањење на новинарскиот занает, бидејќи учев од професионалци, а којa е доста динамична и многу ангажирана професија и која бара големи жртви. Париз ми помогна да дознаам речиси сè за тоа за кое се наобразував во областа на уметноста. Секогаш сум перфекционист во работите што ги проучувам и правам анализи, не учам ништо на памет. Сакам оригинални работи и не сакам импровизација. Но овде во Париз, се сретнав и со модниот свет, кој е една нова гранка во уметноста, на иднината.

Добивам  понуди за работа од модниот свет во Париз, со комплименти, дека јас сум за нив вистинската жена, нешто што кај нас никој не би ти го признал со одушевување, но правам планови и за мои лични чекори во модниот свет. Бидејќи Париз нуди сè.

Исто така работам на своја книга, правам документарен филм во склоп на магистарската по филмска режија, која ја подготвувам и работам на адаптирање на сценарио за долгометражен филм во режија на мојот сопруг.

Исто така го учам и францускиот јазик кој за мене претставува сè уште голема тешкотија, бидејќи е навистина убав, но премногу тежок јазик и изговорот е како да зборуваш со некој јазик на вонземјаните (се смее, нз). И додека не го совладам, ќе постои бариера во напредувањата, иако имам големи понуди често. Поголемите планови нека останат желба за во иднина.

Кога се преселивте во Париз и дали размислувате за евентуално враќање во Македонија?

– За сега сме на релација Париз, Скопје, имаме повеќе домови, но повеќе од  времето го поминуваме овде во Париз. Мојот сопруг работи на својот докторски труд во овој период од годината во Париз, но исто така, и во Македонија  со универзитет за аудивизуелнии метности, прв и единствен во Македонија. Интернационален универзитет „Еуропа Прима” во Скопје, каде веќе 15 години се образоваат, а воедно и стипендираат  студенти од регионот и пошироко, со повеќе катедри од областа на уметностите, филмска, танцова, актерска, музичка, драмска, итн.  Со најмногу кадри создадени во сферата на аудиовизуелните уметности. Јас сум вклучена во проект од филмскиот свет, но поради пандемијата која овие две години го зафати светот, сите планови се поместени за во иднина. Велат, големите луѓе живеат на повеќе  места во светот.

фото – приватна архива

Како се живее денес во Париз со оглед на коронакризата, колку се Французите претпазливи, колку се кафеаните полни? Одиш ли по концерти, настани? Каде најчесто го поминуваш своето слободно време?

– Париз е боемски град, градот на светлината кој секогаш ве маѓепсува и прави да заборавите на проблемите, на вирусите, на болестите, напротив, тој ве лекува. Постојано се живее со парискиот дух во прекрасните кафулиња кои во традиционален стил – столче до столче и на голема близина – парижаните ги поминуваат пандемиските денови. Кафулињата и рестораните и во време на пандемиската криза се секогаш полни и треба да закажеш со време термин за да резервираш маса во убав ресторан, а потоа од тој ресторан ви се јавуваат и ве прашуваат дали да ве очекуваат.  Убавината на рестораните е прочуено раскошна, класично бесценета и секогаш е во тој познат уникатен боемски стил и декор. Многумина од нив се историски, мошне стари и во нив доаѓале на кафе најголемите луѓе во светот, а тоа е назначено во нивната кафе историја или на ѕидовите каде им се испишани имињата. Кога влегувате во некој париски ресторан, се чувствувате идеално, каде послугата има посебен стајлинг, услугата е со манири и секој детал ве шармира, се чувствувате како холивудска ѕвезда. Убавината е во тоа што тие раскошни ресторани можат да ги посетат сите, без ограничувања, секој има еднакви права во Париз, особено се внимава на тоа. Комплексна мултикултурна средина, каде не смеете да навредите никого, инаку би одговарале пред законот, веднаш. Но секој ги почитува правилата и законите на државата, и не смее да измислува и да додава свои закони. Секаде се бара вакцинален сартификат и тоа правило не смее да се прекрши сè уште.

За време на пандемијата, еден период Париз беше „заклучен“ и имаше, како и секаде, полициски час, па тогаш се вративме назад во Македонија. Но брзо ги решаваа проблемите со пандемиската криза, па Франција се пофали со 90 проценти вакцинирано население. Се вратија туристите за празничните денови, кои како да дошле да заборават на пандемијата и гледавме насекаде насмеани лица, кои купуваат во познатите шопинг продавници со полни ќеси брендирана облека. Иако сега овде имаме дневно неколу рекорди на новозаболени од варијантата омикрон, сепак, надвор е секогаш преполно и раздвижено, во град кој те држи постојано среќен. Најубавата авенија Шанзелизе во светот  е вистинска радост, каде секогаш циркулира бројна маса луѓе, туристи, каде се  доминантни најголемите француски модни куќи. Покрај нив е убавата триумфална капија, и познати бренд ресторани како најубавиот „Ладуре“ (Ladurée) од 1862 година. Во непосредна близина е  и најубавата модна авенија во светот,  Монтењ (Avenue Montaigne), каде царуваат модните брендови и популарниот џетсет ресторан „Лавени“ ( L’Avenue )со поглед на „Диор Хом“ (Dior Home) и Ајфеловата кула.

