15.8 C
Скопје
13:00 - 4 мај, 2024

Македонската десничарска растурена курбан-софра

Да беа ова нормални здравствени времиња, деновиве главната политичка тема во Македонија ќе беше двегодишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа. Вака, тоа одбележување, разбирливо, е потиснато во „втор план“, со по некоја пригодна изјава на потписниците и рутински медиумски прилози од хронолошки карактер.

Ништо посебно. И тоа е добра, всушност, многу добра вест. Во овој првичен, двегодишен, критичен период за спроведувањето на Договорот, тој функционира без битни проблеми, со тук-там минорни инциденти, но и конструктивен напор и на грчката и на македонската страна со Договорот да се релаксираат и унапредат односите меѓу двете земји кои триесетина години беа жртва на, во основа, ирационална билатерална расправ(иј)а.

Две години се мал период за да се согледаат сите аспекти на еден важен меѓудржавен договор. Да речеме дека за триесетина години ќе постои неопходната историска дистанца за да се контекстуализира Договорот од Преспа во неговата вистинска национална и регионална важност.

Но, животот не може да застане и да чека што ќе се случи за 30 години – напротив, многу скоро, веќе на 15 јули ќе имаме, повторно, можност за релативно прецизна проверка за односот на македонските граѓани кон Договорот: преку резултатите на парламентарните избори.

На избирачките ливчиња ја имаме класичната центро-лева и центро-десна поделба: СДСМ, потписниците на Договорот; и ВМРО-ДПМНЕ, партијата која направи многу до потпишувањето на Договорот да не дојде. Но, тоа е само почеток на дилемите на изборот меѓу „белото“ и „црното“ за кои ќе можат да се определат избирачите, бидејќи ако поддршката на Договорот е релативно едноставна операција со гласање за мултиетничката коалиција предводена од СДСМ и БЕСА, кај десничарските националистички „нијанси на црното“ темните варијанти доаѓаат во половина дузина матирани, лакирани, исполирани, а некои и како измачкани со молерска четка партиски конструкти, во споредба со кои ВМРО-ДПМНЕ делува како пристојна малограѓанска националистичка формација.

На пример, кога е односот кон Преспанскиот договор во прашање, која е разликата помеѓу траорната конзервативна демо-христијанска „Интегра“ на Љупчо Ристовски, наспроти интелектуалното позерство на „Гласот за Македонија“ на Солза Грчева или мешавината на полициско-уличарските и старо-вмровските националистички дејци од „Единствена Македонија“ на Јанко Бачев и Јове Кекеновски? Кога на тоа ќе ги додадете крипто-националистите од „Левица“ во експлицитен кадровски и идеолошки сојуз со ВМРО-ДПМНЕ, како да го направите вистинскиот избор за анти-преспанско гласање?

Сите тие се наоѓаат како поединечни опции на гласачкото ливче. Кој од нив, на скала од 1 до 10, е најрадикално против Преспанскиот договор?

Всушност, вистинското прашање е зошто ова колекција на националистички (а и шовинистички) тенори, баритони и мецосопран(к)и не успеале да се здружат и да направат една изборна коалиција – макар и губитничка – против Договорот од Преспа? Зошто сите тие не му веруваат на ВМРО-ДПМНЕ кога, како „најстар брат“ на македонскиот национализам, вели дека ќе работи на поништување на Договорот?

Па, прво, без разлика на степенот на радикалните будалести заложби, веројатно затоа што никој од нив не верува во реалната можност тој Договор навистина и да се поништи. Разбираат тие дека државната политика не е исто со кафеанските вечеринки и партиските собири (па и телевизиските студија) на кои можете предизборно-аутсајдерски да „лупетате“ што ќе ви падне на памет.

Второ, затоа што, во принцип, не веруваат во искреноста на ставовите на ова ВМРО-ДПМНЕ, за да се „побратимат“ со него. Мнозина предводници од оваа македонска националистичка „степска брезова шума“ токму ДПМНЕ го сметаат за „предавничка“ криминализирана варијанта во целиот спектар на етно-идентитетските македонски оперативи. Подетална анализа е излишна.

И, трето – можеби и најважно – меѓу лидерите на сите овие партии има толку многу черчилијански амбиции, што ни Калигула не би успеал да ги пореди во една дисциплинирана изборна колона…

На страна што и кај нив превладува уверувањето дека ДПМНЕ е на губитничка изборна патека, па зошто би го трошеле сопствениот „кредибилитет“ (може и без наводници), изборно позајмувајќи се во блендот на опозициската коалиција во која и сега има и отповеќе маакови, громови и национал-социјалисти, за да можат да се надеваат на сопствена промоција? Впрочем, и во самото ДПМНЕ се чека постизборната вечер со наточени јатагани, за да се реши „кој ќе биде Брут, а кој Цезар“… Зошто би се нуделе и самите за таа курбан-софра?

Така што ќе треба, сепак, да се навратиме на Преспанскиот договор кога ќе се слави неговата триесет годишнина, за да се види кој од неговите денешни противници не завршиле одвеани од виорот…

Прогноза? Таксативно, сите.

The post Македонската десничарска растурена курбан-софра appeared first on Слободен печат.


Македонската десничарска растурена курбан-софра was first posted on јуни 18, 2020 at 8:40 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....