Босанската пејачка Џејла Рамовиќ привлече внимание со изгледот во новиот музички спот за песната „Сузе“, дует што го сними со хрватскиот пејач Јаков Јозиновиќ. За оваа музичка приказна, Џејла избрала впечатлив бел мини фустан кој спојува елеганција и разиграност, а на целото издание ѝ дала бајковита нијанса.
Песната беше објавена вчера напладне, заедно со музичкиот спот во режија на Лука Сепчиќ. Музиката и текстот го потпишуваат Матија Цвек и Јосип Паламета, додека снимањето се одвивало во замокот Пејачевиќ во Славонија. Токму раскошниот амбиент на ова здание дополнително ја нагласило романтичната атмосфера на спотот.
View this post on Instagram
Во центарот на кадарот Џејла носи бел фустан без прерамки. Горниот дел е обликуван како корсет, со тенки вертикални ленти кои визуелно ја издолжуваат фигурата и ја истакнуваат половината. Долниот дел преминува во кратко, волуменозно здолниште со балон крој, изработено од меки, набрани слоеви.
Контрастот помеѓу цврсто обликуваниот корсет и раскошното здолниште ја прави оваа комбинација посебна. Дворската елеганција е комбинирана со младешки крој, а кратката должина на фустанот му дава модерен изглед.
Комбинацијата е надополнета со бели чорапи до бутовите со широк раб и бели потпетици со тенко ременче. Белата палета дополнително го нагласува нежниот и романтичен впечаток.
Фризурата инспирирана од стариот Холивуд привлекува посебно внимание. Косата е разделена настрана и стилизирана во сјајни, меки бранови, додека шминката останала во неутрални тонови. Од накитот избрала дискретни обетки, со што го задржала фокусот на фустанот.
Изданието на Џејла посебно се издвојува во споредба со другите девојки што се појавуваат во музичкиот спот. Тие носат комбинации во црна и крем нијанса, со кошули украсени со панделки, елеци, ракавици и драпирани фустани. Наспроти нив, Џејла во белата креација станува централна фигура на модната приказна.