Новогодишната ноќ со сопругот Константин ја поминавме токму на модната авенија, во новоотворениот и популарен ресторан „Џиџи“ (Gigi), каде имавме забава со пејачка од светски ранг и која стана и наша пријателка, со особено внимание кон мене. Имавме незаборавна вечер, атмосфера во која се чувствував како божица, и секако со поглед веднаш  до кралицата на Париз, Ајфеловата кула.

фото-приватна архива

Секако дека се одржуваат театарски претстави, комедии, танц спектакли во Шајо, зградата каде е потпишана декларацијата за човековите права, и каде се наоѓа и еден од моите најомилени ресторани „Ла Жираф“, каде е лоцирана веднаш и Ајфеловата кула која таму изгледа буквално како жирафа. Во непосредна близина се омилените полиња на Марс, каде често уживам во париските прошетки, со поглед на Сена по која крстарат многу бродови со туристи и тие глетки се како најубава поезија, која е толку париска. Најавени се концерти во претстојната сезонана со најголемите музички светски имиња, Адел, Били Ејлиш, Елтон Џон, „Дед кен Денс“, и најголемите „Д Викенд“…се надевам дека ќе имаме можност годинава да посетиме некои светски концерти. Значи се погоре опишаното е мое секојдневие, и најчесто своето слободно време од денот го поминувам на тие убави париски места.

Париз го познаваш како прстите на раката, ако сакаме да поминеме викенд во Париз, што препорачуваш дека задолжително треба да се доживее, ако ги исклучиме познатите музеи и знаменитости. Каде да се јаде и што да се дегустира?

– Повеќе од омилените париски места веќе погоре опишани ви ги препорачувам на сите. Јас навистина ја знам и најмалата улица во Париз, – Мачката што лови, благодарение на мојот сопруг, јас ги знам и тајните на Париз, навистина е трпелив бидејќи сум вљубена премногу во градот. Во моментов е тренд да се отвораат нови и сè поубави ресторани и „руфтоп “ресторани, кои и на двајцата ни се омилени и нудат спектакуларна глетка со забави. Галеријата Лафајет е секогаш маестрална во новогодишните декорации и собира илјадници луѓе од светот. Таму можат да се најдат најубавите брендирани облеки, но Париз е пред сè скап град и секој кој е колекционер на луксуз би дошол на шопинг токму овде.

Има авении и со брендирани бутици, каде во одреден период од годината се случуваат примамливи попусти, но поради пандемијата сè повеќе парижани купуваат онлајн, каде од козметика, до накит, чевли и облеки се купува масовно и распродажбите завршуваат понекогаш во само еден ден. Сè тоа е толку убаво организирано и понудите се навистина неодоливи. Би рекла дека јас почесто почнав да го посетувам и „Дизниленд“, таму нема само атракции од приказните, туку и убави хотели, ресторани, продавници, и кафетерии. Исто така мое омилоено место за коктели е прекрасниот „Фор Сизн Хотел“ (Four Seasons Hotel George V, Paris), и ресторанот „Оранжериите“, но и барот во неверојатна архитектура која ве носи во патување низ времето. Сите туристи практикуваат во сезоните од годишните времиња да го посетуваат поради раскошните декорации на влезот кои секогаш се менуваат и секој би посакал да има фотографија од тие декорации. Вратите на париските хотели се љубезно отворени за гостите, се восхитувам постојано на неверојатно големата срдечност кон голем број туристи. Во вистински париски стил е прочуениот хотел „Плаза Атене“, каде во ресторанот во цветен црвен декор и лијани е чувството идеално париско, како и во прочуениот „Ле Бар“ во индиго боја, каде често свои забави и прослави, организира светскиот џет сет. Ние годинава таму ја прославивме божиќната вечер и бев навистина возбудена што седам во таков бар кој го посетуваме и кога сме во друштво со пријатели.

Најомилени меѓу омилените се „Ле кафе Марли Пари“’ (Le Café Marly Paris), во Лувр,  кафе „Ангелина“, на авенијата Риволи, кој е историски ресторан од 19. век, и таму туристи од цел свет во редици чекаат за влез со часови, а внатре секој би сакал да седи, убавината му е раскошна и уникатна.

