Речиси сигурно е дека нејзиното лице сте го виделе на социјалните мрежи, но можеби и понатаму се прашувате зошто Оливија Понтон стана опсесија на генерацијата Зет? Оваа 23-годишна манекенка и инфлуенсерка во последните години привлече огромно внимание, и тоа не само поради својата работа во светот на модата.
Понтон се прослави за време на пандемијата на коронавирусот, кога нејзините објави на Тикток ја лансираа во центарот на глобалната сцена.
Оттогаш потпиша договори со врвни модни агенции, прошета по модните писти во Париз, се најде на страниците на списанието „Спортс Илустрејтед“, а ако им се верува на гласините, можеби е во врска со една од најголемите ѕвезди на НФЛ.
Од сончевата Флорида до ѕвезда на Тикток

Оливија Понтон е родена на 30 мај 2002 година во Нејплс, Флорида. Тинејџерските години ги поминала како типична американска девојка – уживајќи на сонце, тренирајќи атлетика во средно училиште и чувајќи деца за да заработи џепарлак. Нејзиниот живот се променил кога на 17 години отпатувала во Њујорк и потпишала договор со агенцијата „Вилхелмина моделс“.
Сепак, вистинскиот пресврт се случил по една наизглед обична објава на Тикток.
„Играв во мојата соба, дури не беше ни нешто посебно“, се присети во интервју за списанието „Флаунт“ во 2020 година.
Видеото го објавила непосредно пред да замине на средношколски фудбалски натпревар.
„Воопшто не го проверував телефонот за време на натпреварот“, рече таа. „За два часа имав 700 илјади прегледи. Се сеќавам дека седев на трибините и си велев: ‘Што е ова?!’“
Сè останато е историја. Бројот на нејзини следбеници на Тикток нагло пораснал и Оливија знаела дека тоа е нејзиниот момент. Иако била подготвена веднаш да се пресели во Лос Анџелес за да ги следи своите соништа, родителите инсистирале прво да го заврши средното образование. Но, не чекала долго. Само пет дена по 18-тиот роденден, ги спакувала куферите и се преселила во Лос Анџелес, решена да го најде своето место меѓу познатите.
Токму кога нејзината манекенска кариера требало да тргне нагоре, светот го погоди пандемијата, а со неа дојдоа и карантините и застојот во модната индустрија. Со малку работа и многу неизвесност, Понтон целосно се посветила на социјалните мрежи и градење сопствен бренд.
Оливија изградила огромно онлајн присуство со 2,9 милиони следбеници на Инстаграм и 7,6 милиони на Тикток. Но, патот до успехот не бил секогаш лесен.

„Мојот пат на социјалните мрежи имаше тежок почеток“, призна за „Флаунт“. „Имаше денови кога беше лошо – плачев поради грди коментари.“
Ѝ помогнала промената на начинот на размислување и пораките за самодоверба што ги лепела на огледалото. „Постојат луѓе кои мислат на тебе и се грижат за тебе, постојат луѓе кои чекаат да те видат следниот ден. Потребна си и сакана си.“
Клучната мотивација дошла од публиката. „Почнав да добивам многу позитивни реакции за тоа како сум направила луѓето да се чувствуваат“, рече таа. „Тоа беше мојата главна мотивација да продолжам.“
Генерацијата Зет ја обожава поради нејзината автентичност
Иако нејзината работна етика е неспорна, многумина веруваат дека тајната на нејзината популарност е нејзината личност. Со искрена насмевка и приземен став, Понтон делува како некој што веќе го познавате и за кого сакате да навивате.
Оваа енергија силно одекнува кај генерацијата Зет, која бара автентичност и искреност. Понтон е отворена и за својот идентитет. Откако во интервју за „Тин Вог“ во 2021 година откри дека е бисексуална, подоцна појасни дека се идентификува како пансексуалка.
Нејзината отвореност не помина без критики, на што таа директно одговори: „Ве молам, не ја поништувајте мојата сексуалност. Мислам дека сексуалноста е многу флуидна… Јас сум тука само да ширaм љубов и да сакам многу луѓе“, изјави за „Спортс Илустрејтед лајфстајл“.
@iamoliviaponton first dip at the bungalowssss #tahiti
