16.8 C
Скопје
23:31 - 30 април, 2024

Наспроти очекувањата, пандемијата на ковид-19 ги зацементира врските на ЕУ со Западен Балкан

Во мај, хрватската престолнина Загреб требаше да биде домаќин на самитот на Европската Унија – Западен Балкан, каде што лидерите, меѓу другото, требаше да го одобрат економскиот и инвестициски план за регионот. Овој план е една од трите компоненти на новиот пристап што Европската комисија го разви за регионот за да ги надополни првите две: ревидираната методологија за проширување на ЕУ, која Комисијата ја изнесе во февруари за да го врати кредибилитетот на една од најважните политики на ЕУ, и одлуката за отворање пристапни преговори со Албанија и со Северна Македонија, одобрена од лидерите на ЕУ во март, заедно со ревидираната методологија.

Пандемијата на ковид-19 не го отфрли овој внимателно поставен план: не ја промени нашата цел, амбиција, ниту решеност. Ова лесно можеше да се случи: пандемијата силно ја погоди Европската Унија и целиот континент и предизвика незамисливи загуби на животи. Комисијата презеде вонредни мерки за поддршка и помош на земјите членки во решавањето на кризата, за спасување животи, заштита на здравствените системи и ублажување на социоекономските последици. Но истовремено, Комисијата немаше сомнеж дека пандемијата може да се победи само со глобално дејствување и со работа со партнерите.

Ова беше најочигледно токму во Западен Балкан, регион во срцето на Европа, целосно опкружен со земјите членки на ЕУ. Западен Балкан беше првиот регион каде што ова размислување се преточи во акција. По првичните тешки денови, веќе во втората половина од март Комисијата презеде конкретни мерки за да обезбеди поддршка на сите партнери во регионот – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Мерките опфаќаа поддршка за итни потреби, како и за закрепнување на економијата, а финансиски тие се сега ненадминати со 3,3 милијарди евра во грантови и заеми.

Ваквата исклучителна солидарност не заврши тука: со оглед на нејзината европска перспектива, ЕУ ги третира земјите од Западен Балкан како привилегирани партнери со тоа што им дава пристап до голем број иницијативи и инструменти наменети за земјите членки. Ги поканивме владите да се приклучат на договорот за набавка на ЕУ за медицинска опрема, го ослободивме регионот од одобрението за извоз, додека зелените ленти за олеснување на транспортот на стоки беа проширени до границите со регионот и во неговите рамки. Регионот е поврзан со релевантни здравствени организации на ЕУ и земјите во преговори ќе можат да имаат корист од фондот за солидарност на ЕУ. Во исто време, на ЕУ ѝ значеше поддршката што ја доби од партнерите од Западен Балкан во облик на медицински персонал и опрема.

Самитот во Загреб се одржа како видеосредба, но сепак се одржа. Во оваа криза влеговме заедно и заедно треба и да излеземе од неа. Ние ќе го поддржиме економското закрепнување на регионот што истовремено ќе ги приближи партнерите до ЕУ. Нашите економии се тесно поврзани, а економскиот и инвестициски план што сега се очекува во втората половина од оваа година ќе биде дури уште позначаен. Неговата цел е да се поттикне долгорочното закрепнување, да се модернизираат економиите, да се зајакне растот, да се поддржат реформите што се потребни на патот кон ЕУ и со тоа да се започне со затворање на развојниот јаз и побрзо донесување на придобивките до луѓето.

Планот ќе се фокусира на поврзаноста, особено во транспортот и енергетиката, како и на економијата што функционира за луѓето, исто така преку дигитална и зелена трансформација. Во претстојните недели и месеци, регионот може да го стимулира овој план со тоа што ќе изнесе конкретни планови и идеи, но и со тесна соработка. Регионалната соработка и добрососедските односи несомнено ќе бидат клучни за економското закрепнување. Истото важи и за продолжувањето на реформите, што значи не само усвојување законодавство, туку и вистинско спроведување на преземените мерки. Фокусот и натаму треба да биде на владеењето на правото, функционирањето на демократските институции и јавната администрација.

Заедно ќе ја надминеме оваа криза и од неа ќе излеземе посилни: пандемијата на ковид-19 јасно потврди дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. Направивме важни чекори оваа година и покрај пандемијата и треба да продолжиме со дополнителни чекори со цел вистински обединет европски континент.

(авторот е комесар за соседска политика и преговори за проширување на ЕУ)

 

The post Наспроти очекувањата, пандемијата на ковид-19 ги зацементира врските на ЕУ со Западен Балкан appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....