9.8 C
Скопје
06:28 - 24 април, 2024

СДСМ ветува полн телефон документи и полн паричник

Со какви мерки ќе влезе СДСМ во битката за нов четиригодишен мандат? Партијата најавува мозаик од можности за сите граѓани, заедници, бизниси и инвеститори и ќе победи со понудата за една иновативна економија, со храбри и визионерски чекори. Вака потпретседателот на СДСМ Коста Петров ги најавува мерките за освојување на довербата на гласачите, а кои се фокусирани на индустријата и технологијата, но и на целосно прочистување на судството, децентрализација на културата, конечно решавање на статусот на спортските работници, создавање брендови во сите индустрии, отворање компании за едно евро и прогласување на гејмингот како официјален спорт.

– Особено сум горд на десетгодишната технолошка иницијатива за Македонија да стане стартап центар во регионот, преку нов пристап на финансии за стартапи, меѓународна промоција на македонските стартапи и отворање на старт-ап хабови – вели Петров.

Десетгодишната технолошка иницијатива е пакет мерки и активности кои ќе бидат осмислени координирани и реализирани со современи високотехнолошки елементи. Тие, според предлогот од СДСМ, ќе резултираат со забрзан трансфер, усвојување и примена на високи технологии во државните институции, органи и претпријатија. И домашниот и странскиот академски сектор ќе биде вклучен во креирањето и реализацијата на проектите за да се создаде локално знаење за нив, а подоцна да може да бидат извезени во странство.

СДСМ планира да ги освои симпатиите на гласачите и со дигитализација на јавната администрација, веќе започнат проект што треба да доведе до тоа сите граѓани, наместо полн паричник со документи, да ги имаат личните документи на својот мобилен телефон.

– Нашата визија е услугите да ги донесеме кај граѓаните, на нивните мобилни уреди или компјутери, а не граѓаните да ги носиме по шалтери. Нашата визија е граѓаните преку својот е-идентитет да ги остваруваат сите свои права и обврски. Нашата визија е сите лични документи во иднина да бидат на нашиот мобилен телефон, да немаме посебни лични карти, здравствени легитимации и возачки дозволи. И сето ова е возможно, заради тоа што е направено досега. Визијата е секој граѓанин да има пристап до ултра брз широкопојасен интернет, каде и да живее, по достапни цени – велат од СДСМ.

Оттаму додаваат дека економијата најдобро може да се развива ако се инвестира во информатичкиот и компјутерскиот сектор.

– Во програмата за изборите во април ќе излеземе со револуционерни предлози со кои ќе прескокнеме неколку технолошки чекори напред, а Северна Македонија ќе се натпреварува со земји како Естонија во областа на дигитализацијата – ни рече Петров.

Во Македонија има околу 40.000 гејмери чиј талент во минатите години беше наградуван на светски турнири.

Во програмата СДСМ предвидува екипите кои и сега учествуваат на натпреварите да бидат официјални претставници на Северна Македонија.

„Ова ќе значи и бенефиција за гејмерите за да може да ја претставуваат Македонија на турнири надвор од земјата. Ќе имаме широка дебата, вклучување на сите гејмери и заинтересирани страни за да се даде поинаков правец во развој на државата, како на економски така и на спортски план“, велат од СДСМ.

Визијата на програмата е Македонија да стане стартап центар во регионот.

– Заедно со стартап заедницата работиме на развивање нов пристап до финансии за стартапи, кој ќе овозможи побрз раст на стартап компаниите и подобри и поконкурентни производи. Со повеќе финансии, претприемачите може да ги унапредат производите преку воведување напредна технологија и експерти. Нашата визија е да креираме препознатливи македонски стартап брендови и меѓународно да ги промовираме. Ова ќе создаде и нови конкурентни работни места – вели Петров.

За составување на програмата Социјалдемократите имаа повеќе јавни трибини низ Македонија, во кои беа опфатени сите важни области за граѓаните.

Фирма ќе се отвора за едно евро!

Претседателот на Комисијата за економија на СДСМ и заменик-министер за економија во владата, Кирил Колемишевски, за „Слободен печат“ вели дека со самото тоа што цената да се основа друштво со ограничена одговорност ќе се намали од пет илјади на едно евро, во земјава ќе влезат многу странски инвеститори.

– Моменталното законско решение пропишува минимален износ од 5 илјади евра за да се основа друштво со ограничена одговорност, ДОО и ДООЕЛ. Овој износ претставува голема пречка за младите претприемачи. Тоа се луѓе со добри бизнис идеи, но и луѓе кои сакаат да почнат свој бизнис, а немаат средства за тоа. Предлогот е да се намали минималниот износ на само едно евро. Со тоа ќе им се овозможи на граѓаните да основаат фирма со минимални трошоци и да ги реализираат своите идеи и бизнис планови преку новоотворени фирми. Оваа мерка дополнително ќе привлече и странски инвеститори, бидејќи трошоците за отворање фирма во Македонија ќе бидат сведени на минимум – ни изјави Колемишевски.

„Бизнис-ангели“ ќе бдеат над младите бизнисмени

Во економскиот дел, СДСМ предвидува програма за „бизнис-ангели“ – луѓе со вишок финансии, најчесто од високоплатени професии, кои сакаат да ги инвестираат парите во личност или во регионот долгорочно и со поголем ризик. „Бизнис-ангелите“ се поранешни или сегашни лекари, адвокати, спортисти, актери или пејачи, кои заради познанствата на луѓето и околностите во својата сфера, можат многу да им го олеснат функционирањето на претприемачите што ќе се „врзат“ со нив.
Се планираат и годишни саеми на знаење, укинување на партиципацијата за студирање на техничките и на медицинските факултети, подобрување на финансиската писменост на граѓаните. Секоја фирма во својот мејл ќе добива упатства како да ги плати даноците.

The post СДСМ ветува полн телефон документи и полн паричник appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....