Последниот роденден имав голема привилегија токму да го прославам во прекрасната „Ангелина“, бидејќи сопругот ми ги остварува и најубавите желби. Најголемо изненадување за мене беше прочуениот „La Perouse“ каде излегуваат ѕвезди како Ирина Шајк, Мадона, рок ѕвезди, модели од Париската модна недела, куќа на спратови со неописива декорација и мебел, и со алхемичен париски дух. Омилено место ми е и Розевата куќа во уметничкиот Монмартр, ако сакате да бидете во бајка морате да ја посетите, а каде има одлични француски специјалитети.

Најмоќно декориран ресторан има хотелот „Le Meurice“ каде се одржуваат и се повеќе модни ревии, на Париската модна недела, а во негова категорија е и „Le Bleu Train“, место кое не треба да се испушти, и можеби најубавата вечера во Париз ја јадев токму во тој класично убав ресторан од минатите векови.

фото-приватна архива
фото-приватна архива

Секогаш би рекла дека најубавиот „руфтоп“ е во новиотворениот ресторан „Les Ombres“ (Сенките), каде имав прилика да имам прекрасна летна фотосесија и да вечерам во впечатлив амбиент со сенки, каде Ајфеловата кула свети најубаво во тој амбиент. Инаку, има протокол на задолжително вечерање во сите тие ресторани.

За да излезеш во толку убав ресторан или да бидеш на најубавиот „руфтоп“ со убав поглед и прекрасна кујна, навистина треба да дадеш вистинско мало богатство, затоа што Париз е скап град и услугата за една вечера или ручек ќе ве чини многу.

Сепак, има и алтернативни стари ресторани на убави локации, каде можете да поминете прекрасно време со да речеме, скромен буџет. Би сакала да го спомнам и ресторанот „Конг“ со впечатлива сценографија на кафез,  во азиски манир, со поглед на Сена, каде има неодоливо миризливи коктели, како и руфбар ресторанот „Мун“, со поглед на Париз и со навистина модерен изглед пригоден за Париските модни недели, каде имавме чест да се дружиме во една сезона и ние, на ревија на Изабел Марант.

Колку им е денес на парижани важен, во мултиколорен Париз, статусот, потеклото, во кој арондисман некој живее? Имаш ли француско државјанство, како се гледа денес на Македонците? Живеете ли во сопствен стан, каде?

– Лично не познавам голем број на Македонци кои живеат во Париз, освен некои студенти или луѓе со привремен престој. Познавам само мал број Македонци кои живеат во овде, додека повеќето од нив се во околните градови и перифериите, затоа што животот во Париз ,како што реков, е доста скап.

Речиси повеќе од времето се дружиме со Французи од Париз кои се пријатели за почит, како вистинска фамилија. Тие се многу внимателни, подаруваат прекрасни подароци со знак дека те сакаат и почитуваат и се грижат за пријателството. Вечерите во прекрасни ресторани со пријатели овде се важен ритуал. Секој проблем со такви пријатели е решлив и секогаш си сигурен со нив. Овде на вечерите со пријателите не се озборува никогаш, тоа се едукативни средби полни со хумор, за Фрснцузите е важна љубовта, љубовта и љубовта, убавината, еросот, уметноста, книгите, модата, убавата храна, вино, пеењето романтиката, и францускиот хумор. Секогаш се искрени за семејните тајни бидејќи се воспитани на сочувствителност, и не завидуваат. Уживам во нивната искреност, која ме учи и јас да сум иста без оглед на сè. Тие се полни со знаења и вистински приказни, го облагодаруваат духот. Секој кварт е убав и еднаков со претходниот. Луѓето од сите квартови излегуваат и во најбогаташките делови и секогаш можат и да резервираат во најпрестижен ресторан. Има 20 квартови, кои се еден мал град за себе, и се со прекрасна архитектура. Луѓето имаат убав живот, Париз е раскошно богат град и во секоја пора тој дише организирано и беспрекорно за сите. Неверојатно е колку властите се грижат за секој жител во Париз и какви сè права и можности ти нуди градот. Ако си талентиран, имаш цел, и знаеш што сакаш, ти си победник. Овде се бара само квалитет, постојано се иновира, напредува во идеите и сè се реализира беспрекорно. Законот се почитува и животот е нормален и убав.

Да, јас сум веќе Французинка со документи и се чувствувам навистина пресреќно поради таа голема животна привилегија. Сопругот ми го подари Париз, најубавиот подарок од сите. Јас имам совршен сопруг, и навистина сум благословена.

