16.8 C
Скопје
11:15 - 27 април, 2024

КОЛУМНА: Кој сака да биде милионер?

Што имаме ние слично со Франција на тема раѓање деца, а да е надвор од хартија? Со Русија сепак имаме некои сличности, барем во однос на афродизирање работни акции под чаршавите, со стимулатори од типот на квизот „кој сака да биде милионер“.

Пред некој ден Путин потпиша указ за воведување на титулата „Мајка хероина“. Титулата е почесна и влезе во највисоката категорија на титули, па така може да се спореди со титулите „Херој на Русија“ и „Херој на трудот“. Носи и еднократна парична награда, 1 милион рубли. Самото одѕвонување на милионче во ушите звучи примамливо, но бројката со шест нули по курс е околу 16 илјади евра. Кој ти ги дава?, секој би се полакомил пред да праша што треба да се направи за да се лапне милиончето. Бајаги физичка работа. Да се направат, односно родат, десет или повеќе деца. Милиончето доаѓа на сметка по првиот роденден на десеттото дете, во меѓувреме останатите девет мора да се живи, а по проверката дали се исполнети овие услови, врз измолзените гради на хероината доаѓа и почесен орден со знамето и грбот на Руската Федерација.

Орденот за славни родители веќе постои од 2008 година и е наменет за многудетни семејства, со седум или повеќе деца, кои добиваат 700 илјади рубли, односно, околу 11 илјади евра. Но сега се враќа и титулата „мајка хероина“, која постоела во времето на Советскиот Сојуз со законот донесен од Сталин во 1944 година, по војната, и кој – како што покажа историјата – резултираше со милиони смртни случаи.

Плодните мајки на Мусолини

Законите што вклучуваат награди за многудетни семејства не се баш некоја новост. На пример, Мусолини инсистирал жените да не се „плеткаат“ многу-многу во машките работи, туку да останат дома и да раѓаат деца; многу! Во 1933 година го вовел Денот на мајката и детето, кој се славел на 24 декември, и 100-те најплодни мајки во Италија, кои имале најмалку по 14 деца, лично ги примал, со папата, и им давале ем пари (а од 1939 година со законот донесен од Виторио Емануеле Трети) ем орден. Плодните мајки требало гордо да го носат орденот на левата страна од градите на сите државни празници, граѓански свечености и јавни појавувања.

Француски бакнеж

За жал, или за среќа, ордените не се во некоја романтична врска со раѓањето деца, односно со зголемување на наталитетот на една земја. Очигледни се примерите дека демографските политики ретко функционираат. Доказ за тоа е, на пример, Африка каде бројот на раѓања е во пораст и земјата саглам ќе придонесе, заедно со Индија, да се заокружи бројката на 8 милијарди жители на планетава во претстојниов ноември. Кина со години водеше политиката на едно дете, а од 2021 година може да се има и до три деца, но сепак, оваа политика не го зголеми наталитетот. Во Русија, која брои нешто повеќе од 146 милиони, стапката на раст паѓа веќе триесет години наназад. Со ордени или без нив. Од европските земји, пак, се одвојува единствено Франција, во која се раѓаат повеќе деца од европскиот просек од 1,53 деца по жена (во Франција тој процент се приближува до 2 деца по жена). Клучниот чекор според демографите, во рамките на родителството, е работата на жените, стабилноста на работното место, платеното родителско отсуство за двајцата родители (балансирано), корпоративната благосостојба, реверзибилното скратено работно време…Што имаме ние слично со Франција на оваа тема, а да е надвор од хартија?

Само детето ќе те сака?

И кај нас ордените не функционираа. И покрај тоа што во 2013 година се активираа сите тапани за прослава на неродените Петковци под паролата „имај трето дете“, сосе придружните бизарни слогани од типот „каков и да си, твоето дете ќе те сака“, според статистиката, ништо од физичката работа под чаршафите. Или во бројки, во 2014 година се родиле околу 400 деца повеќе од 2013 година, а во 2015-та стотина помалку од 2013-та, односно без разлика на бучноста на кампањите, наталитетот продолжи да паѓа. Како и сè друго кај нас, така и ова чудо беше „за три дена“, а во меѓувреме, и без да се изродат едночудо деца, снемаа и пари. Така славниот додаток за трето дете неславно заврши, отфрлен и банкротиран, а нешто подоцна, на сила стапи нов закон за еднократна помош за новороденче. За првородено дете – пет илјадарчиња, за второ – дваесче. Има и „онлајн“ список на документи за апликација, уплатница, и арчење штикли до центрите за социјална работа, па шалтери, па пауза, па отворено-затворено, летни одмори… знаете веќе… Толку труд за еднократни петбанки. Се потепаа.

Слични објави

(Фото) Силни зборови на Драгана Мирковиќ по разводот: „Многу сум посилна отколку што мислев, се сакам новата себе!“

еспресо

Бакингемската палата ја објави здравствената состојба на кралот Чарлс: Еве ги деталите

еспресо

Астропрогноза за сабота, 27 април: Важно познанство за Лавовите, многу среќа за Скорпиите

еспресо

Среќлии во љубовта: Два хороскопски знаци ќе доживеат возвишена љубов во мај

еспресо

Кој е владиката Иларион кој го предводеше погребот Бојана Јанковиќ: Глумеше во популарна серија, па се замонаши

еспресо

(Видео) Драгана Мирковиќ со куфер во рака на аеродромот во Белград: Налета на Теја Дора која патува на Евровизија

Еспресо
Се вчитува....