23.8 C
Скопје
14:26 - 28 април, 2024

Пандемијата му пречи и на градежништвото: Нема ни градежни материјали, а ни мајстори

Пандемијата директно го допре и македонското градежништво. Градежниците се соочуваат со дефицит од репроматеријали од увоз, нивните цени растат, а сѐ поизразен е и недостигот од квалитетни мајстори, што ја забавува градбата. Експертите од оваа област предупредуваат дека сега сите надежи се насочени кон изградбата на станови, бидејќи деловни простории, речиси никој не гради. Според податоците на Државниот завод за статистика, во мај годинава се издадени 161 одобрение за градење, што е за 27,5 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.

– Корона-кризата има сериозно влијание врз градежништвото, поради недостигот од градежни материјали, кои во најголем дел, се увезуваат. Нивниот транспорт е отежнат, а и производителите ја искористуваат ситуацијата, па ги зголемуваат цените, што на крајот ќе ги зголеми сите математики при градењето – вели за „Слободен печат“, Никола Велковски, член на претседателството на Комората за градежништво.

Според него, уште еден голем проблем е недостигот од квалификувана работна сила, за што се немаше слух во изминатите години, ама сега ќе ги трпиме последиците.

– Нема работници. Огромен дел од квалитетните градежни занаетчии преку Словенија и Хрватска заминаа во Германија. Иако се надевавме дека дел од нив ќе се вратат поради кризата, тоа не се случи. Сега е многу тешко да се најде слободен молер, фасадер, плочкар или електричар, а и тие што останаа дома, ги зголемија цените на занаетчиските услуги. Со години предупредувавме дека младите треба да ги насочиме кон стручни занимања и тоа сега ни се враќа со сета сила – објаснува Велковски.

Инаку, оној што сака да гради во државава, треба да помине низ девет процедури, кои траат речиси три месеци. Документите, пак, кои се потребни за да почнат градежните активности, чинат 3,5 проценти од вкупната вредност на проектот. Истражувањето на „Дуинг бизнис 2020 година“, ги нотира елаборатот за нумерички податоци и студијата за хидро-техничката состојба како најскапи – за двете треба да се издвојат повеќе од 200 евра. Странските експерти посочуваат дека за првата студија, градежните компании може да изнајмат некоја лиценцирана приватна геодетска компанија, а за хидро-техничката состојба е задолжено ЈП „Водовод и канализација“. Високи 13 бода од можните 15 земјава добила и за контролата на квалитетот при градбата. Оценувајќи го процесот за вадење градежни дозволи со 83,5 од вкупно 100 бода, Светска банка ја рангираше земјава на 15. место од 190 економии во светот. Оваа позиција, заедно со 12-то место за заштитата на малцинските акционери, се двете најдобри реформи што во изминатите години ги направиле државните институции. Во регионот далеку зад нас се Црна Гора на 40. место, Бугарија на 43. место, додека нашиот јужен сосед е на 86. место.

Од 2013 година, дозволите за градење се издаваат по електронски пат, а новиот систем придонесе за поголема транспарентност, но и поттик за странските инвеститори. Електронски е и впишувањето на објектот за кој се бара дозвола откако ќе биде изграден. Претходно, за издавање овие дозволи се губеше време по општинските шалтери. При изработката на новата електронска алатка за одобренијата за градење беа користени странски искуства, а Македонија е единствена држава во регионот што воведе таков систем.

Инаку, според податоците на Државниот завод за статистика, предвидената вредност за издадените дозволи за градба во мај е за 60,9 проценти  помала во однос на истиот месец од претходната година. И покрај огромниот број непродадени станови, според издадените дозволи во мај, треба да се изградат уште 432 стана, со вкупна корисна површина од 35.471 квадратни метри.  Неофицијално во земјава има повеќе од 6.000 изградени и непродадени станови.

The post Пандемијата му пречи и на градежништвото: Нема ни градежни материјали, а ни мајстори appeared first on Слободен печат.


Пандемијата му пречи и на градежништвото: Нема ни градежни материјали, а ни мајстори was first posted on јули 14, 2020 at 9:00 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....