11.8 C
Скопје
09:15 - 20 април, 2024

ИСКРЕНО СО МИА КОСТОВА, водителка и инфлуенсерка: Горда сум што немам кредити и што не живеам „позајмено“

Некогаш работела и како келнерка и во фризерски салон, но никогаш не се предала да се врати во семејниот дом и да биде уште една тешка приказна со мало дете, која се откажала од тоа да се обиде сама. Воопшто не ѝ било лесно, ама кога денес ќе види каде стасала, вели, вредело.

Некому му се допаѓам, некому не, а и искрено многу сум позадоволна од себе што ме следат луѓе кои не се таму на профилот затоа што сум убава, туку затоа што сум поинаква и своја, фото – приватна архива

Со водителката и една од најпознатите македонски инфлуенсерки, Миа Костова, разговараме за убавината, мајчинството, блиските луѓе, остварените и неостварените желби.

Важиш за една од најубавите македонски инфлуенсерки. На што се должи убавината? Генетика, нега? Имаш ли некој таен рецепт?

– Прво, благодарам многу, би рекла дека е склоп на генетика и нега, која е сѐ поинтензивна со годините, второ, сметам дека убавина е дискутабилна работа. Некому му се допаѓам, некому не, а и искрено многу сум позадоволна од себе што ме следат луѓе кои не се таму на профилот затоа што сум убава, туку затоа што сум поинаква и своја. Тајниот рецепт за да зрачиш убаво е да правиш како што ти сакаш, без притисок за мислењето на околината и коментарите.

Како го негуваш детето во себе?

– Мислам дека многу малку остана од детето во мене заради животниот пат кој и не ми беше прелесен. Но, секогаш имам доза позитива и секогаш гледам една точка светло во секое лошо.

Од кого ја наследи борбеноста?

– Искрено мислам дека си е лично моја и сама си дојде од околностите во кои созревав. Од многу млада постојано ми се врти една реченица во глава, а таа е „Не може да не може!“. Сум работела и како келнерка и во фризерски салон и не сум се предала да се вратам во семејниот дом и да бидам уште една тешка приказна со мало дете, која се откажала од тоа да се обиде сама. Ич не ми било лесно, ама кога денес ќе видам каде сум, секогаш си викам „Браво Миа, вредеше.“

Како научи да живееш со анксиозноста?

– Тоа е единствениот излез. Да ја прифатиш и да живееш со неа, на некого му треба терапија, но јас и после 20 години успевам да ја решам со многу мисли и со храброста што заклучивме дека ја имам. Со мислата дека сѐ тоа го измислува мојата глава и дека не треба заради страв и анксиозност да пропуштам убави настани, патувања и слично. Некогаш сум анксиозна до степен да не можам да станам од кревет, но, се поткревам и работам на себе.

Што ти помага да се справиш со анксиозноста?

– Друштво што ми одговара, патувања со Андрија и Тијана, чистење по дома, некогаш само лежење цел ден, ми помага и тоа што сериозно почнав да пијам кафе и да се дружам исклучиво со луѓе кои мене ми годат и кога јас сакам, без да го правам тоа од обзир или за услуга.

Некогаш сум анксиозна до степен да не можам да станам од кревет, но, се поткревам и работам на себе. Фото – приватна архива

Миа и манџа, не можам да спојам, ама можело! Кои манџи ги готвиш?

– Ох, до три години на Андрија ѝ готвев по три оброци и две ужинки секој ден. Андрија нема изедено тегличка со храна мислам никогаш. Денес во неделата минимум 3-4 пати имам ручек, што би рекла Тијана, како на баба (се смее,н.з). Готвам грав, леќа, боранија со мелено месо во рерна, грашок, ориз тава, омилената на Андрија, мусака, сарма, подварок или нема нешто што не знам да зготвам, ете. Ова беше како оглас за мажење (се смее, н.з)

Колку и како те промени мајчинството? Те направи тигрица? Те направи ранлива? Или сѐ заедно?

– О да, сѐ заедно. И константна грижа. Како расте, секој ден го мислам што прави во школо, дали е добар, дали некој нешто лошо му зборува, ќе оди и на прва екскурзија скоро и некако сум баш емотивна колку брзо ми порасна. Инаку за него, можам буквално да изедам жив човек. Веројатно како и секоја мајка. Барем повеќето мајки.

Што наследил од тебе Андрија? На што си горда во врска со него? А, на што треба да се работи?

– Па мислам дека е одговорен максимално, а мрзлив исто како мене. Ќе заврши сѐ само треба некој да го поттурне. Многу е културен, внимателен и воспитан и тоа е секако моја заслуга. Горда сум на него, навистина.

Како си поминавте на крштевката на Андрија која се одржа неодамна во Свети Наум?

– Преубаво! Вистински емотивен момент, јас си плачев цело крштевање (се смее,н.з) Кумата моја единствена го опушти и го водеше низ целата приказна и беше многу среќен и задоволен. Само најблиските на едно место кај моите најдраги пријатели од Острово.

Цело лето го помина на море, која е пораката што ја доби таму? Што научи за животот, за себе?

– Дека многу немање обврски и лежење 90 дена не е на арно (се смее,н.з). Тоа прво, второ искрено имав преубави три месеци и многу успешна соработка со Хавана. Уште еднаш си потврдив дека нема нешто што не можам.

За што најмногу ѝ се восхитуваш на мајка ти?

– За силниот ум, кој никогаш не мисли на лошо, за шестото сетило, за тоа како нѐ воспитала…

Што наследи од татко ти?

– Чесноста и тоа дека никому никогаш не знаеме да должиме пари, а ни сметка.Темелен и многу педантен. Денес искрено не знам колку ми е од помош таа чесност, ама горда сум што немам кредити, ниту живеам „позајмено“. По малку сум на него и кога е во прашање стравот од болести. Ете тоа.

Уште еднаш си потврдив дека нема нешто што не можам, фото – приватна архива

Колку се гледаш себе во сестра ти?

– Ич! Јас и Ена сме буквално небо и земја. Ништо слично немаме, ни карактер, ни изглед, ни стил, ни размислување. Таа е сосема друга генерација и многу често ја прашувам за сѐ во врска со Андрија, зашто навистина има работи што не ги разбирам.

Желба што не ти се остварила, а ја посакуваш?

– Да си направм куќа покрај вода и да живеам на море.

Која е среќната слика што си ја замислуваш, за десетина години од сега?

– Ете баш таа е сликата. Куќа на море, медитеранска клима, убав двор и ладно просеко со лелеава наметка на лежалка и голем бел шешир. Ќе ми се оствари, не знам дали знаеш (се смее, н.з).

 

Слични објави

Водителката Бојана Јанковиќ пронајдена мртва во стан, се чека на обдукција на телото

еспресо

Астропрогноза за сабота, 20 април: Вагите да посветат внимание на партнерот, Водолиите да се отворат за нови познанства

еспресо

Личниот живот им „пука“: Три хороскопски знаци наскоро ќе ја изгубат љубовта

еспресо

(Фото) Која е жената со генијален ум која го контролира секој потег на Тејлор Свифт: Не се одвојува од неа и нема свој живот, но затоа има милиони

еспресо

(Фото) Ќерката на Том Круз наполни 18 години: Од него ни трага ни глас, дури ни на роденденот на Сури

еспресо

„Ги преминува границите“: Марија Шерифовиќ проговори за грижата на својот син, а поради него имала расправија со мајка си

Еспресо
Се вчитува....