5.8 C
Скопје
17:26 - 14 ноември, 2024

Навални бил отруен со воен агенс сличен на „новичок“

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални бил отруен со нервен отров, објави германската болница во која најистакнатиот критичар на Кремљ беше згрижен, во коматозна состојба.

По првичното тестирање, лекарите во берлинската болница „Шарите“ не го посочија специфичниот токсин што ја предизвикал тешката состојба на Навални, во која ненадејно потонал додека со авион летал од Томск до Москва во четвртокот. Тие се убедени дека со третман со атропин веројатно ќе му го спасат животот на рускиот опозициски лидер, но и истакнуваат дека силниот отров можеби ќе остави трајни последици врз неговиот нервен систем.

– Навални е во сериозна состојба, но засега нема акутна опасност за неговиот живот. Прогнозата (за заздравување) за Навални останува нејасна. Не може да се отфрли можноста за долготрајни последици, особено за оние што го засегаат нервниот систем – соопшти берлинската болница.

Токсинот со кој бил отруен Навални е од групата инхибитори на холинестераза, кои го блокираат лачењето на ензим неопходен за нормално функционирање на централниот нервен систем. Отровите од овој тип ги има во разни супстанции – лекови и пестициди, но и во кои спаѓаат најраспространетите нервни воени агенси, како саринот, соманот и десетина пати посилниот „новичок“, со кој во англискиот град Солисбери пред неколку години беа отруени рускиот агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија.

Во Омск не пронашле отрови

Анатолиј Калиниченко, заменик главен лекар на болницата во Омск, изјави дека при тестирање на примероци од крв и урина на Навални во две лаборатории не биле откриени траги на отрови.

Главниот доктор на болницата за итна медицинска помош -1 на Омск Александар Мураховски разговара со медиумите по советот со советниците од Москва за случајот Навални во Омск, Русија, 21 август 2020 година. EPA-EFE/MAXIM KARMAYEV

Хамиш де Бретон-Гордон, експерт за хемиско и биолошко оружје, за весникот „Гардијан“ објаснува дека присуството на високо ниво хилинестераза укажува дека Навални најверојатно бил отруен со нервен агенс.

– Нивото покажува колку сте биле изложени. Премногу е сомнително кога некој толку гласен критичар на руските власти се разболел на ваков начин – вели Де Бретон-Гордон.

Непосредно пред да летне од Томск за Москва, Навални пиел чај. Му се слошило за време на летот, поради што пилотот итно слетал во Омск за да му се укаже помош на патникот.

Наглото влошување на здравјето на Навални потсетува на случајот од март 2018 година, кога беа отруени рускиот агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија, во англискиот град Солисбери. Британските власти спроведоа темелна истрага, чиј заклучок беше дека пребегнатиот шпион најверојатно бил отруен од руски агент, кој користел нервен боев отров „новичок“, развиен во советските воени лаборатории.

– Или ова била директна акција на руската држава врз нашата земја, или руската влада изгубила контрола врз потенцијално катастрофално опасен нервен отров и дозволила да дојде во раце на други лица – изјави по истрагата тогашната британска премиерка Тереза Меј.

Паралели со Скрипал

Актуелниот опозициски политичар Леонид Волков веднаш укажа на сличностите на случаите на Навални и на Скрипал. И Навални го третираат со атропин, со кој им беа спасени животите на Сергеј и Јулија Скрипал.

– Најпознатиот инхибитор на хилинестераза се нарекува „новичок“ – изјави Волков.

Во 2006 година, исто така во Британија, со радиоактивен изотоп беше отруен пребегнатиот руски агент Александар Литвиненко, кој почина неколку денови откако се напил чај затруен со полониум. Во 2015 година, пак, на мост близу Кремљ беше смртно застрелан тогашниот водечки руски опозициски лидер Борис Немцов.

Кира Јармуш, портпаролка на Навални, ги отфрла тврдењата на болницата од Омск дека кај него немало траги од отрови или пестициди.

– Сигурни бевме дека Алексеј бил отруен, наспроти сите соопштенија од руската пропаганда и од докторите. Сега труењето е потврдено, повеќе не е претпоставка, туку медицински факт – вели Јармуш.

Љубов Собол, соработничка на Навални, тврди дека нападот има „белези на Кремљ“. Нејзиниот сопруг во 2016 година бил боцнат со шприц со супстанција што предизвикала грчење на телото.

САД и Германија бараат темелна истрага

EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Навални беше префрлен од Русија во Германија во саботата, по личното барање од неговата сопруга до рускиот претседател Владимир Путин, како и поради притисокот врз Кремљ од лидерите на Германија, на Франција и на Финска. Навални пристигнал во Германија во изолиран „саркофаг“ со вентилација, кој вообичаено се користи за транспорт на пациенти од ковид-19.

Германската канцеларка Ангела Меркел ги повика руските власти да истражат како бил отруен Навални, да ги пронајдат и да ги казнат виновниците.

– Одговорните мора да бидат пронајдени и изведени пред суд – изјави Меркел.

Американскиот амбасадор во Москва, Џон Саливен, оцени дека потврдата за труењето на Навални претставува „клучен момент за Русија“. Во Москва вчера требаше да пристигне американскиот заменик државен секретар Стивен Биган, во рамките на турнејата низ регионот посветена главно на кризата во Белорусија.

– Ако Навални бил отруен, ова е многу значајно за САД – изјави Биган.

Го следеле секој чекор

Прес-секретарката Јармуш вели дека три дена откако официјално го пријавила случајот кај полицијата во Томск, сѐ уште не е отворена кривична постапка. Опозиционери додаваат и дека Навални бил постојано набљудуван додека бил на патувањето низ Сибир, особено во Новосибирск. Весникот „Московски комсомолец“, повикувајќи се на анонимни полициски извори, пишува дека полицијата внимателно го следела Навални и во Томск – каде се движел, со кого разговарал, каде престојувал, па дури и ги собрала неговите сметки за производите што ги купил од локална продавница и го следела додека заминал на ноќно капење во реката Том. Изворите, сепак, не веруваат дека Навални бил отруен во Томск.

– Службите за безбедност веруваат дека ако имало труење, тоа веројатно било на аеродромот или во авионот. Неговите движења и контакти во градот биле темелно проучувани – пишува „Комсомолец“.

 

Подготвил: Митко Билјаноски

The post Навални бил отруен со воен агенс сличен на „новичок“ appeared first on Слободен печат.


Навални бил отруен со воен агенс сличен на „новичок“ was first posted on август 26, 2020 at 9:08 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....