Мандатар Зоран Заев предмалку во Собранието на седницата за избор на влада ги презентираше стратешките приоритети на идната влада, кои се однесуваат на стабилна и растечка економија, повисок економски раст, повисоки плати и пензии, рехабилитација на патиштата, вложување во здравството, нови водоводи и канализации, фабрики за преработка на цврст отпад, гасоводна мрежа, коридорот 8, рехабилитација на железницата на коридорот 10, градење градинки болници и училишта.
Заев предупреди дека во следните 6 до 8 месеци животот можно е да биде потежок поради тоа што пандемијата со коронавирусот ќе се влоши споредено со летото, но дека владата ќе стори се да им помогне на граѓаните и дека се подготвени нови пакети мерки за народот и за економијата.
-Сметајте на вашата земја и на вашите институции што ги плаќате, но сериозно укажувам да ги почитувате здравствените мерки за заштита. Периодот пред нас носи нови предизвици и најавувам уште поголема посветеност на здравствениот систем, големи инвестиции во здравството. Со 33 милиони евра од Светската банка ќе ги опремиме сите одделенија од интензивна нега за да пружат врна здравствена заштита. Платите за здравствените работници до 2024 година ќе бидат повисоки за 40 проценти, вети Заев.
Во процесот на рестартирање на економијата, владата ќе ја следи политиката на зелена и дигитална транзиција во духот на европксиот зелен договор.
Заев најави реформи во администрацијата, поодговорни и отворени институции во интерес на граѓаните, структурни реформи во јавната администрација што ќе допринесат граѓаните во неа да гледаат силен и доверлив партнер.
-Ако можевме да стекнеме доверба во здравствените работници, така ќе биде и со администрацијата. Пандемијата покажа дека дигитализацијата на јавната администрација е корисна и потребана во услови на криза кога и со половични капацитети се испорачуваа сите услуги. Наредниот период ќе се намали администрацијата за 20 проценти, ќе се реорганизира јавната управа преку намалување на бројот на институции, подобрување на управувањето и ефикасно работење, посочи Заев.
Тој рече дека важно е да се разбере дека секој функционер е одговорен за општеството што го посакуваме и дека не може личната амбиција на функционерите да заврши со нивниот избор.
-Секој функционер и службеник треба секој ден од својот мандат да се прашува што направив денеска да ја оправдам довербата што ми е дадена и можам ли уште повеќе и уште подобро од ова. Тоа се важни прашања, рече Заев.
Тој најави ред, правда, дисциплина и неселективно владеење на правото и прочистување на правосудниот систем. Ќе се испитува имотната состојба на судиите и јавните обвинители, пет проценти од судските процеси ќе се ревидираат по случаен избор а судиите што застарувале предмети ќе бидат разрешени.
-Нашата држава како и светот сме во деликатна состојба поради состојбата со коронавирусот и со изборот на оваа влада го комплетираме системот на ефикасни и силни институции кои ќе работат на надминување на последиците од коронавирусот и идните предизвици од пандемијата. Стратешки пприоритети на нашата земја се подинамичен економски раст, ефикасно модерно образование, активно членство во НАТО, добри меѓусоседски односи. Македонската економија е на првите страници од нашата програма. По кризата ќе расте минималната плата од 20 до 40 проценти, нашите цели се јасни, минимална плата од 20.000 денари и просечна плата од 34 000 денари до крајот на мандатот од четири години, рече Заев.
The post Заев најави ред, правда, дисциплина, помала администрација и просечна плата од 34.000 денари appeared first on Слободен печат.
Заев најави ред, правда, дисциплина, помала администрација и просечна плата од 34.000 денари was first posted on август 29, 2020 at 1:01 pm.