Војводата и војвотката од Сасекс ги преземаат сите соодветни мерки поради коронавирусот, откако дознаа дека принцот Хари бил изложен на вирусот во текот на неговиот последен ангажман во Велика Британија овој месец.
Хари го прегрнал возачот од Формула 1, Луис Хамилтон, на отворањето на музејот „Silverstone Experience“.
Два дена претходно, Хамилтон е фотографиран на добротворна манифестација во Лондон, заедно со актерот Идрис Елба и Софи Трудо, сопругата на канадскиот премиер, и двајцата позитивни на коронавирусот.
Бекингемската палата одби да коментира дали Хари и Меган се во самоизолација. Еден извор изјави дека парот спроведува соодветни мерки и ги следи советите.
Хари се врати во Канада неколку дена пред Џастин Трудо да најави затварање на границите со цел да се запре ширењето. Трудо ги повика Канаѓаните да останат дома колку што е можно повеќе.