Фото – приватна архива

Париз не е само град, тоа е еден цел универзум. И јас сум благодарна до небо што му припаѓам. Живееме во семејниот дом на сопругот и неговата фамилија, бидејќи тие триесеттина години наназад имаат париска историја. Тоа е во квартот во близина на прекрасниот Пантеон каде што е чудесно, место во кое се чувствувам како да патувам низ времето. Тоа е еден вистински стар Париз, каде домови имале и писателот Хемингвеј, францускиот филозоф и математичар Рене Декарт- „Мислам, значи постојам”, овде е црквата Света Геновева, патронот на Париз, светицата која со своите молитви го спасила Париз од опасната чума и е негова заштитничка. Исто така и Националните библиотеки со восхитувачка стаклена архитектура, Акор арената каде доаѓаат најголемите музички ѕвезди од цел свет и можеш да ги видиш на големата сцена која постојано нуди неверојатни имиња и спектакли.

Во овој кварт откривме токму дека е снимен и популарниот серијал „Емили ин Париз“ (Emily in Paris), од домот каде живее Емили и пријателите, до ресторанот каде се случува целото дејствие на серијата. Значи, тие се речиси нашите филмски комшии (се смее, н.з). А можеби тоа е и некој знак за нас. Насекаде има неверојатни содржини и тајни кои Париз ги открива и те магепсува. Улици со галерии, пекари, ресторани, кафулиња и бајковити кровови кои се најубави и најфотографирани во светот, со совршено декорирани балкони. Сепак, парижаните не живеат секогаш во големи станови затоа што се прескапи и сè зависи од квадратурата. Да живееш во Париз е голема привилегија бидејќи и становите под кирија чинат големо богатство.

Голема среќа е што семејниот дом со сопругот е навистина простран, со парк во алејата на костените и нудИ вистински спокој. Инаку, големите станови во Париз се продаваат од еден до три милиони евра, со таа сума може некој да купи и приватен остров низ светот.

Париз е вистинско царство, тоа е жувотна привилегија. Со тоа што и сè е толку блиску, можеш да патуваш на многу топ дестинации за многу бргу да си во друга европска метропола или на југот на Франција, каде живее џет-сетот и француските филмски ѕвезди.

фото – приватна архива
Заедно го средуваме домот, секој има своја задача, сопругот пушта машина, го фрла ѓубрето, го средува фрижидерот, нарачува храна…фото-приватна архива

Кој е задолжен за уредување на станот, за домашните работи, за готвење, грижа за домот, хигиената? Дали сè постигнуваш сама?

– Сопругот се грижи за сè да биде прекрасно. Ме буди со букет цвеќиња, тоа ни е утрински ритуал, вообичаен за вистинскиот Париз, ми го купува појадокот кој често го добивам и во кревет. Тоа е вкусна паштета од патка, топол багет, кроасани, француска палачинка со џем од костен, старбакс кафе од карамел, најубавиот сок од ананас, аморино сладолед од ф’стак, јагоди, малини, линдит чоколади со магични вкусови и познатите париски крофни.

Доброто утринско кафе е моја есенција за убав париски ден. Ги набавува продуктите, а јас знам да изненадам со убав ручек и тој го сака моето готвење, но и јас уживам во креирање храна, а научив и неколку француски специјалитети.

Имаме секогаш шише француско вино со некоја годишна награда од некој француски регион. Овде сè е креација и секое име на таа креација е сензација за мене. Заедно го средуваме домот, секој има своја задача, сопругот пушта машина, го фрла ѓубрето, го средува фрижидерот, нарачува храна, знае и да ја вклучи правосмукалката (се смее, н.з). Нашите задачи и обврски се поделени еднакво. Вечерите ги обожуваме со чај или вино, „Нетфликс“ или „Дизни плус“. Телевизиската програма е со врвен квалитет, па имаме и омилени тв шоу-а.

фото -приватна архива
Разговорот со Марија Пијанманов продолжува утре, на „еспресо.мк“. Марија одговара на прашањата: Колку уметноста и уметничките дела се присутни во нивниот дом, кое ѝ е омилено парче облека, а кое најлускузно, од каде најчесто шопингува, колку пати сопругот ја запросил и кое запросување било најнезаборавно, каква според неа треба да биде една жена за да си осигура успешен брак, колку вложува во нега, сопствена убавина и козметички средства…

 

Слични објави

Љубовта ќе им цвета во јуни: Ова се највљубените и најсаканите хороскопски знаци на почетокот на летото

Еспресо

Три најчести фитнес грешки поради кои се откажуваме од тренинг и слабеење

Еспресо

Што да промените во исхраната за да се ослободите од акните и мозолчињата?

Еспресо

(ВИДЕО) Докажано: Амбер сепак имала врска со Џејмс Франко додека била во брак со Џони Деп

Еспресо

(ФОТО) Модна дизајнерка почнала да го тетовира синот уште кога имал шест месеци

Еспресо

(ФОТО)„Збогум Пиже“: Пере од „Нокаут“ со емотивна објава се збогуваше со својот пријател

М.Р.
Се вчитува....