7.8 C
Скопје
07:10 - 28 април, 2024

Вирусот како „подвижна мета“

Сега е најлесно да се биде песимист, а најпопуларно да си оптимист. Тешко е и не толку популарно да се проектираат работите во вистинскиот контекст. Особено кога „параметрите“ на тој контекст толку брзо се менуваат, што она што ќе го прогнозираш денеска, можеби нема да „трае“ ни до утре на пладне.

На пример, во моментов, во Шведска има 3.700 заразени и 110 починати (или: 11 мртви на 1 милион население), а Швеѓаните немаат воведено најстроги мерки за општествен „лок-даун“ и полициски час. Во Македонија има 259 заразени и 6 починати (или: 3 мртви на 1 милион население), а кај нас се воведени прилично радикални мерки за општествена изолација. Италија: 92.472 заразени и 10.023 починати – 166 жртви на 1 милион население – и земјата, заедно со Шпанија (во моментов, 140 мртви на 1 милион население), се смета за „изгубен случај“ во пандемска смисла. И сè така, до Белорусија, во која има стотина заразени, сè уште нема починати, која е единствената земја во Европа во која несметано функционира фудбалското првенство со публика на стадионите, а претседателот Лукашенко препорачува пиење вотка како превенција од ширење на заразата…

Ако на ова додадете уште десетина други статистички варијабли во врска со вирусот – како демографијата на заразените, процентот на заразен медицински персонал, различните капацитети за прифат на болните во здравствените системи, брзината на растот на заразени, процент на природно имунизирано население итн. – јасно е дека „контекстот“ е „подвижна мета“ која тешко може да се погоди.

Дополнително, не заборавајте, за секоја статистика е важно да се пресметува врз познати (изброени) бројки, а тоа, во случајов, за некои претпоставки е сосема нејасно, бидејќи се темели врз многу ограничен број на тестирања за реално заразени во вкупната популација, наспроти точни бројки на утврдено заразени и починати.

Методологијата по малку наликува на „стап и коноп“, со многу претпоставки и произволни гледања во распоредот на ѕвездите на небото. На пример, лесно е да пресметате кои се статистичките шанси да летате во авион во кој има поставена бомба; но, каква е реалната валидност на статистичката пресметка, ако вие понесете бомба во личниот багаж, во тој авион да има и втора бомба?

Затоа сите се занимаваат со еден статистички „агрегат“, наречен „крива на раст на епидемијата“, чија експоненцијалност (нагол раст) или постепена, врамнотежена прогресија ја овозможува прогнозата за тоа дали и кога ќе „пукне“ нечиј здравствен систем. Бидејќи, да потсетиме, без разлика на тоа колку вознемирувачки некому му се чинат бројките на вкупно починати и заразени, тие се „единствено“ важни во споредба со здравствениот капацитет на секоја земја посебно.

Во таа смисла, Македонија до крајов на март „се држи“ релативно добро. Сите најави се дека наредните две-три недели се критични, бидејќи ќе се покаже дали и колку, во недостаток на вакцина и стекнат природен имунитет, воведените „примитивни“ мерки за општествена изолација ќе дадат резултат. Навистина, мерките се очајнички, средновековни – сите дома, зад своите „ѕидини“, додека вирусот, наместо нас, самиот не цркне – но тоа е единственото нешто кое, за сега, докажано, функционира.

Дали е овој контекст за прогноза, во здравствена смисла, оптимистички или песимистички? Тоа најбрзо ќе го дознаеме, веќе во април.

Ама за сето друго, вон здравството, на подолги стази, се плашам дека ни советите на Лукашенко нема да можат да ни помогнат. Уште повеќе, сигурен сум дека „на крилјата“ на таа општествена криза некој овдешен „Лукашенко“ веќе се подготвува за политички настап. Бидејќи ништо после коронава нема да биде исто…

The post Вирусот како „подвижна мета“ appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....